Итна дезинфекција, дезинсекција и дератизација: На системот!

Ниту инциденти, ниту бојкоти нема да решат ништо. Напротив, само го продлабочуваат проблемот, а на граѓаните не им носат ништо добро. Градот трпи непоправливи штети поради ваквото присвојување јавни претпријатија од поединци што мислат дека можат да им го прават тоа на скопјани. А народот ќе чека и казните за таквото однесување ќе ги дистрибуира на овој или на оној начин, затоа што граѓаните не заслужуваат ваков башибозук и недомаќинско однесување

Скопје потона во ѓубре. Четири дена комуналците наместо да се грижат за чистотата на градот, за што уредно земаат плата од граѓаните, влегоа во вербална војна со директорката. Работата и работните обврски ги оставија настрана. И воопшто за тоа „ниту пет пари не даваат“. Како комуналното претпријатие да е нивна приватна сопственост… Како тоа да не е јавно претпријатие формирано од граѓаните на Скопје и како вработените и претпријатието да не треба да се грижат за одржување на чистотата на градот. Она што сега најмалку му е потребно на Скопје е нечија неодговорност за градот да го доведе да се задушува во сопствениот смет, кој со денови стои неподигнат на овие високи температури.

Треба ли посебно да се објаснува дека на граѓаните им се закануваат инфекции и зарази, а да не зборуваме за кучињата и ветрот, кои го разнесуваат ѓубрето насекаде, смрдеа, бактерии, микроорганизми се шират на сите страни… и сето тоа поради тоа што дел од вработените не сакаат да си ја сработат работата за која земаат плата.

Граѓаните не ги интересира кој е во право, а кој не. Комуналното претпријатие мора да си ја заврши работата за која е формирано. Проблемите на овој начин нема да се решат. Постојат прописи, закони, правилници за работа, впрочем, дијалогот е секогаш отворена варијанта за решавање на проблемите. Најмалку што им треба на Скопје и на скопјани е инаетење.

Но, исто така, на граѓаните не им требаат избрзани одлуки, кои можат да донесат само поголеми проблеми.

Во овој наплив на емоции и непромислени реакции, завчерашната ноќ се случија низа инциденти. Од легнување на асфалт, преку блокирање на камионите за собирање смет, до мобилизирање на општините самостојно да го собираат ѓубрето и истурање на насобраното ѓубре пред „Дрисла“.

Накратко кажано, се направија многу работи, а ефектот е никаков или негативен. Се вмеша и политиката, се фрлаа политички пароли на сите страни, секој гледаше да го искористи моментот, а сметот остана и натаму неподигнат. И кој имаше полза од тоа? НИКОЈ. Само попусто растеше гневот кај народот. Да не зборуваме за медиумите, од кои добар дел се ставија во служба на една или друга или трета политичка опција. Дури на моменти беше жално да се читаат или слушаат информациите „спакувани“ за потребите на одредени центри за комуникација. Но тоа е нашата стварност.

Малку кој загреба под површината за да види дали е вистина тоа што го зборува директорката дека имало флагрантни прекршувања на работната дисциплина, па дури и на законите. Затоа што ако е вистина дека одредена група луѓе си создале исклучително доходна приватна тезга на сметка на градот, тогаш ќе има работа и за некои други инстанци наместо со тоа да се занимава само управата на „Комунална хигиена“.

Од друга страна, вреди да се сослушаат и мислењата на вработените, да се видат нивните забелешки, па ако навистина менаџментот не се придржувал до пропишаното, тогаш е јасно каква е нивната судбина.

И така би требало да биде во нормална средина, неоптоварена со партиски, клановски, национални и какви било поделби. Кога би се гледала и би се почитувала само работата и ништо друго. Ако секој работи според пропишаното, тогаш не треба и не смее да има проблеми. Но ако се толерира башибозук, тогаш сигурно дека еден ден ќе дојде сметката за наплата.

Претпријатие мора да продолжи да работи во интерес на граѓаните. Ништо друго и ништо поинаку. Работата е толку едноставна.

А за да се дојде до тоа, потребен е дијалог. Ниту инциденти, ниту бојкоти нема да решат ништо. Напротив, само го продлабочуваат проблемот, а на граѓаните не им носат ништо добро. Градот трпи непоправливи штети поради ваквото присвојување јавни претпријатија од поединци што мислат дека тоа можат да им го прават на скопјани.

А народот ќе чека и казните за таквото однесување ќе ги дистрибуира на овој или на оној начин, затоа што граѓаните не заслужуваат ваков башибозук и недомаќинско однесување.

И сосема за крај, иако не помалку важно. Во вакви ситуации не смееме да дозволиме да се носат брзоплети решенија, кои на долг рок тешко можат да функционираат. Повод за ова се изјавите на некои од скопските градоначалници, кои излегоа со предлози да формираат самите комунални претпријатија што ќе го собираат сметот од општините.

Во овој момент една ваква избрзана одлука тешко дека ќе донесе нешто позитивно. Јавното комунално претпријатие е формирано и димензионирано токму за намената за која постои. Во овој момент е најважно да се решат внатрешните проблеми и тоа да почне да функционира нормално.

Сите идеи за поинакво решение во крајна линија можат да се стават на маса, темелно да се проанализираат, да се направат консултации со стручната јавност и да се донесат заклучоци. Но секое избрзано решение тешко дека ќе го реши проблемот.

[email protected]