Историјата на една држава е најдобрата учителка

Патриотските чувства кај младите генерации денес треба да се градат кај нив уште од најмлади години. Спомените за жртвите и историските датуми од нашата историја треба да бидат првата лекција што треба младите да ја научат во училишните клупи, зашто таквите лекции во последно време ги има сѐ помалку во учебниците, а во нивните „паметни телефони“ никогаш и не биле!

Мудрите рекле дека историјата е мајка на знаењето. Иако минатото со текот на времето и годините избледнува од сеќавањата, сепак историјата и почитта на народот кон минатото во голема мера ги одредуваат сегашноста и иднината на секоја една држава.
Без разлика на тоа што некои историчари и квазинаучници, во најголем број од соседството, водејќи се од своите најчесто болни и негаторски размислувања се обидуваат не само да ни ја ретушираат туку и да ни ја украдат историјата на државата, сепак Македонија може да се пофали дека има богата историја и голем број историски личности, кои не смеат да се заборават. Нивниот број е голем, дури може слободно да се каже и огромен, затоа што е огромен и бројот на жртвите што ги даде Македонија за остварување на својот вековен идеал за слобода: национална, социјална, а во Втората светска војна и антифашистичка.
Ги има од сите периоди на македонската историја, почнувајќи од првите буни и востанија за ослободување од вековното османлиско ропство, па сѐ до нашиот најнов Илинден, 8 Септември, денот кога Македонија, на референдум, со огромно мнозинство ја изгласа својата независност и на политичката карта во светот се етаблира како суверена, самостојна и независна држава, членка на светското семејство во Обединетите нации.
Македонија може со право да се гордее со своето славно минато. Македонскиот народ, иако со векови бил прогонуван, подложен на измачување, негирање, понижување…, никогаш не се помирувал со состојбата во која насила бил доведуван. Воден од слободарската мисла постојано го кревал својот глас и понекогаш дури голорак се борел за слобода.

Слободарската идеја никогаш не ги напуштила македонскиот народ и народите што живееле и живеат во Македонија, без разлика дали тие биле Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми…
Водени од таквите слободарски идеи, илјадници борци на Македонија ги вградиле своите млади животи во темелите на оваа држава во која сега живееме и ги чувствуваме благодатите на слободата. Најголемиот број од нив биле млади луѓе што не ги жалеле своите животи и во цутот на младоста се фатиле за оружје и тргнале во остварувањето на нивните идеали, како и вековните идеали на нивите предци. Некои од нив загинале уште при првиот јуриш, други од експлозиите на непријателските артилерии, трети во подготвените заседи, четврти не сакајќи живи да бидат фатени и измачувани самите си ги одзеле своите животи испукувајќи го последниот куршум што го чувале за себе.
Но иако секоја смрт на нивниот соборец или другар длабоко ги погодувала, сепак само малкумина од нив очајувале и им се предавале на стравот и грижата за својот живот. Напротив, секогаш со отворени очи ѝ пркоселе на смртта и продолжувале да се борат со непријателите за остварување на вековните идеали, за слобода и похуман живот.
Впрочем, не случајно на знамето врз кое се колнеле борците пишувало „Слобода или смрт!“. Смртта најчесто и во најголем број случаи била цената за слободата.
Затоа тие историски датуми и личности не треба само да не се заборават туку никогаш да не исчезнат од нашите сеќавања и спомени. Тие треба вечно да се паметат и одбележуваат, затоа што со херојските дела што ги направиле за татковината се запишале себеси во вечноста.
Оттаму со право деновиве силно одекнаа пораките на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од Тетово, на одбележувањето на 80-годишнината од формирањето на Комунистичката партија на Македонија, која го понесе товарот на борбата против бугарските, германските, италијанските и балистичките фашистички војски во Втората светска војна, за остварување на целта: ослободување од фашистичките окупатори, ослободување од јаремот на хегемоните од соседството и создавање своја национална – македонска држава!

Почитта кон жртвите и хероите, како и светлите датуми од нашето славно историско минато се најмалото нешто што треба да го правиме за нив. Тоа им го должиме ним. Одбележувањето на нивните херојски дела и жртвите што ги дадоа за нас, како и славењето на светлите датуми од нашата историја за ние, сегашните генерации, да живееме во мир и слобода, е наша елементарна обврска.
Кај нас секоја куќа, секој еден камен, секој рид, река, ливада дол… е историја. Најчесто натопени со крв. Во нив многу млади луѓе ги положиле своите млади животи. Во многу од тие места борците ги договарале своите борбени активности за како да ги поразат непријателските војски.
Историјата нѐ учи дека најголемиот број од борците биле млади луѓе, но полни со љубов и патриотизам кон татковината. Токму на нивните патриотски и родољубиви чувства, сегашните генерации жители на Македонија ги уживаат благодатите на слободата и сувереноста на државата.
Затоа, поради таквиот нивен влог во слободата, негувањето на патриотските чувства е нешто што е првостепено за секој еден народ. Таквите патриотски чувства кај младите генерации денес треба да се градат кај нив уште од најмлади години.
Спомените за жртвите и историските датуми од нашата историја треба да бидат првата лекција што треба младите да ја научат во училишните клупи, зашто таквите лекции во последно време ги има сѐ помалку во учебниците, а во нивните „паметни телефони“ никогаш и не биле.
Младите треба постојано да се потсетуваат дека слободата никому не му е подарена. Тоа најдобро во Тетово го илустрира борецот и актуелен претседател на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОБ на Македонија, Никола Стојановски, кој во обраќањето до присутните на прославата во Тетово рече:
„Народот веруваше во КПМ, затоа што единствено тргна да го ослободи македонскиот народ. Тоа беше прифатено од сите граѓаните. Јас сум 100 години, а тогаш бевме деца, но тргнавме по партизанските одреди и се боревме за да создадеме држава, прва по Самоиловото Царство“.
Овие пораки добро би било да допрат до сите, зашто Македонија е држава платена со многу крв и токму тоа затоа никој нема право да си игра ниту со минатото, ниту пак со иднината на оваа наша напатена држава, со векови негирана, ограбувана, палена, понижувана.