Градење мостови, а не ѕидови

И додека Македонија достоинствено покажа како треба да се негува културната соработка меѓу двата блиски народа и како треба уште повеќе да се продлабочува соработката, Бугарија, којзнае по кој пат, го покажа и докажа спротивното, односно покажа дека, според своето поведение и однесување, е многу далеку од европските вредности и сѐ уште е заглавена во некои минати анахрони времиња

Во доста тензична атмосфера, изминатиот викенд во Благоевград беше отворен македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“, што на некој начин претставува добра можност македонското малцинство во овој дел од Бугарија конечно да може да ги оствари своите малцински права утврдени со меѓународните конвенции, а кои подразбираат и право на негување на сопствената култура и традиција.
Она што беше порачано од отворањето на македонскиот културен клуб најдобро покажува како Македонија сака да гради добрососедски односи со Бугарија, преку запознавање на културата на соседот, двата посебни народа да се запознаваат, зближуваат и соработуваат.
„Денеска отвораме македонски културен клуб што ќе ја чува и развива македонската култура, кој ќе ја одржува жива културната врска меѓу Македонците во Бугарија и другите Македонци во светот. Клуб што ќе помогне во Бугарија да се запознае македонската култура, а преку неа и македонскиот народ. Запознавањето е првиот чекор кон разбирање и вистинско пријателство. Културната размена е она што навистина може да ги зближи луѓето и да ги претвори нивните разлики во нешто што привлекува, наместо да мрази, во духот на европскиот принцип ’Обединети во разликите’, во духот на македонскиот револуционер и идеолог Гоце Делчев: ’Светот го разбирам како поле за културен натпревар меѓу народите’. Така ќе можеме да градиме мостови, а не ѕидови“, беше пораката упатена од отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“.
Ако стануваше збор за една нормална демократска земја, згора на тоа и членка на Европската Унија, отворањето на ваквиот културен клуб на Македонците во Бугарија ќе поминеше со достојна информација во некој медиум, без некаква посебна помпа, со едноставна констатација дека бугарскиот и македонскиот народ продолжуваат да ја продлабочуваат културната соработка.

Но, наместо тоа, како што се наближуваше датумот за отворање на клубот, така зовриваа националистичките страсти во Бугарија, за на крајот тоа да резултира со силно полициско обезбедување, протести и недозволување да се положи цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во центарот на Благоевград, навредливи скандирања кон македонските делегации. Што е најтрагично, обичното население на овој бугарски град мирно си го минуваше топлиот есенски ден во локалните кафеани, без да има некаков проблем со Македонците и нивниот клуб, но очигледно некој сакаше да го претстави тоа како отпор на локалното бугарско население, кое се дигнало за да се спротивстави на отворањето на македонски културен клуб. Македонците добро го знаат Благоевград уште од минатото. Таму живее кроток и мирен народ, кој отсекогаш соработувал со Македонците. Во саботата главните „вреваџии“ беа само тврдокорните националисти доведени од други делови на Бугарија и предводени од бугарски европратеник, кој ја користи секоја можност да ги навредува Македонија и македонскиот народ, бидејќи освен навредите, нема што друго да понуди.
И додека Македонија достоинствено покажа како треба да се негува културната соработка меѓу двата блиски народа и како треба уште повеќе да се продлабочува соработката, Бугарија го покажа спротивното, односно покажа како уште повеќе да се оддалечат и замразат двата народа. Македонците го именуваа клубот „Никола Вапцаров“, знаејќи дека тоа име со ништо не ги провоцира Бугарите и дека е заедничко за двата народа, од друга страна Бугарија намерно ги именуваше културните клубови во Македонија според личности што немаат никаква допирна точка со културата, туку, напротив, работеле на уништување на Македонија и на македонскиот народ. Тоа најдобро можеше да се види од отворањето на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид, кога се виореа знамиња со царот во воена униформа. А симболиката е јасна, кога некој мавта со униформи, се знае кон што води тоа. Дури и една обична ученичка посета на деца од Македонија во Бугарија се злоупотреби лажно да се претстави дека станувало збор за некакви поддржувачи на идејата на Михајлов. Па, тие деца ниту знаат кој бил Иван Михајлов, а уште помалку ги интересира. Тие сакаа да се запознаат со своите врсници од Бугарија и да се дружат, а најмалку да се занимаваат со политика. По ова, кое училиште ќе се осмели да појде во посета на Бугарија, без да стравува дека некој нема да ја злоупотреби неговата посета? Ова е најдобриот доказ како бугарската ретроградна политика уништува секаква идеја за зближување меѓу двата народа, а таканаречените бугарски клубови треба да ѝ служат на таа цел.

Ако не е така, првиот чекор што може да го направат и да докажат дека се за културна соработка е уште денес да поднесат барање за пререгистрација на здруженијата и клубовите, па наместо „Иван Михајлов“, нека биде, еве, „Пеју Јаворов“, наместо „Цар Борис Трети“, нека го именуваат по првиот оригинален писател за деца во Бугарија, Елин Пелин (Димитар Иванов Стојанов). Тоа е вистинската културна соработка околу која ќе се обединуваат Македонците и Бугарите, исто како што ќе се обединуваат и околу поезијата на Вапцаров, имајќи ги предвид тешките времиња во кои живеат.
Тогаш нека никнуваат клубови и во Македонија и во Бугарија, без да мора полициски кордони да ги обезбедуваат посетителите.
И не само бугарските националисти, одговорност за креирање на таквата тензична атмосфера пред отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ има и македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој најпрво се дрзна да го прави она што не треба да го прави, да истражува кој бил наводниот финансиер на македонскиот клуб во Благоевград, и потоа да ја повторува старата реторика, дека е некој русофил, дека е контра македонските геостратегиски интереси и слично. Османи треба да се заинтересира и да подистражи кој што прави во неговата земја, да истражи како тоа дошло до регистрација на бугарски клубови со нацистички имиња. И не само да истражи туку и да реагира институционално и да бара одговорност за таквите провокации и навреди кон македонскиот народ и држава.
Згора на тоа, Османи уште рече дека тој клуб на Македонците во Благоевград ќе ги нарушел геостратегиските интереси на земјава и дополнително ќе ги влошел односите меѓу двете земји. Какви геостратегиски интереси ќе наруши приватниот културен клуб во Благоевград, кога геостратегиските интереси не ги нарушија бугарските здруженија во земјава со јавно прокламирана нацифашистичка платформа? Зошто, тогаш, Османи не го крена одлучно својот глас или, пак, „се сили“ само врз својот народ?
Едно е јасно, сета оваа тензична атмосфера што се создаде меѓу Македонија и Бугарија е резултат на исклучително лошиот Договор за добрососедство, пријателство и соработка, кој по ниту една основа не може да се нарече така. Ниту е договор, ниту има пријателство, уште помалку соработка, а за добрососедството да не правиме муабет. Овој документ на неколку странички беше замислен набрзина да се покаже пред очите на меѓународната јавност дека се затворило едно отворено прашање, но само покажа дека не само што не се затвори туку целосно ги повампири апетитите од минатото.

Сепак, културниот клуб во Благоевград, македонскиот центар во Софија, како и неодамнешниот почеток на повторната изградба на пругата кон Бугарија, на која присуствуваа премиерите од двете земји, покажува дека Македонија и Бугарија имаат многу допирни точки околу кои можат да се здружуваат, како културата, образованието, инфраструктурата, медицината, спортот, и да градат вистински блиски односи меѓу двата народа, ослободени од сеништата на историјата, која всушност е тоа јаболко на раздорот. Тогаш и во бугарските културни клубови во земјава, кои би се преименувале во „Пеју Јаворов“ и „Елин Пелин“, како и многу други што ќе се отворат, како и во македонските во Бугарија, ќе се читаат поезија и раскази, ќе се преведуваат романи, ќе се обединува културата. Сё друго е само јалови обиди за бугарска провокација, дезинформација и дезинтеграција. А тоа не се и никогаш нема да бидат европски вредности.