Петтата конференција на Меѓународната асоцијација на најдобри едукатори од поранешните југословенски простори се одржа од 23 до 25 октомври во Требиње, БиХ

Домаќин на петтата конференција на „АНН екс ЈУ“ – меѓународна асоцијација на најдобрите наставници и едукатори од поранешните југословенски простори, која се одржа од 23 до 25 октомври, беше градот Требиње, Босна и Херцеговина, Република Српска.
Претходните конференции под мотото „Образованието ги брише границите“ се одржaа во Скопје, Будва, Белград и во Сараево.
Основачите, Весела Богдановиќ од Македонија и Жељана Радојчиќ Лукиќ од Србија, носители на признанието „Ворлд тичер прајс“, кое ги вбројува во 50-те најдобри наставници на светот, и 12 соосновачи од неколку други држави од поранешните југословенски простори и годинава ја собраа образовната елита од регионот на едно место. Ова е единствена асоцијација од ваков вид, која функционира единствено на ентузијастичка основа и со заложба на своите основачи и членови и има цел да ја афирмира работата на просветните работници од сите нивоа на воспитно-образовниот процес, со цел да се пронајдат најдобрите и најуспешни едукатори, кои ќе бидат мотив и инспирација за сите, кои за своја животна професија ја одбрале професијата наставник.
Во Требиње овој пат учествуваа 17 наставници од Македонија. Некои од нив настапија на Саемот на образованието, организиран во рамките на конференцијата, како презентери на своите проекти и образовни практики, со кои во своето досегашно професионално искуство постигнале високи резултати и се добитници на голем број домашни и меѓународни признанија. Дел од тимот што ја претставуваше нашата држава се претстави на заеднички штанд под мотото „Македонија мотивира“, креирајќи оригинални мотивациски пораки.
Петтата Меѓународна конференција се одржа под мотото „Образованието ги брише границите“, а петмина просветни работници од Македонија го понесоа признанието „најдобар наставник“: Климентина Петрушевска, од градинката „Весели Цветови“ – Скопје, Василка Ѓурчиновски, од ОУД (Општински ученички дом) „Лазар Лазаревски“ – Велес, Станче Штејровска, од ООУ „Крсте Мисирков“ – Куманово, Хилда Димитриевска, од ООУ „Крсте Мисирков“ – Куманово и Маја Георгиева Павловски, од ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ – Скопје.
Дивна Карапанчева од ООУ „Вера Циривири Трена“ во Скопје доби диплома за најоригинален штанд на Саемот на образованието.
Исто така, некои од наставниците учествуваа во свеченото отворање на манифестацијата и во панел-дискусиите на актуелни воспитно-образовни теми.

Амбасадорки за 5

Ксенија Маказлиева Трајчева, амбасадорка на „АНН екс ЈУ“ од 2019 година, на оваа конференција го доби признанието „амбасадор за 5“, како најдобар амбасадор што доаѓа надвор од воспитно-образовниот процес за континуирана поддршка на наставниците, асоцијацијата и на сите досегашни конференции.
Јелена Мандиќ, наставничка во ООУ „Вук Караџиќ“ во Куманово, пак, доби признание за „амбасадор за 5“, како наставник што редовно учествува и ги промовира сите пет конференции на „АНН екс ЈУ“.
Втора година на по ред на Меѓународната асоцијација на најдобрите наставници се избираат и претставници од образованието за титулата „најдобар директор“. Годинава од Македонија признанието ѝ припадна на Кети Стевананџија, од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“, Прилеп.

Најдобра директорка

Кети Стевананџија веќе четири години како раководителка на ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“, Прилеп, успешно ја реализира својата програма како директорка. Целосно е реновирано училиштето изградено во далечната 1959/60 година, со што установата доби нов современ изглед. Набавени се голем дел на лектирните и други списанија за потребите на училиштето, а наставниците се вклучени во голем број проекти, обуки, вебинари – на локално, државно и на национално ниво. Голем број наставници се наградени за нивните постигнувања, а истовремено и голем е бројот на наградени ученици за своите знаења, умеења и вештини. Но највисоката цел што како раководно лице си ја поставила Кети Стевананџија е изградбата на мултинаменска, енергетски ефикасна фискултурна сала во состав на училиштето, 61 година по основањето на истото тоа.
На повикот од оваа асоцијација, Кети Стевананџија истакна дека ја пополнила апликацијата за најдобар директор од земјите на поранешна Југославија, која била доста обемна. Се состоела од 27 барања, на кои требало да се прикачуваат документи, слики, изјави за целокупната работа од тој период како раководител. Сепак ништо не е невозможно, а добиеното признание е потврда за нејзиниот професионален ангажман како директор. Вели дека досега ова ѝ е најдрага награда затоа што доаѓа од Асоцијација за најдобри наставници во регионот. Таа за себе вели дека, пред сѐ, е наставничка, но среќна е и благодарна за можноста да биде раководителка и да има можност да го подобри сето она што ѝ пречело во образовниот процес.

Ф.Д.