- Никој нема право на една нација да ѝ објаснува што носи во сопствената меморија. Затоа, секоја злоупотреба на историјата за да се произведе впечаток дека еден народ е само „продолжение“ на друг мора да биде препознаена и разобличена
Во последниве денови, реториката за „генетска меморија“ стана составен дел од арсеналот на бугарската националистичка и шовинистичка политика кон Македонија и македонскиот народ. На прв поглед, тоа може да изгледа како симболична метафора, но суштината е многу подлабока: станува збор за политички код што се вградува во културни и хуманитарни активности за да се пренесе порака за идентитетска континуитетност и да се создаде впечаток за „природна“ врска меѓу Македонците и Бугарија. Оваа реторика не е случајна. Кога се зборува за „генетска меморија“, тоа е обид да се создаде впечаток дека Македонците без разлика на место на раѓање и живеење носат во себе „вродена“ врска со Бугарија. Со ова се поткопува идејата дека македонскиот народ е самостоен субјект.
Со ваквиот дискурс се засилува националната самодоверба во Бугарија. Државата се претставува како носител на „генетски врски“ со заедници надвор од нејзините граници, што создава впечаток дека бугарската нација има историска и биолошка мисија да ги „заштити“ тие заедници. Мора да потсетиме дека кога се зборува за генетска врска, тоа е порака за единство и национална гордост. Таа служи за мобилизација на граѓаните околу идејата дека Бугарија има природно право да биде присутна во регионот. Истовремено, реториката создава симболичка рамка во која македонскиот идентитет се прикажува како „вештачки“ или „наметнат“, а бугарскиот како „природен“ и „наследен“. Ова е стратегија на делегитимација. Со тоа се испраќа порака дека македонската самостојност е историски неприродна, а бугарската е единствено автентична. Тоа е начин да се поткопа меѓународната позиција на Македонија и да се создаде сомнеж околу нејзиниот идентитет.
Овој тип реторика има длабоки корени во европската историја и не може да се разбере само како изолирана појава. Во 19 и 20 век, особено во Германија, се развија расни теории што ја врзуваа националната припадност со „крвта“ и „расата“. Тие не беа само академски конструкции туку се претворија во политички програми што ја редефинираа самата суштина на националниот идентитет. Нацистичката доктрина за „ариевската раса“ е најекстремен пример – таму биологизацијата на идентитетот не само што доведе до систематска дискриминација туку и до прогон, масовно насилство и геноцид. Овој преседан јасно покажува колку опасно може да биде заменувањето на културната меморија со биолошка предодреденост. Кога идентитетот се сведува на „крвна врска“, тогаш културните, јазичните и историските слоеви на заедницата се избришани, а човекот се претвора во биолошка категорија што може да биде исклучена, асимилирана или уништена.
Ваквите реторики создаваат атмосфера на постојана закана и мобилизација, каде што секоја културна акција се претставува како дел од национална одбрана, а секоја хуманитарна мисија како средство за идентитетско влијание. Токму затоа, современата употреба на „генетска меморија“ во политичкиот дискурс мора да се гледа со критичко око – таа е продолжение на една опасна традиција што ја заменува историјата со биологија и ја поткопува самостојноста на народите.
Ваквата реторика е дел од пошироката политика на Софија – политика што под превезот на културна и хуманитарна соработка настојува да го пренасочи идентитетскиот дискурс. Суштината е во симболиката, кога државата и невладиниот сектор настапуваат заедно, тоа е демонстрација на сила. Медицинската или културната акција станува институционален потпис на Бугарија врз македонска територија – чин на присвојување, а не на рамноправен дијалог. Историјата нè учи дека биологизацијата на идентитетот не гради мостови, туку ѕидови, и секогаш остава длабоки траги на поделба и асимилација.
Никој нема право на една нација да ѝ објаснува што носи во сопствената меморија. Затоа, секоја злоупотреба на историјата за да се произведе впечаток дека еден народ е само „продолжение“ на друг мора да биде препознаена и разобличена. Македонскиот идентитет не е лабораториски резултат, ниту туѓо политичко наследство. Тој е историски, јазичен и културен процес создаван низ генерации и не може да биде поништен со политички конструкции за „крв“, „генетика“ или однапред зададена припадност.
И кога некој ќе се обиде да ни каже дека нашата припадност е запишана во туѓа „генетска меморија“, најсилниот одговор е едноставен: македонскиот идентитет не е туѓо наследство што некој треба да ни го признае, туку тој е наше историско и живо право што никој не може да ни го одземе.
































