Европа до Антарктикот!

Сурфајќи деновиве низ некои од странските медиуми, бидејќи домашниве и натаму се занимаваат со разно-разни речни наноси пласирани од домашниве политичари, вниманието ми го привлече еден бомбастичен наслов: „ЕУ се подготвува за големо проширување!“ Ај мајката, си велам, зарем Брисел тргнал конечно да го пикне цел Балкан во ЕУ, онака, со ограничени права, ама да сме внатре. Ајде и тоа чудо да го дочекаме. И со таков радосен восклик побрзав да кликнам на глувчето да го проверам насловот, кога таму стварно европските апаратчици да ти планирале големо проширување, поголемо здравје, дури цела Канада да ја приберат во ЕУ. А Канада богами не е мала, па насловот реално го отсликува текстот, дека се подготвува „гооолемо“ проширување, безмалку 10 милиони нови квадратни километри добива ЕУ.
Бре си велам, мала беше Украина, па сега Канада решиле да ја приберат под европскиот чадор. А имајќи предвид дека Австралија веќе неколку години се натпреварува на „Евровизија“, ништо чудно следното големо проширување на ЕУ да биде и со австралискиот континент, па зошто да не и со Нов Зеланд кога тргнала веќе работата, а сето тоа проширување нема да биде комплетно ако не финишира со Антарктикот, зашто Гренланд е наш! Па нека каже некој тогаш дека ЕУ не е фактор.
Шегата настрана. Навистина ЕУ и Канада отвораат разговори за можно придружно членство на Канада и нема ништо спорно во соработката со Канада, Австралија или со која било друга држава. Напротив. Но човек не може, а да не се запраша: Како ЕУ размислува да ги прошири своите граници до другата страна на светот, а не може да го доврши обединувањето на сопствениот континент? Мислам, навистина како? Што ако Бугарија стави вето поради правата на бугарското малцинство во селата покрај северниот брег на езерото Онтарио? Или ако Грција се побуни поради името на градот Атина во провинцијата Онтарио и побара Канаѓаните да го сменат, во спротивно вето.
Апсурдно е што Македонија и другите земји од Западен Балкан со децении чекаат пред европската врата и не мрднаа ни чекор, без оглед што некои направија сериозни реформи, прифатија тешки компромиси, односно го сменија името на државата, па пак не се предводници.
И додека овде чмаеме во европската чекалница, Европа ќе се шири наоколу. Не со членство, туку со партнерства, придружувања и нови геополитички формати. Сето тоа можеби е дел од обидот на Брисел да покаже дека е важен светски играч откако културно го отстранија од сите преговарачки маси. Но една Европа што не може да ги реши сопствените проблеми тешко може да убеди некого дека е подготвена да ги решава светот и светските проблеми.
Јасно е дека ЕУ сака да биде силна геополитичка сила. И треба да биде. Но силата не се гради само со воени буџети, нови стратешки партнери и големи декларации. Силна Европа се гради со демократија, владеење на правото, почитување на човековите права и еднакви правила за сите. Тоа значи дека ако нам ни рекле дека името е последната пречка, тогаш така требаше и да биде. Со решавањето на името требаше веќе да сме во ЕУ, односно можеше некому да му текне во таа фамозна Преспанска спогодба да стави и една таква обврзувачка точка „промена на име – членство во ЕУ“. Тоа е принципиелност и почитување на дадениот збор.

За жал, токму тука Брисел има сериозен проблем. Од кандидатите се бараат Копенхашките критериуми, а во самата Унија има членки што со години се соочуваат со критики за состојбата на демократијата и владеењето на правото. И мува не ги лази. Ни пресуди, ни бутур.
Од друга страна, од Македонија се бараат нови отстапки, додека билатералните условувања ја држат блокирана на европскиот пат.
Да биде парадоксот уште поголем, ЕУ сака да ги штити своите граници со помош на земјите од Западен Балкан, преку Фронтекс, од друга страна не е подготвена да им даде јасна политичка перспектива.
По нивната логика, европската граница може да стигне до Македонија, но европското членство никако да стигне до нас. Уште и ЕТИАС и слични глупости ни накалемуваат. И тоа не е само балкански проблем, тоа е европски проблем. Ако Унијата продолжи да ги менува правилата, да ги одложува ветувањата и да прави разлика меѓу големите и малите, тогаш ризикува да ја изгуби токму онаа вредност со која некогаш ги привлече сите.
ЕУ не смее да заборави дека нејзината сила не е во тоа колку држави може да привлече во својата орбита, туку колку доверба може да создаде меѓу оние што веќе се во неа.
Ако продолжи да се оддалечува од своите основни вредности, проблемот нема да биде само што нема да прима нови членки, туку ќе почне да ги губи и оние што веќе ги има. А сигналите на последните избори во повеќе европски земји се такви.
Затоа, пред да почне да размислува за придружно членство на Канада, ЕУ би требало да се врати на почетокот, односно на основите кога беа удрени темелите на обединета Европа. Оваа сегашна Европа треба да си ги пушти нозете колку што ѝ е чергата, односно да се врати на демократијата, на еднаквите правила, на владеењето на правото, на човековите права и првенствено на географијата, онаа европската. И на ветувањето дека Европа ќе биде заедница на вредности, а не клуб во кој најмоќните одлучуваат кој може да влезе, кога и под кои услови.
Затоа е клучно прво тука, на Стариот Континент, да ги обедини сите што ги споделуваат вистинските европски вредности и таква, обединета и силна, да склучува партнерства што ќе ја подобруваат благосостојбата на Европејците наместо да води военоподбуцнувачка политика што никој не ја посакува. Впрочем, Европа не станува поголема сила кога само ги шири својата орбита и влијание на овој или на оној континент, туку станува посилна кога повторно ќе почне да им верува на сопствените принципи.