ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА ОДБОЈКАРИ
- Македонија игра со Португалија денеска (од 15 ч.) и со Израел утре (од 15 ч.). Со две победи, црвено-жолтите ќе имаат реални шанси за пласман во осминафиналето
Бранителот на европската титула, репрезентацијата на Полска, ја потврди фаворитската улога во групата Б, која се игра во Софија, и стигна до својата трета победа во низа, откако со 3-0 во сетови (25-19, 25-16, 25-13) ја совлада Македонија на 34. Европско првенство (ЕП) за одбојкари. Македонија го претрпе и третиот пораз и по три кола е без освоен бод и сет. Селекторот Јошко Миленкоски им даде повеќе простор за игра на играчите со поскромна минутажа, чувајќи ја свежината на поискусните за двата решавачки дуела, со Португалија (денеска, од 15 часот) и со Израел (утре, од 15 часот). Актуелниот првак Полска сето време го диктираше темпото на игра. Александар Љафтов освои осум, Стојан Илиев имаше пет, а Кристијан Илијев впиша четири поени во македонскиот состав. Во другите два меча од групата Б, Украина ја победи Бугарија со 3-1, а Израел славеше на дуелот со Португалија, со 3-2.
– Задоволен сум од натпреварот, беше добро, а во одредени моменти беше и егал. Нивниот квалитет е малку повисок, но не се предадовме до крајот на мечот. Актуелниот европски првак Полска мислам ќе оди на уште едно злато. За нас првенството почнува од наредниот натпревар, одиме на две победи и се надеваме дека ќе се пласираме во следната фаза – вели средниот блокер, Филип Маџунков, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Македонија и Полска вторпат се сретнаа во групната фаза на континенталните собири откако овие две селекции играа и во групата во Скопје во 2023 година. Полјаците на ЕП 2026 имаат три максимални победи. Македонија во настапите на ЕП третпат играше против актуелен европски шампион. Освен сега со Полска и претходните два ги загуби, од Русија во 2019 во Љубљана (0-3), односно во 2023 година во Бари (0-3) од Италија. Сепак, за Македонија следуваат двата најзначајни меча. Со две победи црвено-жолтите ќе имаат реални шанси за пласман во осминафиналето.
Денешниот ривал, селекцијата на Португалија, како и Македонија, настапува на четврто ЕП во низа, вкупно осум во нејзината историја. Најдобриот пласман го оствари во 1948 година кога го освои четвртото место. Португалија е единствената машка селекција што ги подобрува своите конечни пласмани на секое првенство (20-та на ЕП 2019, 15-та на ЕП 2021, 10-та на ЕП 2023). Токму со 10-то место на ЕП 2023 и обезбеди директен пласман на ЕП 2026. Статистиката вели дека Португалија на 36 одиграни натпревари на континенталните првенства има 13 победи и 23 порази. На СП 2025 во осминафиналето загуби со 0-3 од Бугарија. Во годинашното издание од Европската лига запиша четири победи и два пораза, предводени од Александар Фереира, кој беше нивен најдобар стрелец со 83 поени. Фереира беше прв поентер на Португалија и на ЕП 2023 (95), како и на претходните два европски шампионата (во 2019 година со 83 и во 2021 година со 79 поени). Селекторот Жоао Хозе ја предводеше Португалија и на ЕП во 2023 година, а како поранешен репрезентативец со Португалија триумфирал во Европската лига во 2010 година.
– Сега доаѓа најубавиот момент кога играме со репрезентации, кои се поблиску до нашето ниво. Сега ние мораме да бидеме тие што ќе ги нападнеме со сервис и потоа со нашиот блок да го стопираме нивниот напад. Играме против Португалија, репрезентација што игра многу брза и паметна одбојка и токму затоа мора да бидеме внимателни на нивниот напад. Не грешат многу, па нашиот блок и одбрана мора да бидат на многу високо ниво. Ако сервираме добро, мислам дека многу ќе си ја олесниме работата – вели организаторот на играта во репрезентацијата, Ѓорѓи Ѓоргиев, пренесе ОФМ. Г.И.
ГРУПА Б
Македонија – Полска 0-3
Бугарија – Украина 1-3
Португалија – Израел 2-3
Украина – Португалија вчера
Бугарија – Израел вчера
Македонија – Португалија 15 ч.
Полска – Украина 18 ч.
Израел – Македонија утре, 15 ч.
Полска – Бугарија утре, 18 ч.
ТАБЕЛА
Полска 3 3 0 9-0 9
Украина 3 3 0 9-2 6
Бугарија 3 2 1 7-3 6
Израел 3 1 2 4-8 2
Португалија 3 0 3 2-9 1
Македонија 3 0 3 0-9 0































