Таткото Иван и ќерката Јована Шурбевски со „Распеан хаос“ носат позитивни вибрации

 

Повеќе од една година на социјалната мрежа Инстаграм е достапен профилот насловен „Распеан хаос“. Видеоматеријалите на овој профил содржат симпатични музички записи што им го разубавуваат секојдневието на стотици следбеници. „Колибри“ и овој пат сакаше да ја задоволи својата љубопитност и да поразговара со „главните виновници“.
Дуетот „Распеан хаос“ го чинат Иван и Јована Шурбевски, татко и ќерка од Скопје. Јована има шест години и е прваче од оваа учебна година, а таткото Иван покрај примарната професија, се занимава и со музика.
Песничката „Кире Бананамен“ е испеана на детскиот музички фестивал СИ-ДО од Тони Јанкуловски во 1992 година, музиката и аранжманот се на Горан Милошески, а текстот го напишал Сашо Ацески-Цик. Токму овој фестивалски детски хит бил прва снимка на Јована и Иван.
– „Распеан хаос“ настана сосема случајно. Ја пеевме песната „Кире Бананамен“ и решив да ја снимиме. Ја објавив како приказна (стори) на мојот личен профил и имавме доста позитивни коментари. Потоа одвреме-навреме се снимавме и споделувавме, а по многубројните позитивни реакции од пријателите, решив да направам наш јавен инстаграм-профил каде што ќе ги ставаме нашите снимени песни – раскажува Иван, таткото на Јована.
По негова иницијатива, која со радост ја прифатила Јована, продолжиле со снимање други видеа, па така, денес на нивниот профил може да се слушнат познати рефрени од претежно македонски народни, забавни и детски песни, поранешни југословенски хитови, како и песни од англиското говорно подрачје.

Од нивното виртуелно музичко студио можете да ги слушнете и народните и обнародените песни како „Во борба македонски народе“, „Куќа имам на Пелистер“, новокомпонираните како „Наздрави за љубов“ на Јордан Митев, хумористичните како „Шуруп“ на „Дуо трио“ (К-15), класиците како „Као какао“ на „Леб и сол“, евергрините како „223-305“ на Драган Мијалковски, „Чили Вили“ на Ристо Самарџиев, „Ноќна кралица“ на Ерзана, хитовите на групите „Студени нозе“, „Нулта позитив“ и многу други. Тука се и дел од песните со кои Македонија низ годините се претставуваше на „Евровизија“, но снимена е и „Кап-кап“ на „Златно славејче“, хитови на Јосипа Лисац, Мајкл Џексон, „Квин“…
Изборот на песните го прави Иван, со цел на еден забавен начин да гради истенчен музички вкус кај својата ќерка.
– Песните ги избирам јас, со тоа што гледам да бидат пред сѐ македонски песни, иако имаме и понекоја песна на англиски јазик и нешто на српски и на хрватски. Избирам песни што мислам дека се убави според мојот вкус и вредат да бидат испеани од наша страна. Гледам да не бидат со многу тежок текст, иако досега сме пееле и песни со повеќе текст и посложени и не ни претставувало некој проблем. Најмногу пееме македонски песни зашто сакаме да кажеме дека имаме многу убава македонска музика – вели Иван.
Очигледно, бројот на следачи расте и тоа ги радува Јована и Иван, а често во коментари и во пораки добиваат комплименти што покажува дека се интересни за јавноста и дека се на добар пат.

– Целта ни е да се забавуваме, да се смееме, да учиме нови песни и да се подобруваме во пеењето – вели таткото.
За Јована природно доаѓа љубовта кон музиката и кон пеењето со оглед на тоа што потекнува од музичко семејство, бидејќи нејзиниот дедо, татко и стрико се музичари.
– Сакам да пеам, да глумам и да танцувам. Но, како и другите деца, сакам и да си играм со другарчињата и да се дружам. А додека снимаме со тато, многу ми е забавно, затоа што многу се смееме – ни рече Јована.
По повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, ова симпатично дуо ги почести многубројните обожаватели со изведба на македонската химна „Денес над Македонија“. Останува будно да го следиме нивниот профил за да видиме кое ќе биде нивното следно музичко изненадување. Засега со ведри тонови го освојуваат виртуелниот простор, но можеби во иднина ќе ги слушнеме и ќе ги видиме на сцена во живо.