Важно е, на пример, да се продолжи со енергетски ефикасни решенија за сите спортски објекти на кои тоа им е потребно. Сето тоа со помош на локалната, државната заедница, МОК, АМС, меѓународните спортски федерации и други интернационални институции…, секој според својата надлежност. Клубовите, меѓу другото, би имале можност значително да заштедат сума што би можеле да ја насочат во друг развој, таквата транзиција, која на основно ниво би значела подобри услови за тренинзи и за натпревари, особено во лето и во зима, би донела и други придобивки, на пример квантитативен скок во бројот на млади што би почнале да се занимаваат со спорт, уште повеќе што би останале во одреден спорт, а потоа тој квантитет ќе донесе и квалитет… Само како еден чекор
Пандемија, економска криза, енергетска криза, климатски промени… Имун на овие влијанија, секако, не е ниту спортот, особено ако сите, барем овие четири, се на сцената истовремено, секој со свое влијание врз работата на клубовите, генерално врз функционирањето на спортот.
За состојбата во Европа читаме за големите загуби што ќе ги имаат или веќе ги трпат големите клубови, помалите клубови имаат помали, но само како бројка, не и како влијание врз нив, некои банкротирале итн. Одамна и во светски рамки во светот на спортот се зборува за енергетска ефикасност, одржливост, заштеда, емисии на јаглерод…, термини што главно на прва топка не се поврзуваа со спортот. Но спортистите, клубовите, федерациите и цели спортови сѐ почесто дејствуваат на овој план, Обединетите нации го препознаваат ова во форма на нивната рамка за акција „Спорт за клима“, која бара од спортските тела да потпишат пет клучни принципи: преземање систематски напори за промовирање поголема одговорност за животната средина, намалување на целокупното влијание на климата, едукација за климатски активности, промовирање одржлива и одговорна потрошувачка и застапување за климатска акција преку комуникација. Спортот, кој е огромен бизнис, со единствен глобален досег и ангажман и кој многумина го гледаат и како клучна алатка за комуникација низ целиот свет, имаше значаен настап и на неодамнешната климатската конференција КОП26 на Обединетите нации, во Глазгов. Меѓу другото, рамката на ОН, која го позиционира спортот на патот на економија со ниски емисии на јаглерод, објави нови цели за преполовување на емисиите до 2030 година и нето нула до 2040 година. „Ова е повеќе отколку што се бара од владите да направат. Во моментов се бара од владите да бидат нето нула до 2050 година, но ние сакаме спортот да биде победник“, вели Патрициа Еспиноза, извршна секретарка на акцијата на „Спорт за клима“.
За англискиот фудбалски нисколигаш Форест грин роверс велат дека е „најзелениот“ клуб во светот. Тој вовел многу мерки за одржливост, вклучувајќи соларни панели, рециклирање вода, косилка на соларна енергија управувана со ГПС, места за полнење електрични автомобили, собирање дождовница и нејзина употреба… Форест грин ѝ враќа и на заедницата преку различни програми, клубот има своја амбасадорска шема, за врска помеѓу клубот и локалните училишта, има бесплатна едукативна програма за училиштата и за локалната заедница за придобивките од спортот, здравјето и од одржливоста, а и локалните бизниси имаат огромна корист од зелената активност на клубот. Тоа, секако, не е осамен, пионерски пример. Во Англија и врвните клубови, премиерлигашите, се вртат кон одржливост (заштеда, но и влијание врз климатските промени) и имаат свое рангирање. На врвот за 2020 година, според англиски медиуми, се Тотенхем, Арсенал, Брајтон, Манчестер јунајтед, Манчестер сити… За бодувањето предвид биле земени употребата на чиста енергија, енергетската ефикасност, одржливиот транспорт, редукцијата на употреба на пластика за еднократна употреба, менаџирањето со отпад, ефикасната употреба на водата, употребата на растителна храна…
Но не мора да се оди толку далеку, особено што ниту Форест грин, на пример, одеднаш не стигнал до таа точка да биде именуван како „најзелен“. Сепак, важно е, на пример, да се продолжи со енергетски ефикасни решенија за сите спортски објекти на кои тоа им е потребно. Сето тоа со помош на спонзори, локалната, државната заедница, МОК, АМС, меѓународните спортски федерации и други интернационални институции…, секој според својата надлежност.
Само со термичката изолација, штедливите светилки, но и, на пример, соларните панели, клубовите би имале можност значително да заштедат сума што би можеле да ја насочат во друг развој. Таквата транзиција, која на основно ниво би значела подобри услови за тренинзи и за натпревари, особено во лето и во зима, би донела и други придобивки, на пример квантитативен скок во бројот на млади што би почнале да се занимаваат со спорт, уште повеќе што би останале во одреден спорт, а потоа тој квантитет ќе донесе и квалитет… Само како еден чекор.
Сево ова станува уште поважно во време на криза. И особено што промените можат да донесат и добивка и придобивка. „Спортот има моќ да го промени светот. Има моќ да инспирира, да ги обединува луѓето на начин како што малку други нешта го прават тоа. Спортот зборува со младите на јазик што тие го разбираат“, рекол Нелсон Мандела.