Фото: Христијан Мицкоски/Фејсбук

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека сите граѓани ќе имаат обврска да плаќаат данок, нагласувајќи дека „ред мора да се воспостави“ додека актуелната Влада е на власт.

Одговарајќи на пратеничко прашање од Скендер Реџепи, Мицкоски се осврна на дилемите околу даночниот третман на резидентни и нерезидентни граѓани, повикувајќи се на одлука на Уставен суд.

Според него, судот јасно укажал дека не треба да постои поделба во контекст на пописот, туку како релевантен се смета само оној што е попишан „лице в лице“. Тој додаде дека нерезидентите не можат прецизно да се распределат по општини бидејќи не живеат постојано во државата.

Во однос на данокот на имот, премиерот истакна дека обврската важи за сите сопственици, без разлика на државјанството.

 – И ако некој не е македонски државјанин, а има имот тука, ќе плаќа данок. Така е секаде во светот – рече Мицкоски.

Тој се осврна и на граѓаните кои остваруваат приходи во странство, потсетувајќи дека законската обврска за нивно пријавување постои од 2020 година.

Мицкоски нагласи дека Управа за јавни приходи е должна да ги извести граѓаните за обврската, а доколку приходот веќе е оданочен во странство, нема да има двојно оданочување, потребно е само да се приложи соодветна документација.

 – Не може едни да плаќаат, а други не. Тоа ќе се промени – порача премиерот.

Тој додаде дека државата се соочува со значителна сива економија, која според проценките изнесува околу 40 проценти, и дека воспоставувањето даночна дисциплина е неопходно за функционирањето на системот.