Фото: МИА

Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески изјави дека засега нема промени во цените на лебот и основните прехранбени производи, но предупреди дека нивната стабилност ќе зависи од пазарните услови и однесувањето на производителите.

Говорејќи на бизнис-форум во Делчево, Ристески истакна дека институциите внимателно ја следат состојбата, особено поради актуелните случувања на Блискиот Исток и конфликтот со Иран.

 – Се трудиме да спречиме нагло поскапување на лебот и другите основни производи. Постојат ветувања од стопанските комори и пекарските здруженија дека цените ќе останат стабилни до крајот на месецот – изјави Ристески.

Тој најави нова средба со Државен пазарен инспекторат во текот на следната недела, на која ќе се анализира состојбата и можните ценовни движења.

Според него, доколку не дојде до поголеми потреси – особено во цената на нафтата и транспортните трошоци – се очекува цените да останат стабилни.

– Очекуваме, доколку нема поголеми потреси околу цената на нафтата, транспортните трошоци и слично, цените да останат стабилни и понатаму. Меѓутоа, тоа е прашање на добра волја на пекарите – посочи Ристески.

На бизнис-форумот во Делчево беа разгледани и други прашања поврзани со економските состојби и поддршката на локалниот бизнис сектор.