Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши изјави дека Владата спроведува континуирани мерки за заштита на животниот стандард и унапредување на правата на работниците.
Одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, Дурмиши посочи дека инфлацијата е стабилизирана и се движи меѓу 4,5 и 4,9 проценти, што е значително намалување во споредба со 2022 година, кога надминуваше 10 проценти.
Според него, кај 55 основни производи растот на продажните цени е минимален – 0,43 проценти, додека набавните цени пораснале за 1,01 процент. Воедно, трговските маржи се намалуваат, што укажува дека дел од товарот го преземаат и трговците.
Во однос на мерките, министерот истакна дека Владата веќе интервенирала со намалување на ДДВ и акцизите за горивата, како и со засилен инспекциски надзор преку Државен пазарен инспекторат, со 30 тима на терен. Во тек се и анализи за нови таргетирани мерки, меѓу кои и дополнително намалување на ДДВ за основните прехранбени производи и повторно ограничување на маржите.
Во делот на платите, Дурмиши нагласи дека минималната плата не треба да се определува со политички одлуки без економска основа, бидејќи тоа може да има негативни последици врз пазарот на труд. Наместо тоа, се применува методологија која ги врзува платите со просечната плата и трошоците за живот.
Тој информира дека во изминатите две години платите се зголемени во повеќе сектори, а околу 11.000 административни работници добиле повисоки примања. Дополнително, предвидена е динамика за раст на платите од по 7 проценти годишно во периодот 2026–2028 година, што вкупно изнесува околу 21 процент.
Министерот посочи дека преку редовни средби во Економскиот совет се води дијалог со синдикатите и работодавачите за подобрување на условите за работа и животниот стандард.
Во однос на буџетскиот дефицит, Дурмиши истакна дека Владата води одговорна фискална политика во услови на глобални економски предизвици, со фокус на заштита на граѓаните и економијата.
Тој порача дека Владата останува посветена на стабилен економски раст, раст на платите и поддршка на ранливите категории, врз основа на реални економски параметри.

































