Kaja Kallas
Фото: ЕПА

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, изрази скептицизам во врска со телефонскиот разговор меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин, оценувајќи дека ваквите контакти често оставаат повеќе прашања отколку одговори, објави УНН (Украински национални новости), цитирајќи го „Гардијан“.

Говорејќи на состанокот на NB8 – формат кој ги обединува министрите за надворешни работи на балтичките и нордиските земји, во Естонија, Калас посочи дека не е јасно дали разговорот донел конкретен напредок во однос на војната во Украина.

 – Кога ги гледаме овие разговори меѓу претседателот Трамп и претседателот Путин, секогаш има многу неодговорени прашања – изјави Калас.

Таа оцени дека мировните напори во моментов се во застој и дека Европската Унија очекувала поголем притисок врз Москва, што, според неа, не било видливо во разговорот.

Калас посочи и на, како што рече, парадоксална ситуација, во која Русија јавно ја поддржува борбата на Иран против САД.

Претходно, таа нагласи дека ЕУ ги разгледува своите барања кон Москва по завршувањето на војната, како предуслов за евентуални суштински преговори.