Фото: Принт-скрин

Вооружен маж уби четири лица и рани тројца при пукање во американскиот град Денвер. Нападот се случил на повеќе локации, а завршил откако полицијата го убила осомничениот.

Инцидентот започнал околу 17 часот по локално време, кога засега неидентификуван напаѓач застрелал две жени и ранил маж во центарот на градот, изјави шефот на локалната полиција Пол Пазен.

Осомничениот потоа со автомобил побегнал од местото на настанот и го продолжил крвавиот поход до квартот Чисман Парк во источниот дел на градот, каде што убил маж. Пукал и во западниот дел на градот, но за среќа никој не бил погоден.

Тој во два наврати разменувал оган со полицијата.

Напаѓачот потоа се возел во соседниот град Лејквуд, каде ја убил четвртата жртва, изјави портпаролот на полицијата во Лејквуд, Џон Ромеро.

Уследил вооружен судир со полицијата, а осомничениот побарал засолниште во блискиот хотел. Таму ранил еден полицаец, пред полицајците да го убијат.