Македонски шаховски бисер: Стефан Мелник

ШАХ – ЕКИПНО СП 2026 ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ ЛИЦА

Македонската шаховска репрезентација го освои 10. место на 21. екипно Светско првенство (СП) за слепи и за слабовидни лица, во Петровац (Црна Гора). Во конкуренција на 21 држава со вкупно 105 шахисти (седум ВМ, седум ИМ, еден ЖИМ, пет ФМ), Македонија (рангирана 12. пред почетокот на СП 2026), која настапи во подмладен состав, освои девет бода (17 поени по табли), колку што имаше и Германија, но поради подобриот дополнителен критериум Германците се деветти. Златниот медал го освои првиот фаворит, Полска со 17 бода (25,5), втора е Украина со 16 (28), а трета е Србија со 13 бода (21,5).
СП 2026 се играше на четири табли со една резерва. А токму младиот 18-годишен Стефан Мелник (рејтинг 1.819) на резервната петта табла постигна втор најдобар резултат, со што го освои сребрениот медал со 4,5 поени од пет партии, но и нови 72,4 рејтинг-поени, што претставува извонреден успех за младиот македонски шаховски бисер. Од другите шахисти, на првата табла, Даниел Димов (рејтинг 1.979) освои еден поен од пет можни, на втората Зоран Костадиновски (1.863) 1,5 од седум, на третата Жарко Селковски (1.913), 5,5 од девет и на четвртата табла Филип Арсов (1.817) 4,5 од девет. Македонија ги победи Италија (2,5-1,5), Романија (2,5-1,5), Словачка (3-1) и Словенија (2,5-1,5), ремизира со Унгарија, а загуби од Украина (0,5-3,5), Црна Гора (1,5-2,5), Бугарија (1-3) и од Шпанија (1,5-2,5). Г.И.