Фото: Федерација на училиштен спорт на Македонија

РАКОМЕТ – СВЕТСКО УЧИЛИШНО ПРВЕНСТВО ВО СКОПЈЕ

  • Во финалните дуели, македонската машка репрезентација го победи Израел со 38-32, а женската селекција на Македонија загуби од Хрватска со 26-28

Машката кадетска репрезентација на Македонија го освои златниот медал на 27. Светско училишно првенство (СП) за ракометари до 18 години, а женската кадетска репрезентација се закити со сребро. СП се одржа во главниот град на Македонија, Скопје. Со својот младешки налет избраниците на селекторот Горан Кузмановски победија на средбите со селекциите на Бугарија, Грузија, Република Српска, Саудиска Арабија, Србија и во финалето Израел, со 38-32. Ова СП беше одлична увертира за македонските кадети пред настапот на Европското првенство (ЕП), во Србија годинава (29 јули – 9 август).
Македонките, пак, по голема и пожртвувана игра, не го поминаа само последниот чекор и во финалниот меч, по голема и неизвесна борба, загубија од силната селекција на Хрватска со 26-28, додека претходно ги совладаа репрезентациите на Белгија, Грузија, Словачка и во полуфиналето Турција, која го освои третото место.
Со извонредна игра на целиот турнир, кадетите покажаа голем квалитет во играта, борбеност и тимски дух на теренот и дека иднината на Македонија не е загрозена. Министерот за спорт, Борко Ристовски, им го предаде победничкиот пехар на кадетите, а на мечот присуствуваше и претседателот на Ракометната федерација на Македонија (ЕФМ), Александар Стефанов.

Фото: Федерација на училиштен спорт на Македонија

И девојките под раководната палка на селекторката Даниела Новеска-Вељаноска одушевија со својата игра, бестрашно борејќи се со сите ривали, покажувајќи дека македонскиот женски ракомет има светла перспектива, а овие храбри девојки во голема мера го прикажаа тоа на теренот. Петте победи и само едниот пораз во финалето се доволен доказ за тоа.
На СП, кое помина во успешна организација на Министерството за спорт и Федерацијата за училиштен спорт на Македонија (ФУС), настапија вкупно 23 машки и 16 женски селекции, се играше во шест училишни сали („Кочо Рацин“ – Петровец, „Крсте Мисирков“ – Ченто, „Македонско сонце“ – Пролет, „Македонски херои“ – ФФК, „Архиепископ Доситеј“ – Кисела Вода и „Антон Димитров“ – Бутел), а финалните натпревари во големата сала на СЦ „Борис Трајковски“.
За Македонија ова СП во училиштен ракомет беше убав спортски испит да се види каква иднина има македонскиот ракомет, но и можност да покаже организација на високо кадетско натпреварување каква што доликува. По ваков турнир, Скопје и Македонија лесно можат да добијат ново уште поголемо натпреварување, кое, исто така, ќе остане во добри спомени, како штотуку завршеното. Г.И.