„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Александар Македонски“ на контроверзната бугарска писателка од минатиот век Јана Јазова, со поднаслов „Историски роман“, во превод од бугарски на македонски јазик на Ленче Тосева.
„Александар Македонски“ е историски роман, кој само се потпира врз историските податоци, но е изведен со една неверојатна леснотија во градењето на приказната и е создадено особено занимливо четиво. На маестрален начин големата бугарска писателка ја раскажала историјата на најпознатиот македонски цар и најголемиот војсководец на сите времиња. Таа изградила комплексна структура на делото со која се зафатени сите значајни аспекти на неговото време, на неговиот живот, на неговиот поход и воопшто на неговата немирна природа. Многу суптилно го прикажува ликот на Александар, во сите негови манифестации – од детството и од неговите нежни чувства и изливи и харизмата – до суровите, крвави и ужасни постапки во многуте драматични настани во неговиот кус живот. Во приказната е вткаена историјата на тогашниот свет, на тогашната цивилизација – на Македонија, Елада, Египет, Персија, Индија… па сè до границите на светот кон кои се стремел големиот воин, освојувач и космополит. Но пред сè, ова е исклучително значајно дело за македонската античка историја.
Биографијата на македонскиот цар со светска слава за сите времиња – Александар Македонски – била уметнички предизвик за неколкумина познати писатели во светот, но романот „Александар Македонски“ на бугарската писателка Јана Јазова претставува исклучително белетристичко и историско дело. Делата од доживотно забранетата и заборавена бугарска писателка почнуваат последователно да се објавуваат дури кон крајот на минатиот век (по 1987 година), а излегувањето на романот „Александар Македонски“ во 2002 година (набргу по пронаоѓањето на машинописот) наиде на одличен прием кај читателите и кај бугарската литературна критика, која веќе го оцени ова дело за најдобра книга со литературни вредности за Александар Македонски што досега воопшто е објавена во светот и за едно од најдобрите дела на авторката. И покрај тоа што делото е пишувано во четириесеттите години на минатиот век, тоа има исклучително висока книжевна вредност и стилска свежина и кога се чита во 21 век. Во Бугарија доживеа неколку изданија и е една од најчитаните историски белетристички книги, односно една од најпродаваните бугарски историски книги во последниве две децении.

Јана Јазова (1912-1974) е бугарска писателка, која има исклучително драматична животна и творечка судбина и која има високо место на вредносната скала на бугарската литература на 20 век. Пишувала во изолација и зад себе оставила обемен и вреден книжевен опус. Ги пишува романите „Левски“, „Бенковски“ и „Шипка“ (како трилогија). По смртта била ограбена и во голем дел била уништена нејзината архива, па поради тоа голем дел од нејзините дела не се зачувани во конечната варијанта, каков што е случајот и со романот „Александар Македонски“ – првиот бугарски историски роман на небугарска тема. Романот бил завршен кон крајот на август 1944 година. Но во шеесеттите години на дваесеттиот век, Јана Јазова ги средувала своите дела во ракопис и на крајот на шеесеттите години направила нов коригиран препис на ова дело, но таа најнова и осовременета варијанта е земена од тајните служби по нејзината смрт и не е зачувана, односно не е пронајдена до денес.
Всушност, и оваа верзија на романот што е објавена во 2002 г., а што сега ја објавува „Македоника литера“, е случајно зачувана (еднаш веќе објавен на македонски јазик од „Македонска реч“ во 2007 г.).
Јазова го пишувала романот „Александар Македонски“ по сугестија на Александар Балабанов. За подготовката на романот, во 1935 година, таа престојувала во Египет, Палестина, Сирија, Турција и во Грција, минувајќи по голем дел од патот на походот на големиот македонски цар, за да направи поавтентични записи за неговиот поход. Авторката го напишала овој историски роман за големиот војсководец во 1943-1944 година, а го пишувала според биографските белешки на Плутарх за Александар Македонски и според познатата историја за него на Јохан Густав Дројзен (измислувачот на терминот „хеленизам“). Наборот на романот изгорел во печатницата на Стефан Македонски во Софија, при бомбардирањето на градот во 1944 година. Но машинописната верзија била пронајдена, одземена и криена од тајните служби, и дури на самиот почеток на овој век, во централниот бугарски архив, се пронајдени два машинописни преписа и шпалти од времето на печатењето и од нив е објавена оваа верзија.