Фото: ЕПА

Европската Унија в понеделник официјално ќе ја отвори првата фаза од пристапните преговори со Украина и Молдавија, откако земјите-членки постигнаа согласност и беше надмината претходната блокада од Унгарија.

Актуелното претседателство со Советот на Европската Унија соопшти дека е усвоен заеднички став за отворање на преговарачкиот процес, со што се завршени сите неопходни подготовки за следниот чекор во евроинтеграцијата на двете земји.

Украинскиот претседател Волдимир Зеленски ја поздрави одлуката, оценувајќи ја како значајна политичка и морална поддршка за Украина.

 – Украина го прави она што е потребно, и важно е што и ЕУ си го држи својот збор – порача Зеленски преку социјалните мрежи.

Одлуката ја поздрави и претседателката на Молдавија, Маја Санду, која порача дека нејзината земја ќе продолжи со спроведувањето на реформите потребни за напредок кон полноправно членство во Унијата.

Иако Европската Унија формално ги започна пристапните преговори со Украина и Молдавија во јуни 2024 година, отворањето на првата преговарачка фаза со Киев беше блокирано поради унгарско вето.

Во меѓувреме, новата влада во Будимпешта предводена од Петер Маѓар соопшти дека е постигнат договор со Украина за унапредување на правата на етничкото унгарско малцинство, што беше едно од клучните барања на Унгарија за да даде согласност за напредок на украинскиот евроинтегративен процес.

Отворањето на првата фаза од преговорите се смета за важен чекор во европските аспирации на Украина и Молдавија, во период кога двете земји интензивно работат на усогласување на законодавството и институционалните стандарди со правилата на Европската Унија.