Бела се чума зададе

Пред извесно време пишував за последиците од белата чума во источниот дел на Македонија, каде што градовите и селата се испустија. Луѓето масовно се иселуваат поради бесперспективноста, хаосот и стравот од тоа што нѐ чека утре. Во таква ситуација, најнапред младите заминаа во западните земји каде што бргу се приспособија на условите, за набргу да ги повлечат и повозрасните, кои, ако ништо друго, барем ги чуваат внуците и се грижат за домаќинството додека младите работат

Мора да признаам дека насловот на денешната колумна овој пат го позајмив. Се надевам дека мојот пријател Игор Смилев од Велес нема да ми забележи дека му го позајмив насловот на неговиот пост, дотолку повеќе што ќе се надоврзам на неговите зборови. Имено, под овој наслов, Смилев деновиве објави дека пред почетокот на второто полугодие во Велес се отпишани 66 ученици. Коментарот на ваквата констатација беше „Велес ЖИВЕЕ (во Германија)“.
Толку за Велес. Појасно, здравје.
Пред извесно време пишував за последиците од белата чума во источниот дел на Македонија, каде што градовите и селата се испустија. Луѓето масовно се иселуваат поради бесперспективноста, хаосот и стравот од тоа што нѐ чека утре. Во таква ситуација, најнапред младите заминаа во западните земји каде што бргу се приспособија на условите, за набргу да ги повлечат и повозрасните, кои, ако ништо друго, барем ги чуваат внуците и се грижат за домаќинството додека младите работат.
Накусо, тоа е сликата на најголемиот дел од Македонија, да не помисли некој дека е нешто поинаку во другите делови. Доволно е само да минете низ Западна Македонија и да ги видите запечатени палатите со огромни дворови, со спуштени ролетни и закатанчени дворови, за да се уверите дека сите заедно сме зафатени од „чумата“ на иселувањето. Маката не гледа на тоа кој од која националност е или за кој бог се моли, туку ги зафати сите и безмилосно ги принудува да бегаат од овде и да си го бараат чарето во белиот свет.
Затоа, да не се залажуваме дека сме некоја просперитетна и богата земја, со нормални институции или систем што нуди перспектива за некој друг, освен за мавтачите на партиски знамиња и урлачи на митинзи, заедно со подопашните муви, кои точно знаат во кој момент да се приближат до партиските лидери или носители на одлуки. Иако изборите се календарски далеку, партиските телали се пуштени на најјако и урлаат на цел глас да нѐ уверат колку ќе ни биде убаво, а колку оние другите не се грижат за нашата земја, па да ги казниме.

Ништо од бизнисот, како што гласеше еден популарен слоган, ако останеме само на зборови. Потребни се дела, конкретни потези што ќе треба да го разубедат обичниот граѓанин дека сѐ е пропаднато, дека сепак има перспектива, дека сме ги научиле лекциите и дека нема пак да се бламираме да го распродаваме националниот идентитет, како да е наследство од некоја далечна роднина, па не нѐ интересира неговата судбина; дека нема да влегуваме тотално неподготвени во какви било критични ситуации како што беше проблемот со корона-кризата; да не се заплеткуваме во манифестирање на сопствениот поданички однос кон странците, а особено кон соседите, додека тие комплетно ги игнорираат сопствените обврски потпишани и заверени со меѓународни олеснувачи. А што се однесува до економскиот дел, конечно дојде време да се постават работите на здрави нозе и да се направи сериозен рез. Имаме знаење, имаме луѓе, а пари секогаш се наоѓаат во светот, ако веќе тврдиме дека немаме домашни на располагање. Но, како и да е, мора да се отвори нов циклус на инвестиции со кои ќе покажеме дека ни е грижа пред сѐ за домашниот интерес, за домашниот човек и неговата благoсостојба, а не постојано да измислуваме некои „проекти на столетието“ од кои печалба ќе извлечат само неколкумина повластени, странците ќе бидат добро намирени за да молчат и не се бунат, а крајниот ефект на дебело натплатените проекти којзнае дали ќе ги дочека оваа генерација.

Да не се залажуваме дека сме некоја просперитетна и богата земја, со нормални институции или систем што нуди перспектива за некој друг, освен за мавтачите на партиски знамиња и урлачи на митинзи, заедно со подопашните муви, кои точно знаат во кој момент да се приближат до партиските лидери или носители на одлуки. Иако изборите се календарски далеку, партиските телали се пуштени на најјако и урлаат на цел глас да нѐ уверат колку ќе ни биде убаво, а колку оние другите не се грижат за нашата земја, па да ги казниме

Ете така и само така ќе можат да се создадат услови за работите во жална Македонија барем малку да се потсредат, за конечно да почне тркалото да врти во вистинската насока. Ако така се постават работите, можеби ќе профункционираат и другите лостови на домашниот апарат. Можеби тогаш ќе се создадат услови за лекарите да не ни бегаат во странство, па да нема кој да ни даде аспирин или да ни преврзе рана, можеби тогаш и за судиите и обвинителите ќе кажеме дека дојдоа вистинските луѓе на вистинските места со личен интегритет на кои политичарите не ќе смеат ниту да им се доближат, а не пак да се обидат да им кажат што и како да работат…
И токму додека се мислев уште што да набројувам за нашата светла иднина, во надеж дека можеби некој политичар ќе ја прочита идната колумна, ме тргна гласот на сопругата: „Ајде, разбуди се, станувај, ќе задоцниш. Имаш закажано сликање за нова лична карта, а после треба да трчаш по налепница НМК“.
А сонот толку убаво почна да ми се развива…