Автопатски кривини низ собранискиот „демократски“ пејзаж

По расправата за изградбата на автопатиштата, Собранието на Македонија го очекува уште едно големо искушение – уставни измени за внесување на Бугарите во преамбулата, како услов за продолжување на преговарачкиот процес за членство во ЕУ. По сите контроверзни искуства од неформалната супремација на извршната врз законодавната власт, Собранието, т.е. пратениците треба да покажат интегритет за политичката моќ што им припаѓа според Уставот, да бараат транспарентност и отчетност од Владата, а одлуките да ги носат според совеста и интересот на граѓаните од кои се избрани

Толку ли се навикнавме на изместените демократски вредности и принципи во Македонија, што ни е сосема прифатливо да функционираме според логиката на наопаку свртена географска карта? Ако патот го бараме со така поставена мапа, наместо на север, ќе стигнеме на југ или, наместо на запад, ќе завршиме на исток. Навистина, искусните возачи на долги релации, во џипиес-ерата на патување, велат дека сега не можеш да се изгубиш на автопатиштата, само трошоците за патувањето ( за горивото) ќе бидат поголеми.
Наопаку свртената мапа на македонската демократија повеќе од еден месец е тема за собраниска и јавна дебата, а причината е токму изградбата на автопатските правци на коридорите 8 и 10 д. Притоа ретко кој забележува дека аргументите што се користат во дебатата тргнуваат од некоја проекција во огледало. Еден од спорните моменти меѓу повеќето прашања што ги остави недоразјаснети изградбата на овој „проект од стратегиско значење“ е избегнувањето на Владата да им го стави на увид на пратениците во Собранието договорот со странските компании што ќе ги градат автопатските делници. Инаку, пратениците треба да гласаат на „невидено“ за законски измени, со кои би требало да се забрза изградбата на автопатиштата, потпирајќи се исклучиво на довербата на „зборот“ на презентерите на договорот. Примената на „стратегијата за избегнување“, Владата ја оправдува со аргументација дека договорот бил класифициран документ со безбедносни импликации. Сепак, по многубројните реакции и на пратениците и на јавноста, Владата „попушти“, па се согласи да презентира „избрани страници“ од договорот пред пратеници со безбедносен сертификат.
Парадоксот во овој актуелен случај, кој ја превртува логиката во македонскиот вид на демократија, е во тоа што Владата, како извршна власт, му одредува на Собранието за што може, а за што не смее да се интересира и да расправа. Според уставната поставеност на трите столба на власта (законодавна, извршна и судска) во политичкиот систем на Македонија, Собранието е онаа институција што е носител на законодавната власт, но има и контролна улога врз работата на Владата. Пратениците избрани од граѓаните (гласачите) ја имаат одговорноста да ги заштитат нивните интереси од евентуално погрешно водење на политиките од страна на извршната власт, која произлегува врз основа на мнозинството пратеници во Собранието.

Во секој случај, Собранието е институцијата пред која извршната власт, премиерот и министрите треба да манифестираат отсеченост и транспарентност, а не селективно и рестриктивно да им пласираат информации според нивна процена и видување. Ваквата принципиелна хиерархиска поставеност на столбовите на власта во Македонија некако спонтано и премолчено е изместена, веројатно уште во првите години на независноста, па супремацијата (надреденоста) на Владата врз Собранието со текот на годините се претвори во сосема прифатлива реалност, што често се заборава на вистинскиот ред на нештата. Навистина, формално законите што ги предлага Владата и понатаму минуваат низ собраниската процедура на усвојување, но речиси секогаш се спроведуваат партиско-собраниски стратегии колку што е можно да се избегнат одредени проблематични елементи од процедурата за изгласување закони и одлуки за кои извршната власт смета дека претставуваат приоритетен интерес. Супремацијата на извршната власт врз законодавната има силна тенденција да го сведе Собранието на гласачка машина.

Таквите политички егзибиции со надлежностите и контролните механизми на Собранието, кои беа применети во повеќе наврати, беа причина за неколку неславни епизоди во историјата на македонскиот парламентаризам. Парадоксалниот синдром на подреденост на Собранието на извршната власт, според повеќе политички аналитичари, е сериозен фактор во случувањата што доведоа до измени во Уставот на Македонија во повеќе наврати, од кој последниот и најболен (досега) е промената на уставното име на државата, дополнето со географска одредница. И покрај недозволените политички и во голема мера незаконски активности преземени за Собранието да ги донесе одлуките за промена на уставното име на државата, ефектот од таквата ризична одлука беше нецелосен и несоодветен на жртвата што беше поднесена: добиено членство во НАТО, но уцените за почеток на преговори со Европската Унија и понатаму продолжуваат.
По расправата за изградбата на автопатиштата, Собранието на Македонија го очекува уште едно големо искушение – уставни измени за внесување на Бугарите во преамбулата, како услов за продолжување на преговарачкиот процес за членство во ЕУ. По сите контроверзни искуства од неформалната супремација на извршната врз законодавната власт, Собранието, т.е. пратениците треба да покажат интегритет за политичката моќ што им припаѓа според Уставот, да бараат транспарентност и отчетност од Владата, а одлуките да ги носат според совеста и интересот на граѓаните од кои се избрани.