Кај шахистите дербито на првата табла помеѓу Ристески и Николовски заврши со реми по 11 потези игра

ШАХ – ОТВОРЕНИ ПРВЕНСТВА НА МАКЕДОНИЈА

Андреј Велјаноски (2.311 рејтинг-поени, рангиран шести пред почетокот), велемајсторот (ВМ) Звонко Станојоски (2.360, рангиран трети) и Филип Михов (2.269, рангиран девети) остварија значајни победи во седмото коло на Отвореното првенство на Македонија во шах, со што му се приклучија на дотогаш водечкиот интернационален мајстор (ИМ) Никола Николовски (2.340, рангиран петти), кој во ова коло, пак, ремизира со ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Емил Ристески (2.366, рангиран втори) по само 11 потези игра. Во конкуренција на 95 шахисти (еден ВМ, три ИМ, шест ФМ), на две кола до крајот, Велјановски, Николовски, Михов и Станојоски имаат по шест поени.
На женското првенство, во конкуренција на 10 учеснички (еден ЖФМ), дерби-партијата во седмото коло помеѓу актуелната шампионка, ЖФМ Моника Стојковска (2.042, рангирана прва) и Леа Ефтовска (1.653, рангирана петта), по голема борба, заврши со поделба на поенот, со што Ефтовска остана на врвот со 5,5 поени, а ја следи група од пет шахистки со половина поен помалку.
Наградниот фонд кај шахистите е 240.000 денари, а победникот ќе добие 60.000, додека кај шахистките 80.000 денари, а шампионката ќе добие 26.000.
Позначајни резултати во седмото коло, мажи: ФМ Ристески – ИМ Николовски реми (11 потег), АФМ Златков – ВМ Станојоски 0-1 (54), ИМ Лазов – Михов 0-1 (55), ФМ Велјаноски – Јовановски 1-0 (33), ФМ Велески – Петров 1-0 (19), ИМ Панчевски – Трајковски 1-0 (24), Петрески – Стојмановски 1-0 (50), Чакончев – Димковски 0-1 (51) итн.
Резултати во седмото коло, жени: Велеска – Јакимова реми (41), ЖФМ Стојковска – Ефтовска реми (55), Манова – Ајрадиноска 1-0 (48), Крстевска – Лазарова 1-0 (35) и Жежовска – Брнс 1-0 (33). Г.И.