Аутизмот меѓу нас

Прифаќајќи ги другите се прифаќаме и себеси. Да разбереме дека не секој е ист како нас, дека не секој размислува како нас и дека не секој има исти потреби како нас… Како луѓе заборавивме да сакаме. Потребно ни е да ја пронајдеме љубовта во нашите срца и да ги рашириме рацете за сите. Само така ќе пораснеме и ќе созрееме

Помина уште еден Светски ден на свесност за аутизмот, како и многу вакви денови претходните години. И речиси секоја година за оваа категорија граѓани најмногу се зборува непосредно пред и на датумот кога се одбележува овој ден. Пред и потоа – ништо. Црна дупка или морничава тишина. Никому ли не му е грижа за оваа категорија граѓани, за овие деца и родители што секојдневно водат институционална и општествена битка со осуди, предрасуди и затворени врати.
Иако нашата држава е една од државите каде што навистина е тешко да се биде лице со невидлива попреченост, затоа што кај нас тешко оди прифаќањето воопшто, а камоли на лица што спаѓаат во оваа категорија.
За среќа, во тој мрак, во таа црнина не е сѐ толку црно како што изгледа. Можеби тешко и полека, но будењето полека започна. Родителите и блиските роднини на лицата со невидлива попреченост со сите сили се борат нивните блиски да ги имаат, да ги уживаат и да ги живеат истите права како и сите други. Добро е што и некои од институциите имаа слух за нив, па ги отворија вратите и ги сослушаа нивните барања.
Па така, сега свесноста и препознавањето на лицата со невидлива попреченост се реализира и во градот Скопје, во општините и во јавниот градски превоз, кој секојдневно го користат и голем број лица со ваков вид попреченост, каде што осудите се најголеми.
За разлика од лицата со видлива попреченост, кај кои може да се забележат степенот и видот на попреченоста, кај овие лица тоа оди малку потешко, бидејќи кај нив ништо не се гледа, туку се манифестира. И токму оттука се влечат корените на сите проблеми.
Да не сте им во кожа на родителите на децата со аутизам или со други попречености, кои својата моментална раздразливост ја манифестираат со извесни звуци и повторувачки движења. Во тој момент почнуваат традиционалните осуди, погледи полни со прашалници, омраза, гнев, а некаде може да се видат дури и гадење, бегање…

Имам две мали деца, деца што сакаат да одат и да играат во игротеки и колку што можам им го дозволувам тоа. Еден ден, сосема случајно, во игротеката се најде уште една мајка со две дечиња на иста возраст со моите. Едното од нив беше детенце со аутистичен спектар. Двете мои и едното на мајката почнаа да играат, да врескаат, да скокаат, да се бркаат. Деца како деца. Додека трите уживаа во својата игра, детето со аутизам се почувствува раздразнето (за волја на вистината раздразливост во таа бучава почувствував и јас), легна и почна со препознатливите звуци, предизвикани од бучната игра на другите три дечиња. Горда сум што можам да кажам дека воспитувам деца што не осудуваат, деца што играат со сите, па така наместо моите деца да изреагираат чудно на реакциите на аутистичното дете, тие се обидоа да го вклучат во играта, да му даваат играчки, да го гушкаат. И додека моите деца играа заедно, една мајка со оној поглед полн со осуди за кој претходно пишував си го собра детето набрзина, мислиш ќе се зарази и буквално излета од вратата.
На крајот, мајката со солзи во очите ми се заблагодари, плачеше затоа што изолацијата во која живее нејзиното дете е постојана. „Сите бегаат од него“, ми вели. Јас молчешкум го тргнав погледот. Што да кажам? Зарем да оправдувам такво однесување? Зарем заслужуваат таквите родители каков било збор за оправдување?
Зарем моите деца се поинакви од нејзиното само затоа што тоа има аутизам? По што? Па, зарем на моите деца кога одиме во продавница не им се случуваат моменти на гнев и слабост затоа што не можат да го добијат баш тоа чоколадо или баш таа играчка? Мислите моите не врескаат и не се трескаат од земја? Да, го прават тоа и како родител сосема го прифатив тој факт. И да, и јас, но и многу други родители се соочуваме со секојдневни осуди поради таквото однесување на моите и на нивните деца. Но навикнав. Да осудува може само човек што не се нашол во таква ситуација, само човек што нема, не сака деца или човек што одамна веќе не бил во контакт со мали деца.

Да напоменеме, денес живееме во малку поинакво време од она во кое се растеле деца пред триесетина години. Денес на децата им е дозволено да ги искажат своите емоции, за да научат како да ги контролираат во иднина. Генерациите што не смееја да плачат во јавност, кои не смееја да искажат никаква емоција се истите оние денес што ги осудуваат другите. Таквите стереотипи продолжуваат како нишка да се нижат сѐ уште и во 21 век, кога, наместо да пораснеме како луѓе полни со емоционална свесност, ние се уназадуваме со неприфаќање и со бегање од реалноста.
Аутизмот денес е сосема нормален, аутизмот денес го има насекаде. Аутизмот е тука меѓу нас, не е на друг континент. Живееме тука сите заедно, дишеме ист воздух, пиеме иста вода, посетуваме исти места, градинки и училишта, паркови, места за рекреација.
Тоа што тие се со аутизам не се поинакви, напротив. Имаат исти потреби и желби како нас, со таа разлика што ним најголемата желба им е да бидат прифатени во општеството каде што живеат. А нам ни е обврска да го направиме тоа и да воспитуваме генерации на кои нема да им биде воопшто грижа дали некој е со видлива или невидлива попреченост, сѐ додека е човек. Да се прифатиме себеси и да ги прифатиме другите. Да разбереме дека не секој е ист како нас, не секој размислува како нас и дека не секој има исти потреби како нас. Како луѓе заборавивме да сакаме. Потребно ни е да ја пронајдеме љубовта во нашите срца и да ги рашириме рацете за сите. Само така ќе пораснеме и ќе созрееме.

[email protected]