Јас секогаш припаѓам на повеќе култури. Мислам дека зборот идентитет е збир од повеќе идентитети и дека секој нов идентитет е стекнато богатство за еден човек. Кога одам во еврејската заедница станувам 100 отсто Евреин и таму нема да одам како рокер и да се однесувам како да не знам кои се тие луѓе и што прават. Но ако во друга ситуација треба да бидам рокер, јас ќе бидам рокер, вели Албахари во интервјуто направено пред некое време, но необјавено досега

Необјавено интервју со српскиот писател Давид Албахари

Српскиот култен автор Давид Албахари е автор на голем број романи, од кои досега шест се преведени на македонски. Две децении живееше во Канада, а во своето триесетгодишно патување со литературата стекна огромен број приврзаници. Познати се неговите романи, но особено кратките приказни, кои најчесто се автобиографски. Се прослави со својата втора книга „Опис на смртта“, за која ја доби наградата „Иво Андриќ“, а потоа следуваа и другите престижни признанија. Се издвојуваат и „Мамец“, „Снежниот човек“, „Цинк“ и секако, „Лудвиг“, која на македонски ја преведе Александар Прокопиев.

Се наоѓаме во Земун, на пограничјето на една балканска мапа, границата меѓу Австроунгарското Кралство и Отоманската Империја. Што за вас значи граница? Која е, според вас, границата меѓу Европа и овие балкански земји?
– Граница е нешто што не мора да постои физички, но може да постои во секој поединец во форма на личен однос кон светот што го опкружува. Јас отсекогаш сум се плашел од границите. Иако границите во Европа не постојат, јас ги чувствувам, затоа што знам дека тука некогаш имало вистински граници. Од друга страна, пак, не ги чувствувам границите кога патувам низ земјите на поранешна Југославија затоа што тука немало граници, барем не во мојот живот. За мене политичката граница е одраз на некаква историска стварност што ја пренесувам во сегашниот миг. Кога носев малку хашиш, ми беше непријатно да преминувам граници и сфатив дека е помирно да се преминува граница без хашиш во куферот. Се шегувам (се смее), иако во секоја шега има вистина. За мене секоја средба со униформирани лица е ужасно искуство затоа што јас не се чувствувам пријатно пред такви униформирани луѓе што зрачат со симболи на власт, поради нивното право да донесуваат одлуки што се однесуваат на вас; на пример, при една обична пасошка контрола може да ми се забрани влезот во одредена земја…
Францускиот антрополог Марк Оже вели дека и просторот на патникот е архетип на неместото. Ако просторот не е нужно географија, туку и антропологија и лична меморија, што значи за вас да се биде лишен од простор?
– Јас секогаш припаѓам на повеќе култури. Мислам дека зборот идентитет е збир од повеќе идентитети и дека секој нов идентитет е стекнато богатство за еден човек. Но истовремено човекот учи и како да ги употребува своите идентитети, односно ако е отворен самиот кон себе, тој тогаш ќе може да отвора и други луѓе. Кога одам во еврејската заедница станувам 100 отсто Евреин и таму нема да одам како рокер и да се однесувам како да не знам кои се тие луѓе и што прават. Но ако во друга ситуација треба да бидам рокер, јас ќе бидам рокер. Во мене има десет Давиди, кои по потреба излегуваат надвор и се појавуваат во разни облици. Писателски идентитет не постои, затоа што писателот е писател само во моментот кога создава. Тоа е некаков вид идентитет што не можете да го изнесувате надвор. Јас сум писател само во мигот кога пишувам. Писателот е писател само кога пишува литература. Еден американски писател вели дека писателот не може да биде револуционер, можете да бидете револуционерен човек, ама не и револуционерен писател. Многу писатели постојано нагласуваат и истакнуваат дека се писатели, но тоа не е прашање на идентитет.
Живееме во свет каде што е сосема вообичаено да се градат и уриваат мали „берлински ѕидови“ насекаде. Тоа се случувало многу често и во нашите балкански земји. Дали рушењето такви ѕидови носи и нови култури и нови колективни мемории?
– Уверен сум дека имало и обиди и настојувања на политичарите и на некои други фактори на просторите на поранешна Југославија да се кренат повеќе ѕидови, кои не се физички, туку пред сѐ ментални. Но кога поинтензивно почнав да патувам низ тие земји, особено по војната, видов дека тие ѕидови можеби и постојат, некаде, ама дека меѓу луѓето со добра волја и меѓу уметниците, такви ѕидови речиси и да не постојат. Можеби звучи оптимистички, ама така е. Јас сега како писател се чувствувам во Македонија или во Словенија или во Црна Гора исто како и порано пред војната. Сѐ уште сите ние велиме „наш јазик“ и тој јазик засекогаш ќе остане наш. Македонскиот и словенечкиот јазик се различни, посебни, но „нашиот јазик“ ќе остане ист за сите. Новите генерации писатели веќе не ги интересира темата на поранешна Југославија, но тие свесно сега влегуваат во разни видови соработка и контакти со писатели од други делови на поранешна Југославија. Така, кога одам на некој книжевен фестивал во Европа, знам дека на истата маса за ручек ќе седат сите претставници од Хрватска, Босна и Македонија…
Зошто си заминавте од Белград и зошто се вративте?
– Во 1994 г. Универзитетот во Калгари ме покани на резиденција и така заминав во Канада. Тие ги платија патните трошоци за целото мое семејство. Тоа значеше дека ќе добивам цела една година плата како писател за да пишувам на факултетот. Меѓу 1990 – 1994 г. бев претседател на Сојузот на еврејските општини на Југославија. Всушност, јас бев последниот федерален претседател на тој сојуз во поранешна Југославија. И бидејќи сѐ се распадна, само еврејските заедници се обидоа да останат заедно. Но кога настанаа новите држави, се распаднаа и нашето здружение и федерацијата на еврејските општини. Од 1999 г. организацијата на Евреите од Хрватска почна веќе да одржува собири на Евреите од поранешна Југославија и така ние први се собравме по војната. Мислам дека балканската култура најмногу се гледа во кујната и во сафардитската музика. Сакав да си заминам затоа што немав веќе време за пишување, бидејќи бев посветен на хуманитарната работа, бидејќи се грижевме за 800 Евреи што дојдоа од Сараево во Белград и јас исто така се грижев за нив. Решив да си заминам затоа што сакав да му се посветам на пишувањето. Сакав само да пишувам. Кога стигнавме таму во Канада од мене излезе сѐ, пишувањето течеше како вода. Во Калгари напишав над 20 книги во период од околу 18 години, така што како писател се чувствувам мошне добро.
Каде е вашиот дом?
– Имам еден текст за тоа како сум открил дека имам два дома: кога патував од Калгари за Европа, во Србија, секогаш мислев дека си одам дома, но кога се враќав од Белград за Канада мислев дека одам само во Калгари. Еден ден кога влегов во авион за Калгари, седнав и еден глас ми шепна „сега одиш дома“ и тогаш си реков дека си одам дома. Тогаш сфатив дека имам два дома, ама дека меѓу нив сепак постои извесна разлика: куќата во Калгари е само куќа, а нашиот стан во Земун е нешто повеќе од тоа, тоа е дом.

Наташа Сарџоска