Ангелот од Курбиново против духовите на балканското минато

Има нешто симболично во неодамнешната посета на грчката министерка за култура Лина Мендони на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, особено ако се има предвид дека станува збор за прва посета на владин претставник од Грција на овој вреден споменик на византиската уметност. Уште посимболично е што фреските, меѓу кои и прочуениот Ангел од Курбиново, се обновени со заеднички ангажман на македонски и грчки експерти. Без политички препукувања, без историски надмудрувања и без оспорување на нечие право на сопствено наследство.
И кога човек конечно ќе види една убава позитивна вест и кај нас во регионот, не може а да не се запраша колку ќе беше поинаква нашата реалност доколку соседите, пред сѐ Грција, а потоа и Бугарија, во изминативе три и кусур децении се фокусираа на развивање добрососедски односи наместо на оспорување на името, идентитетот и историските особености на македонскиот народ. Колку само заеднички проекти ќе реализиравме, колку инфраструктурни врски ќе изградевме и колку поблиску ќе бевме во Европската Унија! Можеби денес немаше ни да разговараме за блокади и условувања, туку за придобивките од заедничкото европско живеење.
Како и да е, Курбиново покажува дека постои и поинаков пристап. Културното наследство не мора да биде повод за натпреварување чија историја е постара, чие право е поголемо и кој има ексклузивно право да ја толкува. Напротив, тоа може да биде заедничка вредност, отворена за истражување, проучување и запознавање од сите заинтересирани, без оглед на нивната национална припадност. Македонија со ова покажува дека не го затвора своето наследство во национални рамки, туку го отвора кон светот. Токму така треба да се однесуваме кон културните богатства што ги наследиле генерациите пред нас.
Не случајно, истовремено со оваа соработка се отвора и перспективата за заедничка кандидатура на Македонија, Грција и Албанија за вклучување на регионот Преспа на листата на светско наследство на УНЕСКО. И не само за УНЕСКО, трите земји можат да работат и на спас на Преспанско Езеро, кое последнава година како да зема малку душа, благодарение на добрите хидролошки состојби. Очигледно, она што нѐ поврзува е многу повеќе од она што нѐ разделува. Прашањето е само дали ќе имаме доволно политичка мудрост тоа да го претвориме во трајна практика.
Во таа смисла, симболичното поминување на грчката делегација преку граничниот премин Маркова Нога, кој е во изградба, е многу повеќе од протоколарен гест. Тоа е порака дека границите не треба да бидат рампи за изолирање на соседите, туку точки на поврзување. Народите што живеат едни покрај други не можат вештачки да се одвојуваат, особено кога имаат заеднички интерес да соработуваат, да тргуваат, да патуваат и да се запознаваат.
Затоа, изградбата на Маркова Нога треба да биде само почеток. Потребни ни се повеќе функционални гранични премини со Грција, но и посериозен исчекор кон железничко поврзување, за луѓето и стоката да се движат побрзо, побезбедно и поевтино. Истото тоа важи и за Бугарија. Клепало треба да заживее, треба да се отвораат нови можности за прекугранично движење, да се унапредува патната инфраструктура и коридорот 8 конечно да стане вистинска железничка артерија што ќе ги поврзува Македонија, Бугарија и Албанија.

Но мостовите не се само инфраструктурни објекти. Тие се градат и преку културата, образованието, здравството и секојдневната соработка. Гостувањето на Сотирис Минас и на Солунската и на Софиската филхармонија во Скопје е добар пример дека културната размена може да ги зближи луѓето многу поуспешно од политичките декларации. Зошто да нема повеќе вакви гостувања, заеднички претстави, концерти и промоции во културните центри, театрите и оперите во Скопје, Атина, Тирана, Приштина и Софија?
Зошто соработката во здравството да се сведува само на вонредни ситуации, наместо да се воспоставуваат трајни партнерства меѓу болниците и стручните кадри? Зошто училиштата и универзитетите да не разменуваат искуства, а институциите да не подготвуваат заеднички планови за справување со пожарите, поплавите и другите природни непогоди? Проблемите не застануваат на граничните премини, па нема причина ниту решенијата да запираат таму.
Соседите не мора да се согласуваат за сѐ за да соработуваат во она што им е заеднички интерес. Напротив, зрелоста на односите се покажува токму во способноста разликите да не се претвораат во пречки за секојдневниот живот. Прашањата за личното чувство на припадност, идентитетот и историското самоспознание не треба да бидат предмет на наметнување и условување. Тие се премногу интимни и суштински за да се решаваат со политички ултиматуми.
Во време кога светот станува сѐ понепредвидлив, кога кризите и конфликтите се множат, најмалку што им е потребно на балканските народи е да отвораат нови фронтови меѓу себе. Наместо да трошиме децении докажувајќи си кој е во право, можеме да вложиме во создавање подобри услови за живот, економски развој и меѓусебна доверба.
Курбиново е мал, но значаен пример дека тоа е можно. Останува само политиката да научи од него. Зашто, ако веќе сме први соседи по географија, крајно време е да станеме вистински соседи и по однесување. Да градиме мостови наместо ѕидови, да отвораме премини наместо спорови и да ја оставиме историјата да нѐ збогатува наместо постојано да нѐ разделува. Во светот што доаѓа многу поважно е да се држиме едни со други отколку да се убедуваме едни против други.