Интервју со Жаклина Ристовска, претседателка на Сојузот на просветните работници на Македонија
- Образованието треба да ги учи децата да размислуваат критички и да решаваат реални проблеми. Исто така, важно е враќање на воспитната компонента. Училиштето стана премногу насочено кон трката по оценки. Мора да го вратиме фокусот на воспитувањето – градење карактер, етика, другарство и меѓусебна солидарност кај младите луѓе. Највредната инвестиција на една држава е инвестицијата во човечкиот капитал и во знаењето, вели Ристовска
Минатиот понеделник, по повод 5 Октомври, Светскиот ден на учителите, во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода се одржа свеченост на која Сојузот на просветните работници на Македонија им ги врачи годишните награди на најзаслужните воспитувачи, одделенски и предметни наставници и професори. Свеченоста ја отвори младата пејачка Ангела Влинтовска, со изведба на македонската химна „Денес над Македонија“. Во богатата уметничка програма настапија и народниот оркестар од гимназијата „Орце Николов“, седмоодделенката Софија Стикова од ООУ „Браќа Миладиновци“ од Скопје и учениците Антонија Пановска и Анатолиј Даниловски од ООУ „Партенија Зографски“. Овој значаен настан, беше повод за средба и разговор со претседателката на Сојузот на просветните работници на Македонија, Жаклина Ристовска.
Кaкви се вашите впечатоци од годинашната свеченост по повод Денот на учителот?
– Имавме навистина емотивен и инспиративен настан, кој го организиравме во соработка со Министерството за образование и наука, во прекрасниот амбиент на Домот на културата „Билјана Беличанец“ во општината Кисела Вода. Мотото под кое се водеше програмата гласеше „Учителот инспирира, ученикот создава – заедно го обликуваат светот на знаењето“. На свеченоста со исклучително инспиративни говори се обратија министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, јас како претседателка на Сојузот и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, која како домаќин даде силна поддршка за образовниот кадар. Програмата беше дополнително збогатена со прекрасни музички и сценски изведби од страна на талентирани ученици, што внесе посебна емотивна тежина. Личниот впечаток ми е исполнет со длабока почит и силна надеж дека достоинството на просветниот работник конечно ќе си го врати своето вистинско место во општеството. Да се видат на едно место сите овие луѓе, кои се вистинските столбови на нашето општество, е непроценливо. Овој настан уште еднаш докажа дека улогата на учителот останува клучна и незаменлива.
Според кои критериуми беше направен изборот на најдобрите просветни работници годинава?
– Изборот на најдобрите 13 наставници и воспитувачи не е нималку лесна задача. Самиот процес се води според строго дефиниран Правилник на Сојузот на просветни работници. Главните критериуми вклучуваат врвни резултати и успеси на учениците на општински, државни и меѓународни натпревари, примена на иновативни методи во наставата, современа ИКТ-технологија и интерактивни наставни средства, посветеност во воннаставните активности, менторство и изработка на стручни трудови, учебници или прирачници, како и континуиран професионален развој. Зад овој избор стои прецизната работа на Комисијата за доделување признанија, составена од истакнати професори од факултети и долгогодишни практичари. Членовите на комисијата детално го разгледуваат секое поднесено портфолио за да се обезбеди максимална објективност. Целиот процес е поддржан и верификуван од Претседателството на Сојузот во следниов состав: Жаклина Ристовска – претседателка, Билјана Лотеска – заменик-претседателка, Љиљана Крстевска – секретарка, проф. д-р Анита Штерјоска Митровска – членка, Гордана Угриновска – членка, Сузана Николоска – членка, Слаѓана Стаменковска – членка, Марија Давчевска – членка, Илија Најдовски – член, Гордиана Ѓоргова – членка, Билјана Мишева – членка, претставниците на регионалните здруженија Анета Велкоска – членка и Милица Тимчевска – членка, кои будно следат наградите да одат во рацете на оние што навистина ги оставиле срцата во училницата. Почесен претседател на Сојузот е Раско Лозановски, кој беше долгогодишен секретар на Сојузот низ годините.
Кои се главни цели на Сојузот и колку тој придонесува во помагањето на просветните работници?
– Фундаменталната мисија на Сојузот на просветни работници на Македонија е бескомпромисна заштита на достоинството, унапредување на професионалниот статус и враќање на социјалниот углед на наставничката професија. Нашата примарна цел е да бидеме автентичен глас на практичарите и директен партнер во креирањето на образовните политики пред Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО). Сојузот е активен двигател и силен потпирач за наставниците преку континуирана едукација и професионален развој, специјализирани стручни советувања, трибини и дебати што служат како платформа за размена на иновативни и успешни наставни практики меѓу колегите од целата држава и колегијална поддршка во транзициски периоди. Во времиња на чести и динамични образовни реформи, кои неретко носат недоумици во училниците, Сојузот нуди силна поддршка меѓу наставниците. Наместо наставникот да се чувствува осамено пред новите предизвици, ние создаваме простор за меѓусебно помагање, споделување искуства и заедничко наоѓање практични решенија за полесно и побезболно справување со новите административни и методски барања. Исто така се залагаме за јавна валоризација и признание на наставничкиот труд преку традиционалните манифестации, како што е одбележувањето на Светскиот ден на учителот, се грижиме општеството јавно да ги види и препознае оние што се тивки, но најважни херои на нашето секојдневие. Работиме и на негување на креативноста и македонскиот идентитет преку младите преку традиционални ликовни и литературни конкурси за деца и ученици од предучилишно до средно образование. Овие конкурси, посветени на значајни датуми и великани од македонската историја, не само што го поттикнуваат детскиот талент туку и ги зајакнуваат трајните патриотски и културни вредности кај новите генерации.
Остваруваме и меѓународна соработка и проекти на „Еразмус+“. Благодарение на добиениот проект на Сојузот, наши наставници стекнуваат современи знаења на меѓународно ниво. Овие искуства систематски ги пренесуваме на локално ниво преку насочени дисеминации, кои во моментов се фокусирани на две клучни теми на 21 век: интеграција на дигитални алатки со вештачка интелигенција (ВИ) во училницата и развивање на претприемаштвото кај учениците.
Какви активности има Сојузот во текот на годината и кои се вашите следни активности во блиска иднина?
– Нашите активности имаат континуиран и динамичен карактер во текот на целата календарска година, со посебен фокус на едукацијата, креативноста и социјалното зближување на просветарите. Нашата тековна работа е силно обележана со меѓународниот проект од „Еразмус+“ на Сојузот – „FutureTech and Entrepreneur Bootcamp“. Како дел од овој проект, со огромно задоволство можам да истакнам дека веќе успешно се одржани четири дисеминации (во Скопје, Велес, Свети Николе и Битола), каде што нашите обучени наставници пренесоа драгоцени знаења за практична примена на дигитални алатки со вештачка интелигенција (ВИ) и развој на претприемаштвото во училниците. Паралелно со ова, во фаза на активна подготовка е веќе низа од нови проекти на „Еразмус+“ и други меѓународни проекти, кои ќе донесат нови обуки и европски наставни искуства за нашето членство и сите просветни работници во државата. Покрај стручниот дел, Сојузот веќе ги планира следните традиционални активности со кои ја разгоруваме детската креативност, нови литературни и ликовни конкурси за учениците, кои ги посветуваме на значајни историски личности и датуми од македонската историја. Свесни дека наставничката професија бара и социјален вентил, во блиска иднина планираме и серија заеднички неформални дружења и средби на членовите на Сојузот, со цел да ги зацврстиме колегијалноста, меѓусебната поддршка и солидарноста во дејноста. На организациски план, Сојузот доживува вистинска експанзија. Моментално Сојузот најблиску соработува со две клучни, веќе етаблирани регионални здруженија на просветни работници во Куманово и Скопје. Меѓутоа, нашата цел е мрежата да ја покрие секоја педа од државата, па затоа во процес на конструирање се новите регионални здруженија во Прилеп, Битола, Велес и Штип. Веднаш по нивното официјализирање, планот е процесот да се прошири и во сите други делови на Македонија, како што се Струмица, Берово, Тетово, Гостивар, Охрид и другите градови и региони. Сојузот незапирливо расте за да биде куќа на секој просветен работник во државата.

Вие сте наставничка што поминала три децении образовајќи и воспитувајќи генерации ученици, како национален обучувач на наставен кадар, автор на учебници, прирачници, материјали за учење, училишни весници, рецензент, а сега и наставник советник. Според вас, кои се најголемите пречки, проблеми и предизвици на денешниот просветен работник?
– Предизвиците се огромни и комплексни: Наставникот денес троши премногу време на пополнување извештаи, евиденции и планови, наместо тоа време и енергија да ги насочи кон креативна подготовка на часот и кон самиот ученик. Од друга страна, живееме во ера на вештачка интелигенција и брзи социјални мрежи. Огромен предизвик е наоѓањето начин да се задржи фокусот на учениците и како технологијата да се искористи конструктивно, а не како дефокус. Исто така, сè почесто се соочуваме со нарушен баланс во триаголникот наставник-ученик-родител. Наставничката професија со години ги губеше социјалниот статус и почитта, што резултира со демотивираност. Сериозниот предизвик со учебниците и наставните материјали. Како авторка на учебници, од прва рака знам колку е тешко да се создаде материјал што е истовремено строго усогласен со новите (и често менливи) програми, а од друга страна – близок, лесно разбирлив и максимално интересен за децата. Наставникот денес едноставно мора да балансира меѓу наставните стандарди и содржините во учебниците, од кои добар дел, за жал, воопшто не се усогласени со нив. Сите знаеме дека наставникот примарно реализира наставна програма, но во реални услови на сериозен недостиг од основни дидактички материјали и ИКТ-опрема, учебникот во повеќето средини сè уште останува единственото достапно средство за работа и учење..
Кои промени му се потребни на македонското образование?
– На македонското образование му се потребни, пред сè, стабилност и деполитизација. Образованието не смее да биде полигон за брзи и непромислени експерименти со секоја промена на власта. Поконкретно, би рекла суштинска, а не формална модернизација: опремување на сите училишта (особено во руралните средини) со современи дидактички средства и пристојни услови за работа. Потребна е и темелна ревизија на учебниците. Итно е потребна проверка на постојната литература за да се утврди дали учебниците се целосно усогласени со стандардите на наставните програми и со возраста на учениците. Како авторка, особено инсистирам на тоа учебниците конечно да понудат квалитетни задачи и предизвици што ги опфаќаат сите нивоа на Блумовата таксономија на когнитивни цели – од базичното паметење и разбирање, преку примена и анализа, па до повисоките нивоа на вреднување и креативно творештво. Мора да го исчистиме материјалот од сувопарна фактографија, која децата ја учат напамет за оценка и ја забораваат веднаш по тестот. Образованието треба да ги учи да размислуваат критички и да решаваат реални проблеми. Исто така, важно е враќање на воспитната компонента. Училиштето стана премногу насочено кон трката по оценки. Мора да го вратиме фокусот на воспитувањето – градење карактер, етика, другарство и меѓусебна солидарност кај младите луѓе. Највредната инвестиција на една држава е инвестицијата во човечкиот капитал и во знаењето.
Што треба да поседува еден просветен работник за да биде успешен, квалитетен, сакан и почитуван?
– За мене, формулата за успешен наставник се сведува на три клучни елементи: љубов, емпатија и постојан развој. Емпатија и разбирање: Пред да бидеме пренесувачи на знаење, ние мора да бидеме луѓе. Еден квалитетен наставник знае да го слушне ученикот, да ја препознае неговата тага, страв или талент. Децата не велат залудно „ја сакам наставничката затоа што ме слуша“. Интегритет и праведност: Учениците и родителите безгрешно препознаваат неправда. Кога наставникот е праведен, доследен и има еднаков критериум за сите, тој природно стекнува длабок авторитет и почит. Страст за знаење: Добриот учител никогаш не престанува да учи. Ако самите ја изгубиме љубопитноста за светот, како ќе ја разгориме кај нашите ученици?
Наставникот што инспирира е оној што и самиот е инспириран.
Просветни работници на годината за 2025/2026
Годинава признанија им беа доделени на 13 најистакнати просветни работници од предучилишното, основното и средното образование за учебната 2025/2026 година:
Предучилишно воспитание: Клементина Петрушевска (ЈОУДГ „Весели цветови“ – Кисела Вода).
Одделенска настава: Соња Трифуновска, одделенска наставничка, наставничка советник во ООУ „Гоце Делчев“ во Тетово, Виолета Поповска, одделенска наставничка во ООУ „Вера Јоциќ“ во Скопје, Габриела Мерџаноска, одделенска наставничка, наставничка ментор во ООУ „Гоце Делчев“ во Гостивар, Ксенија Николова, одделенска наставничка, наставничка советник во ООУ „Гоце Делчев“ во Босилово, Весна Тодоровска-Унковска, одделенска наставничка во ООУ „Партенија Зографски“ во Кисела Вода, Скопје.
Предметна настава: м-р Томе Китановски, наставник по биологија во ООУ „Гоце Делчев“, Струмица, Василево, Бојанка Џипунова Ташова, наставничка по македонски јазик во ООУ „Васил Главинов“ во Велес, м-р Вера Зороска, наставничка по физика, наставничка советник во ООУ „Христо Узунов“ во Охрид, м-р Оливера Шиклеска Грозданова, наставничка по информатика во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола, Благица Чатлеска, наставничка по англиски јазик во ООУ „Гоце Делчев“ во Прилеп.
Средно образование: Никола Делевски, професор по физика во Регионален центар за стручно образование „Никола Карев“ во Струмица.
Постхумно му се доделува Признание за просветен работник на годината во учебната 2025/2026 на професорот по математика Слаѓан Станковиќ-Битрак, кој бил професор во СОУ „Наце Буѓони“ во Куманово и Математичко-информатичката гимназија во Скопје.
„Колибри“ во наредните изданија, во посебна рубрика, ќе ги претстави сите наградени просветни работници.
































