Ако може да му се верува на Твитер

Патем, бидејќи не е толку далеку од пругата, ќе може да се понуди и тура низ Арачиново со посета на локалните рудници. Таму, ако може да му се верува на Твитер, навистина се копа, додуша не во вистински рудници, туку во оние како во ГТЦ, на пример, кои постојат, ама не постојат. Кои сите ги видоа, ама не ги видоа. Е, така и овие, арачиновските копачи, наводно, копале биткоини, ама не е за верување. Колку може да им се верува на твитерџии?

Деновиве сум нешто филозофски настроен, ме влече убавата страна на животот, доста ми е од политика и политикантство. Сакам да слушам, да читам за убавите работи, да размислувам за нив. Како такви.
Еве, на пример, на Твитер прочитав една убава мисла: „Патување со воз во Македонија е само за оние што уживаат во животот…“. И сосема е во право човекот. Колку е убаво да се качиш во воз во Скопје и да тргнеш, на пример, за Прилеп. Тргнуваш, се опушташ во возот и уживаш, уживаш, уживаш и така десетина часа. Ееееј, Прилеп е тоа, знаете ли вие каде е Прилеп. Патем застанувате во Богомила да се одморите, да се релаксирате и вие си мислите дека се тоа осум-десет часа одмор, но не, тоа ве измамила убавината на пејзажот што го гледате низ прозорецот. Доказ за тоа е изјавата што ја пренесоа некои медиуми од Регионалниот центар за управување со кризи од Велес, дека застојот траел околу еден час. Тоа што луѓето измрзнале, бесни, нервозни се јавуваа по сите можни медиуми, објавуваа на социјалните мрежи дека застојот траел со часови – било фатаморгана. ЦУК вели дека било само еден час.
Ете, значи колку опива убавината на Македонија. Вие седите само еден час во возот, уживате во крајоликот и во нирваната ви се причинува дека минале цели десет часа. Е, тоа е убавина.
Инаку, за недоволно упатените, во неделата вечерта, медиумите известија дека поради блокирана пруга, возот во кој имало околу 120 патници, кој тргнал во 14 часот од Скопје бил запрен во Богомила, бидејќи во селото Слепче имало расипан товарен воз, поради кој била блокирана пругата и патничкиот воз не можел да помине, а како резултат на блокадата, патниците со часови чекале на железничката станица. Некои од нив се жалеле дека не знаат за што станува збор, бидејќи кондуктерот им кажал дека е можно да се чека и до полноќ. Некаде околу 19 часот, од Скопје тргнала помошна локомотива, која дури во 21.50 часот ја повлекла расипаната, по што патничкиот воз од Богомила продолжил кон Битола. Патничкиот воз пристигнал во Битола 30 минути по полноќ.

Но тоа го може само нашето омилено прифатилиште за „наши деца“, проверени партиски кадри познато и како „Македонски железници“, фирма што со години служи таму за да се сместат политичари што имаат задача само да земаат плата и одвреме-навреме да нишаат врата. Инаку, ако сте слушнале некоја убава вест за ова јавно претпријатие, не би било лошо да ја споделите со јавноста. Имено, дека е решен некој од многубројните насобрани проблеми, кои со години се трупаат, а никако да се решат.
Туку, ај многу да не зборуваме за вакви работи, да ги пикнеме и нив под тепих, оти може да се случи веста да ја прочитаат и странциве, кои запнале да ни воведат и брза пруга низ Македонија, демек од Србија кон Грција да се оди со голема брзина, да се натераат луѓето да патуваат со воз кога одат на одмор, да не користат авиони, да се намали загадувањето, да се смалат трошоците итн. Убави размисли, ама недостига романтизам. Затоа, кога ќе тргне некогаш таа брза пруга, ние ќе им понудиме дел до нашето гостопримство, па ќе им организираме тури со шестчасовен престој во Зелениково, претовар во Велес или бесплатно ноќевање во паркот пред Железничката во Гевгелија. Да видат странциве дека не е убавината во брзата пруга, туку дека има живот и надвор од брзањето.
Патем, бидејќи не е толку далеку од пругата, ќе може да се понуди и тура низ Арачиново со посета на локалните рудници. Таму, ако може да му се верува на Твитер, навистина се копа, додуша не во вистински рудници, туку во оние како во ГТЦ, на пример, кои постојат, ама не постојат. Кои сите ги видоа, ама не ги видоа. Е, така и овие, арачиновските копачи, наводно, копале биткоини, ама не е за верување. Колку може да им се верува на твитерџии?
Јас повеќе сакам да им верувам на политичарите. Особено кога даваат бројки. Ете, деновиве министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција информира дека сите државни институции во октомври имаат најмалку за 15 отсто намалена потрошувачка на електрична енергија, што е во согласност со препораките и задолженијата што ги донесе Владата. Податоците за заштеда на електрична енергија кај општините, кои имаа препорака да штедат, покажуваат дека од 81 општина, 65 општини постигнале заштеда од најмалку 15 отсто, а три имаат поголема потрошувачка во октомври 2022, споредено со октомври 2021 година. Станува збор за Арачиново со зголемување од 474 отсто, Студеничани со 11 отсто и Лозово со 12 отсто.

И сега, токму по овие зборови на министерот злобниците побрзаа да го напаѓаат Арачиново, па дури и на Твитер да го кодошат дека, наводно, се копало криптовалута и дека оттаму доаѓа енормно зголемената потрошувачка на струја. Мислам дека не е точно. Повеќе сакам да верувам дека, всушност, е оформен тим експерти што работат на создавање софтвер за пресметување данок на имот. Токму така. Па, нели, пред извесно време кога се откри дека Арачиново нема приходи од данок на имот, надлежните тврдеа дека не собирале данок затоа што имале проблем со софтверот. Е па, токму тука е одговорот зошто се троши толку многу струја. Се користат компјутери за да се создаде нов софтвер. И тоа многу компјутери, поврзани на едно место за да се најде најдобриот софтвер. Барем јас, како лаик за компјутери, верувам дека е така. Се копа софтвер, а не криптовалути, биткоини и некои такви новотарии.
И, не вознемирувајте ме со такви измислици. Како што реков, сакам да слушам само за убави работи.