Карикатура: „Нова Македонија“

Европскиот парламент неодамна усвои Резолуција за проширување на ЕУ, во која под параванот за некое идно временски недефинирано проширување, всушност, на земјите-кандидати им се наметнуваат само обврски што немаат многу допирни точки со пристапниот процес, ниту пак им гарантираат членство. Ако претходно се користеше методот на морков и стап, сега изгледа остана само стапот за помалите држави. Токму примерите со Македонија, најново и со Србија, но и со другите кандидати за членство, најдобро го покажуваат тоа

НЕПРИНЦИПИЕЛНОСТА НА ЕУ СТАНА НЕЈЗИН ЗАШТИТЕН ЗНАК

Европската Унија откако изминатиот период се увери дека непринципиелните политики лесно поминуваат во земји како Македонија, почна оваа практика да ја применува и пошироко во регионот, како модел за остварување на поставените цели на Брисел, не водејќи сметка дека со таквиот настап директно им го нарушува суверенитетот на земјите.

Македонија не е единствената што страда од непринципиелноста на ЕУ

Македонија беше еклатантен пример за успешноста на таа непринципиелна, понижувачка и лицемерна политика на Европа кон помалите земји, кои се буквално ставени во позиција да прифатат сè што ќе побара од нив официјален Брисел, во спротивно европските бирократи веднаш се закануваат со блокада на евроинтеграциите и замрзнување на фондовите.
Промената на уставното име, вметнувањето на бугарските барања во преговарачка рамка со ЕУ, како и најновото барање Бугарите да бидат внесени во македонскиот устав се рецептот што беше применет кај нас и кој сега Брисел сака да го примени и врз соседна Србија, преку притисок и уцена да го оствари она што го замислил и зацртал. За Македонија ова се однесува дури и на одземањето на т.н. природни права како највисоки права (јус когенс), односно преку одредени меѓународни договори потпишани под притисок, „договорно“ да бидат регулирани прашањата за името и идентитетот!?
Имено, Европскиот парламент неодамна усвои Резолуција за проширување на ЕУ, во која под параванот за некое идно временски недефинирано проширување, всушност, на земјите-кандидати им се наметнуваат само обврски што немаат многу допирни точки со пристапниот процес, ниту пак им гарантираат членство.
Најново, во делот на Резолуцијата на Европскиот парламент за Србија, европратениците бараат земјата да се усогласи со надворешната политика на Унијата и да воведе санкции кон Русија. Со амандманот што е усвоен, предвидено е да се преиспита финансиската помош за Србија „за да се осигури дека сите расходи на ЕУ во целост се во согласност со стратегиските цели“. Со амандманот се предвидува дека доколку Србија не воведе санкции кон Русија, земјата треба да биде блокирана на европскиот пат!

Различни ЕУ-форми на притисок и ултиматуми

Без оглед што станува збор за необврзувачка резолуција на Европскиот парламент, сепак таа е некаква форма на отворен притисок кон Белград и уште една потврда за европското лицемерство кон помалите и послаби земји. Парадоксално е да се бара од земји што не се членки на Унијата и кои немаат реална европска перспектива во скора иднина да ја усогласуваат својата надворешна политика со ЕУ, а во исто време земји-членки на Унијата и натаму да бидат изземени од дел од санкциите кон Русија и да продолжуваат и натаму да увезуваат руска нафта и гас, одржувајќи ги нивната економија и стандардот на нивните граѓани во добра форма.
Едноставно кажано, Европа го користи наводниот процес за проширување само за да ги реализира сопствените интереси, без притоа да води сметка дека им го нарушува суверенитетот на државите и најдрско се меша во нивните внатрешни работи.
Аналитичарите со кои се консултира весникот сметаат дека ЕУ се води исклучиво од сопствените интереси, без да води сметка за методите што ќе ги примени при остварувањето на тие цели, настапувајќи исклучиво од позиција на посилен.
– Едно е кога си внатре, друго е кога си надвор. Кога си внатре можеш и да се бунтуваш, да не почитуваш и да те толерираат. Кога си надвор, имаат можност да прават „што сакаат“. ЕУ се покажа дека во суштина декларативно се залага за одредени права и тоа веќе е дегутантно да се гледа. Тоа го покажа најновиот пример со Србија и Косово – вели Синиша Пекевски, аналитичар.
Според него, оние форми на притисоци и уцени што ЕУ го правеше врз Македонија, многу потешко ќе поминат во Србија. Но битно е да се нагласи дека Европа ги практикува тие методи и воопшто не се срами да го стори тоа, па ако другата страна е „аморфна маса“, ЕУ ќе ја обликува според своите желби и потреби.
– Формите на притисок не поминуваат лесно, развој, стратегиски е важна, многу добро е поврзана со Кина и со Русија и не зависи толку од ЕУ. Истата таа ЕУ не може толку да не ја почитува Србија колку што не ја почитува Македонија. Згора на тоа, Србија има сојузници и во самата ЕУ, како една Франција, Грција, така што тешко ќе помине рецептот на притисоци и уцени безусловно, токму онака како што се правеше во Македонија – категоричен е Пекевски.
Тој смета дека сегашниве резолуции што се гласаат во ЕП јасно покажуваат дека во суштина само се бара нешто од земјите-кандидати, а ништо не им се дава.
– Сè се сведува само на тоа дека само се бара, а ништо не се дава. Нема морков веќе, само стап. Посилниот ги диктира условите и ќе продолжат со таа политика. Ние ги молиме да влеземе таму, така што тие го имаат комплетното право, без оглед што го злоупотребуваат, ама декларативните критериуми што ги имаат како еднаквост, разбирање, демократија и слично, апсолутно не важат кога станува збор за нас – заклучува Пекевски.


Јанев: Македонскиот идентитет и јазик се загрозени

Универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, врз примерот со Преспанската спогодба најдобро ја објаснува таа лицемерна европска политика на притисок и уцени, кога се погазуваат сите природни права на еден народ.
– Македонскиот идентитет и јазик, кои е предмет на договорната регулација (во македонскиот случај), се загрозени бидејќи токму договорите со кои се регулираат се спротивни на природните права.
Природните права (или јус когенс права) забрануваат договорна регулација на идентитетот, односно националниот идентитет, како по фундаментална категорија. Со други зборови, сите идентитетски договори, поради фактот што се спротивни на природните права (или јус когенс права) се нелегални – вели Јанев.
Тој предупредува на еден тренд во земјава за извртување на правната логика, а која се однесува на договорите.
– Некои „правници“ во Македонија се обидуваат да ја извртат логиката и да докажат дека природните права не се однесуваат на договорите. Односно дека овде ,наводно, според нив, нема никаква интеракција меѓу договорите со повисоките природни права. Но треба да се констатира обратно. Од фактот што договорите со Грција и со Бугарија се „идентитетски“, тие се спротивни на основните природни права, па оттаму се нелегални, бидејќи хиерархиски природните права (или јус когенс права) се повисоки правни норми – појаснува професорот Јанев.
Според него, со диспозитивните договори се прави обид, во нашиот случај, нелегално да се регулира нешто што потпаѓа под природното право на самоопределување и самоидентификација.
– Идентитетската регулација е спротивна на овие природни права. Националниот или етничкиот идентитет не може и не смее да се регулира со еден договор, домашен или меѓународен. Обид за регулирање на идентитетот исто така не е дозволен. Тешко е да се спори дека со Преспанскиот договор не се врши обид за регулирање на идентитетот, бидејќи самиот предмет е идентитетското регулирање. Договор како што е Преспанскиот, на пример, има недозволен предмет на склучување. А доколку е склучен, како таков е нелегален. Со Преспанскиот договор се врши идентитетското редефинирање на македонскиот идентитет. Тоа не е дозволиво, токму бидејќи природното право дава полна правна слобода независно да се одреди сопствениот идентитет, односно да се самоодреди – заклучува Јанев.


Двојни критериуми за усогласената европска политика

И додека ЕУ ги условува малите земји да ја усогласуваат нивната надворешна политика со онаа на ЕУ, моторите на истата таа ЕУ ги гледаат своите интереси и ја усогласуваат својата надворешна политика онака како што ним им одговара.
Имено, Франција, Германија и Холандија, како што покажуваат јавните настапи на нивните лидери овој месец, остануваат резервирани во однос на барањето на Вашингтон да извршат економско одвојување од Кина поради геополитички цели, како што се забавување на нејзиниот економски развој и слабеење на нејзината воена моќ.
Минатата недела беше одржана конференција на Организацијата за економска соработка во Азиско-пацифичкиот Регион (АПЕЦ) во Бангкок, каде што обраќање имаше и францускиот претседател Емануел Макрон, кој се заложи за еден единствен светски поредок во кој државите не мора да се определуваат дали се за САД или за Кина.
Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и холандскиот премиер Марк Руте имаа средба со кинескиот претседател Си Џинпинг, кој ги повика да продолжат да ја развиваат економската соработка со неговата земја, односно да се воздржат од политизација на економијата за да се обезбеди стабилност во снабдувањето и функционирањето на економиите.