Фото: Игор Бансколиев

Сѐ повеќебројни се мотивите кај различни иницијатори, чија цел е Уставот да се менува поради остварување одредени партиско-политички поени. И досегашните интервенции тешко дека беа во духот да се отстранат противречностите што произлегуваа од македонското уставно првенче по осамостојувањето, туку беа наметнати како неопходност во процесот на менување на карактерот на државата и експеримент „ин виво“ на меѓународната заедница. Сето тоа го усложни функционирањето на државата и се засилија постојните противречности во највисокиот државноправен акт

Претседателот на државата избиран
од страна на собранието, како повод

Во разговор со повеќе професори, уставноправни експерти, дипломати и аналитичари, во врска со сѐ почестите изблици на иницијативи за менување на Уставот, заеднички пресек на изразените ставови е дека „постојаните барања за промена на Уставот, како што е бришењето на 20 отсто за албанскиот јазик или последното барање за избор на претседателот на државата од страна пратениците во Собранието“ се политички несериозни бидејќи произлегуваат од дневнополитичките потреби на партиите. Познавачите нагласуваат дека некоја евентуална промена на Уставот треба да произлезе од една поширока консултација на сите чинители на општеството. Во спротивно, доколку Уставот се менува поради остварување одредени партиско-политички поени, тоа може дополнително да го усложни функционирањето на државата и да се засилат постојните противречности во највисокиот државноправен акт.

Неопходност од широки консултации на сите чинители во македонското општество

Токму во врска со иницијативата за промена на Уставот, а во врска со измената „претседателот на држава да биде избиран од страна на Собранието, а не на непосредни избори“, соговорниците сметаат дека со тоа неминовно доаѓа до деградирање на функцијата на претседателот, бидејќи тој нема да ја изразува волјата на народот, а секако ќе отвори можност за условување од страна на политичките партии со етнички предзнак.
Според проф. д-р Билјана Ванковска доколку реално се анализира, на македонскиот устав му е потребен сериозен ремонт, на кој ќе му претходат широки консултации на сите чинители во македонското општество. Можните промени на Уставот треба да бидат условени од реалните потреби на државата, а не од дневнополитичките потреби.
– Во овој момент барањето за промена на Уставот во смисла да се избира претседателот на државата од страна на Собранието е политички несериозно. На овој начин може да дојде до деградирање на функцијата претседател на државата бидејќи може да стане предмет на политички пазарења помеѓу партиите. Од друга страна, доколку Собранието го избира претседателот тогаш на народот му се ускратува правото да го изрази своето мислење – вели Билјана Ванковска.
Според некои од експертите со кои се консултиравме, барањето за избирање на претседателот во Собранието може да ја отвори Пандорината кутија за партиски пазарења, со што се доведува во прашање функционирањето на вистинската демократијата, со внесување на „консензуалната демократија како уште поголем кочничар и нешто слично како нефункционалниот модел на веќе анахроното Бадентерово мнозинство“. Некои од познавачите, на пример, и посочуваат дека најдобро решение би било народот директно да одлучува на избори, но во еден круг. Аргументацијата им е дека на овој начин би се решил проблемот со одзивот на гласачите, а од друга страна претседателот на државата ќе има авторитет да им биде медијатор на политичките партии.

Меч со две сечила

За оваа проблематика, Ристо Никовски, дипломат од кариера, вели дека барањето за промена на Уставот во смисла претседателот да се избира во Собранието е меч со две сечила и смета дека не е моментот за такво решение. Според него, многу подобро би било да се намали квантумот за избор бидејќи сегашниот е превисок.
– Самиот избор во Собранието ќе биде поради различните интереси, најверојатно ќе води на условување од страна на партиите со етнички предзнак. Поради сето тоа, решението мора да се бара во досегашниот систем со намален број на потребни гласачи, најдобро би било да остане сегашниот избор, ама во еден круг – вели Ристо Никовски.