Спортот полека се враќа

Во такви услови и со многу најави дека и спортот ќе биде поинаков откако планетата ќе излезе од изолацијата, важно е, како и секогаш во секоја друга спортска ситуација, како што се моментите по победа или по пораз, или сега за време на паузата предизвикана од пандемија, да се мисли и на следните чекори

Пандемијата на коронавирусот го смени лицето и на спортот, запирајќи ги на неодредено време речиси сите негови активности, поставувајќи многу пречки за нормалното функционирање од спортски и од економски аспект, создавајќи нови предизвици на тој пат, но и отворајќи нови можности. По големата пауза спортот постепено почна да се враќа на светската сцена, со германската фудбалска Бундес-лига како прва од најсилните фудбалски натпреварувања што ја продолжи сезоната.
Се најавува продолжување на сезоната и во други фудбалски првенства и продолжување или почнување на натпреварите и во други суспендирани спортови, но сите, секако, без публика на самото место, со многу медицински и други протоколи при организацијата на спортските настани, заради спречување на ширењето на коронавирусот. Во прв план, секако, е здравјето на луѓето.

Во меѓувреме, во тек се реализациите на разни видови финансиска и друга помош за сите засегнати во спортот (спортисти, клубови, федерации…), меѓу другите и од меѓународните, планетарни и континентални, спортски институции во повеќе спортови, но и хуманитарни акции на спортисти и институции. Во следниот период, секако, ќе се разгледуваат и ќе се реализираат новите идеи, планови, стратегии… прво за враќање на претходното скалило, економско, спортско…
Во такви услови и со многу најави дека и спортот ќе биде поинаков откако планетата ќе излезе од изолацијата, важно е, како и секогаш во секоја друга спортска ситуација, како што се моментите по победа или по пораз, или сега за време на паузата предизвикана од пандемија, да се мисли и на следните чекори.

Многу изјави од минатото на славниот кошаркар, Американецот Мајкл Џордан, кој во деновите на светска спортска пауза поради пандемијата на коронавирусот предизвика големо внимание низ светот со документарната серија од 10 епизоди, сега во време на запрен спорт во најголемиот дел од планетата, добиваат значење, како своевиден патоказ за решавање одредени нови ситуации со кои се соочува спортот.
Така, изјавата „секогаш преврти ја негативната ситуација во позитивна“ јасно кажува како да се бара еден излез од спортскиот лавиринт во кој се најде светскиот спорт, предизвикан од коронавирусот, а тоа би било, меѓу другото и наоѓање нови и иновативни решенија во новонастанатата ситуација, со нов начин на размислување, секако и со многу нова енергија.

Во тоа можеби може да помогне и изјавата на Џордан „границата често е илузија“ или советот „пречките не мора да ве сопрат, ако наидете на ѕид, не свртувајте се и не откажувајте се, најдете начин да се прекачите, да поминете низ него или смислете решение“.
„Ништо не успева како успехот“ е стара поговорка, според која ако некој е успешен во нешто сега, големи се шансите да биде успешен и во иднина или, со други зборови, успехот раѓа успех. Тоа отвора нови можности, големите достигнувања даваат и самодоверба и ги отвораат вратите за идните успеси. Но „ништо не успева како успехот“ има и пошироко значење и е важно за поведување акција пред да дојде успехот. Важно е да не запре наоѓањето нови таленти и продукцијата на идни спортски ѕвезди, со посветеност во сите сегменти, со илјадници часови напорна работа. Треба да се даде импулс, да им се даде уште поголема шанса на младите за тие воопшто да имаат шанса да успеат.

Тој почетен импулс на успех потоа може да стане како перпетуум-мобиле, па тој кај сите инволвирани, спортисти, тренери, клубови… да донесе нов поттик, нови мотиви, повисоки амбиции, позитивност во мислите… „Можам да прифатам неуспех, секој не успева во нешто. Но, не можам да прифатам да не се обидуваш“, рекол Џордан, еден од најдобрите светски кошаркари на сите времиња.
Таквиот начин на работа, пак, може да донесе и успех во континуитет. Продукцијата во клубовите мора да продолжи со несмалено темпо и треба да се форсираат младите, но треба и да се истрпат нивните грешки.

„Промашив повеќе од 9.000 шута во мојата кариера. Изгубив речиси 300 натпревари. Вкупно 26 пати ми беше дадена доверба да го упатам шутот за победа и промашив. Не успевав одново и одново во мојот живот. И токму затоа успеав“, изјавил Џордан, шесткратниот првак во кошаркарската НБА-лига, олимписки шампион, МВП (најкорисен играч) во многу сезони, категории и натпреварувања.
Клучот е и во работата на долги патеки, а одличната работа во базата создава и можности, отвора перспективи.

А таму, кај спортските производители, е потешкиот дел и само таму знаат колку е долг и макотрпен тој пат додека да се создаде резултат, особено таков што е видлив во меѓународни рамки. Но „отсекогаш верував дека ако работите на нешто, резултатите ќе дојдат“, рекол Џордан.

[email protected]