ЕУ бара европски вредности, но им намигнува на балканските методи

Ако пред гласањето во македонското собрание за имплементација на Преспанскиот договор во Уставот, по неуспешниот референдум за негово прифаќање, тогашниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан „предвиде“ дека парламентарната процедура ќе помине, „ако не со европски вредности, тогаш со балкански методи“, неодамна холандскиот премиер Марк Руте се чини ја продолжи таквата традиција на намигнување за „балканските методи“

Од периодот на животот што по извесно понатамошно животно искуство и подзаборавените тогашни стресови некако лесно го квалификуваме како „среќен“, т.е. тинејџерските години што вообичаено се совпаѓаат со средношколските денови, останата е една анегдота што редовно се евоцира на сите генерациски средби. Во петок, пред првиот час, еден од соучениците затрчан од врата ја зеде кредата и на таблата напиша: „Вечерва, кај мене дома на журка!“ Таквата јавна објава подразбираше дека целиот клас е поканет. Иако не му беше роденден на каначот (само родителите биле заминати некаде на викенд), поканата (предизвикот) беше прифатена кај поголемиот дел од класот, па дури и кај некои соученици од другите класови. Собрани од кај „Рекорд“, ние, симпатично друштвенце од 10 до 15 тинејџери, успешно ги пронаоѓаме улицата, зградата, влезот и ѕвончето пред вратата од станот кај што треба да има журка. Но наместо вратата да ни ја отвори другарот од класот, се појавува сестра му и соопштува дека „Горан излезе“! Сепак, сестрата ни дозволи да влеземе во станот каде што требаше да има журка и нѐ остави во дневната соба, а таа се затвори во нејзината. Поседовме можеби неполн час, чекајќи го „домаќинот“, кој не се појави, и заминавме. Не го пријавивме во полиција, па дури ниту кај родителите. Не му се налутивме, туку повеќе бевме загрижени како ќе собере храброст и објаснување да ни објасни во понеделник што му требало непотребно да нѐ кани на журка. Сепак, во понеделникот нормално си се појави на училиште, со објаснувањето – „нешто му испаднало“ и животот си продолжи понатаму. И сега, за сите тогашни актери во случајот, тоа е симпатична анегдота.

Симпатичноста на анегдотите во суштина произлегува од фактот што иако се вистинити, претставуваат исечок од континуитетот на настаните во животот, заокружена приказна, за која не се прашува што се случило понатаму со ликовите што ги предизвикале дејството и настанот. Секако, анегдотите се симпатични приказни за евоцирање спомени за провоцирање добро расположение, но дискутабилна е нивната соодветност како пример за соочување и функционирање во реалноста. Функционирањето по принципот на дејството во анегдотите го носи ризикот реалноста да ни се претвори во бесмислена пародија, што со експанзијата на медиумските платформи е искомерцијализирано преку форматот на реално шоу.
Последните случувања во македонското собрание преку уште еден дебакл на демократијата и демократските процедури во обидот за гласање доверба на Владата, можеби во проекцијата на една иднина во која Македонија е полноправна членка на Европската Унија, ќе бидат симпатична анегдота. Во таа анегдота од проекцијата на европската иднина на Македонија, пратеникот Кастриот Реџепи би бил ликот што ги поканил другарите на журка ставајќи потпис на пратеничката петиција за преиспитување доверба на Владата, а самиот не се појавил на сопствената забава. И сите што ќе бидат присутни во таа посакувана проекција на македонската иднина ќе се смеат слатко на пријавата за исчезнато лице во полиција од страна на лидерот на политичката партија на која припаѓа Реџепи, на деградирањето на говорницата на македонското собрание со обраќање преку Фејсбук на исчезнатиот пратеник, на триковите со понудена, па повлечена оставка на претставниците на власта по „барање на публиката“… Всушност, според изјавите на бојкотирачите на иницијативата за гласање доверба на Владата, сите трикови што се употребени за тоа да не се случи во четвртокот на 11 ноември 2021, е токму поради тоа за сите да се бидеме насмеани, дури и да зајдеме во смеење во европската и НАТО-иднина. Гледајќи ги своите засмеани ликови во сопствената европска визија, се правиме дека не ги гледаме потсмешливите игри од сегашноста на претставниците од ЕУ.

Ако пред гласањето во македонското собрание за имплементација на Преспанскиот договор во Уставот, по неуспешниот референдум за негово прифаќање, тогашниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан „предвиде“ дека парламентарната процедура ќе помине, „ако не со европски вредности, тогаш со балкански методи“, неодамна холандскиот премиер Марк Руте се чини ја продолжи таквата традиција на намигнување за „балканските методи“. Според анализите на искусни македонски политичари и политички аналитичари, целото сценарио на опструкција на гласањето доверба на актуелната влада во Собранието е спроведена токму поради наводните „сериозни сигнали“ од холандскиот премиер во име на ЕУ, дека на самитот на Унијата во декември ќе биде повлечено бугарското вето и ќе започнат преговорите на Македонија за полноправно членство во истата таа Европска Унија. Симптоматично е замижувањето, односно избегнувањето да се споменат претходните неисполнети ветувања на претставници на ЕУ за официјален почеток на македонските евроинтеграции и по болните идентитетски отстапки на Македонија, токму поради членството во НАТО, но пред сѐ за ЕУ. Несфатливо, до ниво на потценување на македонските интелектуално-политички капацитети, е подметнувањето на речиси истото сценарио за дискредитација на највисоките институции на државата, како Собранието, со некредибилни ветувања на европски политичари за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. Притоа видливо е дека нема ниту време ниту релевантен соговорник во Бугарија за убедување за отстапување од нивното вето за македонските евроинтеграции.

Исто така симптоматичен е молкот на дипломатските претставници на земјите-членки на ЕУ во Македонија, кои избегнуваат, па дури и одбиваат да ги коментираат последните случувања во македонското собрание со (не)гласањето доверба на Владата и претходно за понудената (па одложена на неодредено) оставка на премиерот, вечерта по објавувањето на резултатите од локалните избори. Сите случувања и (не)реагирања на претставниците на ЕУ само го дуваат балонот на парадоксите, на кој Македонија е речиси принудена да „лета“. ЕУ постојано инсистира и бара усогласување на македонскиот демократски систем со европските принципи и стандарди на владеење, но подготвена е да замижи, па дури и да ги одобри подлите методи, кои треба Македонија да ја доведат до целта. Анегдотски парадокс, нели?!