Премиерот Христијан Мицкоски најави дека се очекува стабилизирање на цените на горивата и значително поевтинување на дизелот за околу 6 до 6,5 денари по литар, пренесе МИА.
Тој информираше дека утре ќе се одржи онлајн седница на Владата, на која ќе се разгледаат актуелните движења на цените на светските берзи и нивното влијание врз домашниот пазар.
Според него, анализите покажуваат дека по период на динамични промени на цените, се очекува постепена стабилизација.
-Според нашите пресметки, бензините би останале на приближно иста цена или би поскапеле за околу половина денар, додека дизелот би поевтинал за 6 до 6,5 денари – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека Владата разгледува и можност за дополнителни мерки со компанијата „Окта“ за евентуални попусти во првата половина на јуни, во зависност од условите на пазарот.
Мицкоски посочи дека во изминатите три месеци имало значителни флуктуации на светските берзи, но дека домашниот пазар останал стабилен и без прекини во снабдувањето.
-Граѓаните не почувствуваа ограничувања во снабдувањето со горива. Во исто време имавме зголемена побарувачка на бензинските пумпи, но системот функционираше стабилно – рече премиерот.
Тој нагласи дека, доколку се реализираат очекуваните пресметки, земјата ќе остане меѓу државите со најниски цени на горивата во регионот.

































