Министерот за здравство Азир Алиу денеска изјави дека е заокружена консултативната и институционалната постапка за подготовка на Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун и сродни производи, нагласувајќи дека станува збор за законско решение изработено низ широк и инклузивен процес.
На завршниот состанок со претставници на тутунската индустрија и угостителскиот сектор, кој се одржа во Владата во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, Алиу посочи дека законот е усогласуван со државните институции, инспекциските органи, стопанските субјекти, експертската јавност и граѓаните преку јавната расправа на ЕНЕР.
-Постојниот закон е донесен во 1995 година и, иако досега е менуван девет пати, повеќе не одговара на современите предизвици. Денес покрај класичните цигари постојат и електронски цигари и несогорливи тутунски производи, кои бараат нова регулатива – рече Алиу.
Тој посочи дека тутунот е поврзан со повеќе од 3.600 смртни случаи годишно во државата, што претставува околу 13 проценти од вкупната смртност. Според податоците што ги презентираше, економските последици од употребата на тутун се проценуваат на над 600 милиони евра годишно, односно околу 5,16 проценти од бруто-домашниот производ.
Министерот нагласи дека особено загрижувачка е употребата на никотински производи кај младите, посочувајќи дека 13,6 проценти од лицата на возраст од 13 до 15 години користат вакви производи, што е највисока стапка забележана од 2002 година.
Според Алиу, новиот закон не ги ограничува производството, увозот, извозот или продажбата на тутунски производи, туку ја регулира нивната употреба и промоција во ситуации кога тие можат да влијаат врз здравјето на другите граѓани.
Со новото законско решение се предвидува поголема заштита од изложеност на чад во затворени јавни и работни простории, како и регулирање на употребата на електронски цигари и други нови никотински производи. Дополнително, се воведуваат мерки за заштита на децата, вклучително и забрана за пушење во возила во присуство на малолетници и во близина на образовни и здравствени установи.
Законот предвидува и попрецизни правила за користење на терасите на угостителските објекти, при што ќе биде дозволено пушење само на тераси кои се отворени од најмалку две страни.
Во делот на рекламирањето, се воведува целосна забрана за промоција и спонзорирање на тутунски производи, вклучително и преку социјалните мрежи, онлајн платформите и инфлуенсерскиот маркетинг.
Алиу истакна дека новиот закон воспоставува појасен систем на контрола, со вклучување на 14 надзорни и инспекциски органи со јасно дефинирани надлежности.
Во подготовката на законот биле одржани седум состаноци со претставници на тутунската индустрија и пет со претставници на угостителскиот сектор, додека преку јавната расправа на ЕНЕР биле разгледани 58 коментари од граѓани, здруженија, компании и експерти.
-Законот е резултат на долг процес на консултации и усогласувања. Неговата главна цел е заштита на јавното здравје, особено на децата, непушачите и вработените – порача Алиу.
Предлог-законот во следната фаза треба да биде разгледан на владина седница, по што ќе биде доставен во собраниска процедура.

































