Упорни реформски промашувања

Нивното безгласно прифаќање од страна на властите, пак, е само невешт обид работите што побрзо да легнат, да стивнат дебатите и да не се отвораат нови расправи за (не)решавањето на овие, речиси по правило, системски и многу често суштински проблеми за пошироката јавност. Токму затоа не треба да вџашува ароганцијата со која повеќето досегашни владејачки гарнитури ги игнорираа забелешките и упорноста со која ги репродуцираа проблемите до немерливост, потврдувајќи ја притоа и сигурноста на индикаторите што ги детектираат ефектите од (не)преземените активности

Зад повеќе или помалку забележливите дневнополитички моменти со нескриени амбиции да прераснат во драма или во триумф, зависно од позицијата од која се емитираат, од повеќе меѓународни адреси пристигнуваат неповолни оцени за состојбите во Македонија.
Од незаобиколните годишни извештаи на Европската комисија, преку извештаите на Стејт департментот, „Репортери без граници“, „Фридом хаус“, „Транспаренси интернешнл“, ГРЕКО, разни агенции на Обединетите нации…, до листите на најзагадените места во светот, до овдешната јавност стигнуваат детални описи на проблемите со кои се соочува и повеќе или помалку точни процени на нивната „тежина“ во однос на товарот што го носи остатокот од светот. Како да постои уште некој во државава што не ги почувствувал на сопствените плеќи. Но, веројатно, е добро тоа да биде и меѓународно верифицирано.
И кога веќе таму во Брисел, Вашингтон, Женева и каде се не, се напрегнуваат да изготвуваат такви извештаи и за Македонија, веројатно, очекуваат и оти некој надлежен тука ќе ги чита и ќе подразмисли за формулациите како што се: влошената ситуација, незадоволителни состојби, ограничен напредок, недоволна координација, неефикасно распространета раководната одговорност… Тоа уште повеќе бидејќи зад тие, за некого веќе здодевни фрази цврсто како бедем стои поразителната реалност.

Токму така, сите досегашни власти во земјава, речиси по правило, се согласуваа дека извештаите се објективни поради што, сосема логично, јавноста и очекуваше дека тие ќе бидат искористени како добри патокази за натамошно дејствување, а со тоа и за подобрување на состојбите. Очекуваше дека одговорните внимателно ќе ги прочитаат, анализираат, ќе видат каде има простор за унапредување и едноставно, тоа и ќе го сторат, а потоа наведените забелешки ќе ги имаат предвид и при планирањето на сите идни активности, без оглед на нивниот необврзувачки карактер.
И зошто тогаш забелешките во извештаите со години се повторуваат? Можно ли е дека сите тие владини, меѓувладини и невладини институции и организации низ светот упорно посегнуваат по популарната алатка за копирање на содржините? Дека не можат или не сакаат да ги видат силните „постигнувања“ на овдешните власти? Не сакаат да им ги признаат заслугите? Можеби ги мразат?
Но да не бидеме патетични. Речиси сите тие извештаи се подготвуваат врз основа на информации добиени од повеќе различни и проверени извори, така што навистина неодговорно би било да се каже оти се необјективни, неажурирани или, не дај боже, се резултат на нечии лоши намери иако понекогаш, откако ќе ги исцрпат сите средства за поттикнување позитивни промени, повеќе или помалку суптилно апелираат и на промени на раководствата во одредени држави. Нивното безгласно прифаќање од страна на властите, пак, е само невешт обид работите што побрзо да легнат, да стивнат дебатите и да не се отвораат нови расправи за (не)решавањето на овие, речиси по правило, системски и многу често суштински проблеми за пошироката јавност.

И кога веќе таму во Брисел, Вашингтон, Женева и каде се не, се напрегнуваат да изготвуваат такви извештаи и за Македонија, веројатно очекуваат и оти некој надлежен тука ќе ги чита и ќе подразмисли за формулациите како што се: влошената ситуација, незадоволителни состојби, ограничен напредок, недоволна координација, неефикасно распространета раководната одговорност… Тоа уште повеќе бидејќи зад тие, за некого веќе здодевни фрази цврсто како бедем стои поразителната
реалност

Токму затоа не треба да вџашува ароганцијата со која повеќето досегашни владејачки гарнитури ги игнорираа забелешките и упорноста со која ги репродуцираа проблемите до немерливост, потврдувајќи ја притоа и сигурноста на индикаторите што ги детектираат ефектите од (не)преземените активности.
По години известување, таму некаде во Брисел, Вашингтон и слично, се добива сосема јасна слика за трендовите во секоја земја, па така и во Македонија, а таа е дека сѐ тече, ништо не се менува.
Некои веќе заговараат промена на власта во земјава. Ги имаше и пред неколку години. И неколку години пред тоа. Повеќе од сигурно е дека и во иднината ќе ги има.
Но дали тоа би било доволно? Многу повеќе од промена на власта е потребна промена на свеста меѓу припадниците на политичките елити, радикална промена во начинот на нивното владеење и во практикување на нивните политики, кои во сегашните услови не изгледаат само анахроно, туку сѐ повеќе и шизофрено. Дали промените ќе започнат од врвот или од долу, зависи само од нив зашто со текот на времето, насобраните проблеми ќе мора да се решаваат и тоа веќе нема да биде прашање на избор или на обврска, туку на нужност. А колку повеќе се чека, толку повеќе ќе чини.

[email protected]