Големината на една цивилизација е во универзалноста на нејзините вредности. Универзални вредности на македонската цивилизација, на која сите заедно припаѓаме, се: мирот и љубовта наспроти војната и омразата; толеранцијата и коегзистенцијата наспроти сегрегацијата и дискриминацијата; и културниот глобализам што значи интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури, наспроти корпоративниот глобализам, кој тргнувајќи од профитните интереси на мултинационалните корпорации, врши интеграција со асимилација на помесните етноси, јазици, религии и култури, сѐ до нивна физичка ликвидација од Земјината топка.
И не случајно, мислата на великанот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев – светот како поле за културен натпревар меѓу народите – не е само негова лична импресија туку претставува експресија на генетскиот код на една цела цивилизација – на македонската!
Македонците не ги мразат Бугарите! Бугарите не се опсесија или манија на Македонците! Македонците не им се непријатели на Бугарите! Разликите во мислата не се непријателство, туку критичко расудување, тоа е право на уверување и убедување.
Македонците се за толеранција и коегзистенција меѓу Македонија и Бугарија. Македонците ја прифаќаат бугарската нација како политичка нација со своја културна идентификација.
Македонците не се мешаат во внатрешните работи на Бугарија и бугарските корени во Татарстан, Кина и Монголија, но отфрлаат територијални претензии и грубо мешање на Софија во внатрешните работи на Македонија!
Неприфатливо е Софија да бара Бугари во Македонија, а да тврди – нема Македонци во Бугарија.
Постоењето на Македонците не зависи од признавањето на бугарската влада, како што ниту постоењето на Бугарите не зависи од признавањето на македонската влада. Едноставно, Македонија и Бугарија мора да соработуваат, да се координираат и да разменуваат искуства и информации како добри соседи и домаќини што ги владеат своите територии и држави. И Македонија и Бугарија немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга! Македонците ги почитуваат националниот суверенитет и територијален интегритет на Бугарија. Македонците очекуваат и Бугарија да ги почитува националниот суверенитет и територијалниот интегритет на Македонија!
Се разбира, без историја нема иднина. Но историјата не смее да ја блокира иднината! Не смее да останеме жртви на историски предрасуди и фрустрации. Патем, кој не учи од грешките во минатото, ги повторува. Разликите по определени прашања не треба да ги кочат продлабочувањето и унапредувањето на билатералните и мултилатералните односи меѓу државата Македонија и државата Бугарија, меѓу македонскиот народ и бугарскиот народ. И не случајно народната мудрост: Нема вечни пријатели, нема вечни непријатели, има вечни интереси! И, како и сите во светот: Македонија нема вечни пријатели, Македонија нема вечни непријатели, Македонија има вечни интереси! Исто како што и Бугарија нема вечни пријатели, Бугарија нема вечни непријатели, Бугарија има вечни интереси!
Санстефанска голема Бугарија е руска инсталација во Договорот од 3 март 1878 година по Руско-турската војна 1877-1878 година, која никогаш не постоела, ниту ќе постои. Бугарската нација не смее да се труе од хегемонизмот на Москва во 19 век, поради руските интереси за излез на Медитеранот преку Македонија. Таа историска опсесија е надмината и претставува трајно минато свршено време! Веруваме дека и во Бугарија преовладува јавното мислење дека никој нема ексклузивно право и монопол врз историјата! Секој има право да ја пишува сопствената, како што секој има право да ја преиспитува туѓата!
Иако македонската држава е единствена во светот со името Македонија, Македонците се свесни дека империјата Македонија не може да се супституира во Републиката Македонија и дека сите демоси како современи политички нации на територијата на империјата Македонија носат исто или слично културно-историско наследство. Затоа, и покрај сѐ и по сѐ, Македонците по род и државјанство – од сите делови на Македонија, во татковината и во светот – декларираат: културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право на никого, туку се дел од културно-историското наследство на сите балкански демоси како современи политички нации во чија основа е македонскиот етнос. Ова важи независно од разликите во толкувањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, па дури и независно од разликите меѓу современите литературни јазици како производ на денешните политички нации.
Во меѓународното право не постојат историски права и поради тоа договорите со Бугарија од 1 август 2017 година и со Грција од 17 јуни 2018 година со кои се менуваат името, јазикот, културата и историјата на македонскиот народ и државата Македонија се ништовни, независно од сервилноста на политичката номенклатура што ги склучила поради лукративни цели и побуди! Идентитетските договори секогаш се нелегални во меѓународното право! Идентитетските договори секогаш, презумптивно, се креираат под диктат, присила, уцена, изнуда или заблуда на послабиот. Ако нема една од овие причини, се подразбира дека која било држава доброволно не би прифатила самопонижување, односно штета по сопствениот углед и дигнитет. Меѓународна обврска е да се почитува туѓиот, но исто така, и сопствениот дигнитет! Историските права не се категорија признаена во меѓународното право! Такви права не постојат!
Впрочем, и договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година не претставува договор со кој Македонија се декларира за втора бугарска држава, Македонците за Бугари, а македонскиот јазик за дијалект на бугарскиот јазик. Напротив, во договорот Заев-Борисов погрешно се толкува институтот „заедничка историја“. Заедничка историја не значи бугарска историја! „Заедничката историја“ не значи – Македонците се Бугари! Впрочем, Македонците и Бугарите имале заедничка историја само кога Македонија била под бугарска окупација!
Македонија и Бугарија може заеднички да ги одбележуваат 9 Мај – Денот на победата над фашизмот, и 29 септември со сите земји учеснички во Првата светска војна, на тој датум во Солун е склучен договор за почеток на крајот на Првата светска војна со затворање на Македонскиот фронт.
Македонија имаше заедничка историја со Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија со двете покраини Косово и Метохија и Војводина, од Втората светска војна, во поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија, меѓутоа тоа не значи дека Македонците беа Словенци, Хрвати, Босанци, Црногорци, Срби, Албанци или Унгарци. Напротив, Македонија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија со двете покраини Косово и Метохија и Војводина, беа заедно во поранешна СФР Југославија, затоа што Македонците беа и останаа Македонци!
Во преамбулата на договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година се зборува „за развој на врските меѓу двете држави на рамноправна основа“, „соработка врз основа на меѓусебното почитување, доверба, разбирање, добрососедство и заемно почитување на интересите на нивните држави“, „почитување на принципите на Повелбата на Обединетите нации и документите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, како и демократските принципи содржани во актите на Советот на Европа“.
И членот 1 од договорот Заев-Борисов вели: „Двете Договорни страни ќе развиваат сестрани односи помеѓу себе во согласност со основните принципи на меѓународното право и добрососедството“. А основен принцип на меѓународното право е принципот на „суверена еднаквост“ што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи.
Велат, Македонците во Втората светска војна ги пречекале Бугарите на улица… Тоа не значи дека биле Бугари, очекувале ослободување од српското ропство, но не да паднат под нов окупатор. И Бугарите ги пречекале Германците на улица во Втората светска војна, не затоа што Бугарите биле Германци, туку затоа што биле сојузници во Тројниот пакт со нацистичка Германија и фашистичка Италија, му се радувале на Хитлер бидејќи им дал право на окупација врз Македонија.
Ако Бугарија доживее сукцесија на Мизија, Македонија и Тракија, Бугарија повеќе нема да постои, Бугари повеќе нема да има. Со дисолуцијата на поранешна Југославија, таа повеќе не постои, Југословени не постојат, иако најмногу Југословени во времето на нејзиното постоење се попишуваа во Босна и Херцеговина и Македонија. Не затоа што Македонците не знаеја кои се, или беа производ на Југославија, Тито, Комунистичката партија на Југославија или комунистичката интернационала, туку затоа што југословенскиот ентитет беше гаранција за заштита и на македонскиот етнитет. Бугарите дури живееја во потврд комунизам со Сталин и Советскиот Сојуз од Македонците во Југославија и Југословените воопшто.
И покрај сѐ, и по Балканските војни 1912-1913 година, никој не очекува Македонија и Бугарија во сѐ да се согласни, та отпосле да почнат да соработуваат. Пред сѐ Македонија и Бугарија читаа различна историја. Софија отворено декларира територијални претензии кон Македонија. Македонија такви апетити нема! Бугарија своевремено била во договор со поранешна СФР Југославија за припојување на пиринскиот дел од Македонија со државата Македонија во СФР Југославија. Постои Бледски договор од 1947 година со кој се гарантира автономија на Пиринска Македонија и се утврдуваат репарации за жртвите и штетите предизвикани од бугарската окупација на Македонија, која самата ја признала како дел од поразената страна во Втората светска војна. Илузија е ако се мисли дека тие историски разлики нема да продолжат и натаму.
Но на крајот на краиштата ексклузивни права врз вистината, науката и врз историјата нема! Разликите се иманентни, нив секогаш ќе ги има.
Во таа смисла, и покрај сѐ и по сѐ, а независно од историските хипотеки на Балканските војни (1912–1913), Првата светска војна (1914–1918) и Втората светска војна (1939–1945), Светскиот македонски конгрес неколкупати досега предлагаше – па и во оваа пригода, независно од процесот и од епилогот на преговорите за членство на Македонија во Европската Унија меѓу македонската влада и Европската комисија – и им препорачува на претседателките Гордана Сиљановска-Давкова и Илијана Јотова склучување „декларација за историско македонско-бугарско помирување“, која гласи:
„ТРГНУВАЈЌИ од решеноста македонско-бугарските односи да се градат на мирен начин, по пат на преговори врз рамноправна основа, во интерес на развојот на демократијата, мирот, стабилноста и соработката на Балканот и во Европа, и
ИЗРАЗУВАЈЌИ заедничка волја за траен мир и добрососедство,
претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, и претседателката на Република Бугарија, Илијана Јотова, склучија
ДЕКЛАРАЦИЈА
за историско македонско-бугарско помирување
(1) Културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право, туку дел од културно-историскиот идентитет на сите балкански демоси како современи политички нации во чијашто основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, дури и независно од разликите меѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации.
(2) Се прифаќа склучување Договор за траен мир и добрососедство меѓу Република Македонија и Република Бугарија, врз основните принципи на меѓународното право: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи.
(3) За прашањата за кои постојат разлики ќе се разговара кога за тоа и двете страни ќе изразат заемна доверба и интерес.
Потпишана во ______ на ______ 2026 година, во два оригинални примерока, на македонски јазик во согласност со Уставот на Република Македонија и на бугарски јазик во согласност со Уставот на Република Бугарија, при што и двата текста имаат еднаква важност.
За Република Македонија Претседател Гордана Сиљановска-Давкова
За Република Бугарија Претседател Илијана Јотова
Тодор Петров

































