„Војната е мир, мирот е војна“

„Македонија е оаза на мирот. Ние сме за мирољубива активна коегзистенција. Нека е мирно, сѐ друго само ќе се нареди.“ Овие и многу други флоскули што во себе го вклучуваат поимот мир се основата на која почива нашата погрешна идеја за светот и нашето место во тој свет. Општо земено, залагањето за мир во Македонија и фрлањето на сите карти во играта наречена политика на мир, како основен предуслов за сѐ друго, е точно она што ни го создаде овој немир во кој живееме веќе триесет години. Сум се родил и израснал во државата Југославија, земја што буквално својата идеја за себе и сопственото постоење ја претпоставуваше на „мирот дома и мирот во светот“! Паметиме многу добро. Сите општествени настани, прослави, фестивали, прокламации и повици беа насочени кон потребата од мир. Не можам да се сетам на една средба на југословенски политичар од Тито и врвот до најдолните ешалони, каде било и во која било форма, пред сѐ да не го поставувал мирот како услов за што и да е друго. Тони литература, филмови, песни и сценски дела беа напишани и изведени како апотеоза на мирот. Во името на тој мир се правеа сите можни, прифатливи и неприфатливи компромиси со различните општествени и политички интереси во земјата, со соседите и остатокот од светот – наречен голем и влијателен. Четириесетгодишната борба за мир заврши со немир и војна со крв до колена во Југославија и наоколу неа. Војна што трае триесет години, а очигледно е дека нејзиниот крај не е ниту на повидок.

Напротив, допрва се претпоставува ново разгорување во Косово, Србија, Босна и Македонија. Од денот кога некој јавно ја изговори идејата за независност на Македонија, се роди и прокламацијата за потребата за нејзино раѓање во мир и благосостојба. И сѐ се заложи на таа идеја, која се претвори во идеологија на која Македонците треба да ѝ веруваат, да ѝ се поклонуваат и да ѝ робуваат, па макар изгинале до последен – борејќи се за мир. Да не се залажуваме, Македонија не живее во мир. Од крајот на Втората светска војна, Македонија е во прокси-војна предизвикана од Србија како доминантна земја во Југославија, која има геополитичка потреба од општ антагонизам на Македонците кон Албанците и Бугарите. Грција секогаш беше оставана како простор за негување премостени разлики, што и да им значи тоа на Македонците. Таа прокси-војна ги даде своите резултати во односите на Македонците со Албанците и со Бугарите, каде што во време на самозамислен мир во три децении губиме една третина од територијата, една третина од населението и една третина од националното богатство. Она што е најстрашно во овој лажен мир е дека доживеавме целосен распад во политиката, економијата, социјалните односи, културата и сите други достигнувања на времето пред почетокот на оваа војна за мир, која на крајот предизвика лични и колективни психолошки девастации и уништувања на духот на Македонците, не како последица од војна, туку како форма на општо разочарување во мирот. Ние сме во прокси-војна со најмоќните светски сили. И ако сме реални, во таа војна, ние не успеавме ниту да ги претпоставиме, а не да ги предизвикаме или на крајот на краиштата да ги создадеме своите сојузништва. Без сојузници, нема никакви шанси да излеземе од војната. Без силни сојузи, на никаков начин и со ништо нема да можеме да предизвикаме баланс, што е основна претпоставка за мир! Невозможно е да се воспостави мир ако на „фронтот“ доминира една страна. Јас не разбирам како можете да бидете толку глупави и неуки и да очекувате некој што е во тотална офанзива и има тотална надмоќ над вас, да прифати мир?! Па, вие би прифатиле ли мир ако сте во таква ситуација? Зошто Македонија не прифатила мир со Бугарија и Албанците во шеесетите, седумдесетите и осумдесеттите години од дваесеттиот век, кога под закрила на Југославија имаше политичка, економска и дипломатска сила да се спротиставува и со двете страни? М?! Такво нешто во војна, макар таа била и прокси, не постои. Кому не му е јасно дека Албанците и Бугарите се десет пати посилни од нас во овој момент и дека зад нивните аспирации се интересите на Западот? Сите вие што повикувате на мир и наводно се борите за мир, не создавајќи баланс на силите на „фронтот“, само повеќе ја разгорувате војната, која доколку продолжи, ќе заврши со тотална капитулација, не на Македонија, таа веќе не постои, таа е капитулирана, туку на Македонците, барем на оној дел што сѐ уште се бори. Мир во доминација на едната страна е невозможен! Таа страна, со ваква сила, ќе бара победа. И тука е целиот проблем, во необразованоста, незнаењето и продаденоста на туѓите интереси на политичката елита, која нема капацитет да каптира емпирија од само пет години, на простор од Нивици до Софија! Ова што се случува сега на таканаречениот Западен Балкан, од Босна до Македонија, е војна за освојување територии и население од Отоманската Империја. Од балканските, Првата и Втората светска војна и распадот, еднаш на кралството и вторпат на социјалистичка Југославија, сите соседи на Македонија се распределени како сојузници на Британија, денес асоцирана од САД, Германија и Франција. Можете вие да си кажувате бајки и прикаски за разни натоа, европи и заедници, јас не ви се мешам во тоа, ваша работа. Но не можам да прифатам дека за Македонците е можен мир без сојузништво со кој било поголем и помоќен сојузник што го имаат непријателските страни на Македонија.

Секој што ветува мир, а не е подготвен да војува за него, на крајот ќе донесе разочарувања и уништување на вербата дека има смисла да се бориме за што и да е поврзано со мир. Можен ли е мир? Секако. Само под услов да престанете војната да ја нарекувате мир, а мирот војна. Наречете ги нештата такви какви што се, соочете го народот со вистината, кажете му ги претпоставените цели, создајте идеализам за нивно остварување и тргнете во битка за тие цели. Престанете да зборувате за тоа дека бугарската влада е пријателска. Тоа е лага. Владата и претседателот на соседната земја Бугарија не сакаат ние да постоиме така како што сакаме. Тие сакаат да нѐ нема. Сѐ додека не расчистите со тоа и не го претставите како суров факт, вие нема да имате позиција од која ќе можете да се одбраните, а шанси да победите во оваа војна речиси постојат. Албанците во Македонија имаат крајна цел да албанизираат и физички освојат речиси една третина од Македонија и во погоден момент, во идни геополитички односи да ја отцепат и припојат кон голема Албанија.

Што не ви е јасно во ова игра, која е војна, а вие ја нарекувате мир? Денес е сосема јасно дека таа војна е на друго, прокси-ниво. Не е ова војна за Македонија со пушки и бомби. Во ваков вид војување има шанси да победите ако и само ако се соочите со фактот дека сте нападнати и дека за да се одбраните, првата работа што треба да се направи е на светот да му кажете дека сте во војна, јасно и на цел глас! Не молчете дека сте нападнати! Зборувајте за тоа. Врескајте, плачете, лелекајте, да му се сневиди. Денес, за разлика од пред сто или двесте години, сите имаме достапност до оружје – информациите и јавноста. Замислете Ирците да молчеа. Замислете Баскијците да молчеа. Замислете Украинците да молчат! Бидете гласни, оти само тоа е патот што води кон мир. Македонците имаат оружја за борба, многу силни, многу ефикасни. Бидете војници на вашата вистина. Војувајте за вас и вашиот проблем.

Објавете му војна на светот за тоа дека сте во војна. Создавајте политики. Бидете политичари. Бидете граѓански активисти. Дебатирајте. Говорете. Отворете медиуми. Поткасти. Пишувајте и објавувајте. Замислете да не беа „Ју-ту“? Што ќе знаевте вие за Ирска и за војната во Ирска? Песната „Блади сандеј“ раскажува за настан што се случил во Лондондери во 1972 година! Сите го знаете филмот „Во името на таткото“, нели? Колнете и пцујте кога го гледате за неправдите што им се правеле на Ирците, само затоа што биле Ирци. Во Британија, во 1980-тите години?! Уау?! Е па, да. Каде е денес Ирска? Каде ќе биде за педесет години? За неколку децении Ирска ќе биде најразвиената земја во светот! Не кажувајте ми дека крајот на војната во Ирска бил можен со молчење! Замислете Израелците да се лажат дека живеат во мир со соседите и на најплодната почва на планетата Земја? Вие сте Евреите на Балканот. Сите се против вас. Соочете се со ова на рационално, на умно ниво. Бидете умни. Умот не можат да ви го земат. Ваш е светот и тој не започнува во Зајас и не завршува во Муртино. Светот е голем и победите се на сите страни. Создавајте пријателства.

Создавајте сојузништва. Борете се, ако сакате да имате мир. Никој нема да ви го надроби мирот во вашата утринска овесна каша. Мирот не се продава во „Лидл“. Мирот не е белгиска вафла што се мачка со „еурокрем“ и јаде во разните еу-меу институции во Брисел. За мир треба да се борите. Сѐ друго е продолжување на војната, која не можеме да ја добиеме.

П.С. Не залажувајте се во врска со Орвел. Тој во „1984“ за прототип не ја имал Македонија, туку Британија, Европа и Америка. И не мислете дека таму е нешто подобро отколку кај нас. Точно таму војната е мир, мирот е војна.
Драги мои, се читаме наесен. Пред нас е ново топло лето, во кое и овој пат ќе го правам она за што ви зборувам, ќе создавам уметност и убавина. Тоа е моето оружје за борба.

Авторот е режисер и универзитетски професор