„Ванчо Михајлов“ е заедничка амбасада на САД, ЕУ и НАТО

Ванчо Михајлов нема идеологија. Тој е гангстер и како таков е близок со бугарскиот двор, Мусолини, нацистите, Британската Империја, масонските ложи, Коза ностра. За лична корист, секако. Тоа го прави нивни соработник. И како човек без идеали, најмногу личи на денешнава нордистанска октроирана власт. Тие не се никакви наследници на антифашизмот. Напротив, многу нивни предци биле вазали на фашисти. Откако ги истребија вистинските комунисти и станаа црвена буржоазија, преку своите удбашки џелати ја карактеризираа секоја идеја за независна Македонија како ванчомихајловистичка, што е апсурд само по себе, ама ним апсурдот им прилега

Култура е убава работа. Сеедно што Гебелс се фаќал за пиштол кога ќе го слушнел тој збор. Може еден ден некој ќе отвори културен клуб со неговото име. Моментално тој е икона на западната пропаганда. Неговиот стил на работа го гледаме секојдневно. И јас сакав да отворам културен клуб „Македонија“. Ама нордистанските власти не дозволуваат да се користи тоа име. Ми се гледа малку гебелсовски, ама, па, модерно е.
Затоа одлучив да отворам културен клуб во Бугарија. Си реков, земја-членка на ЕУ, таму има демократија и европски вредности. Ама какво име да му дадам на клубот? Глупо е клуб „Македонија“ среде Бугарија. Различни држави. Кочо Рацин? Не, Рацин не бил некој културен фраер. Имал пасија да смислува азбука. Тоа многу ќе ги изнервира Бугарите. И ми текна! Василиј Втори! Познат како Македонецот. Ама има уште еден прекар. Василиј Втори Бугаро… Бугаро… Василиј Втори Бугароадминистратор. Па, одлично ги администрирал Бугарите. Ете го името на мојот клуб во Бугарија… културен клуб „Василиј Бугароадминистратор“.
Добро, се отвори бугарски културен клуб „Ванчо Михајлов“ среде Битола. Оти, Ванчо, нели, ептен бил по културата. Се истопори цел државен врв на Бугарија. Дојде и оној интелектуалец Каракачанов. Претседател на клубот е некој опскурен битолчанец што не се родил како Бугарин, туку читал, читал и едно сабајле… што? И едно сабајле се разбудил како Бугарин. Добро е што не го читал Достоевски. Можел да се разбуди како идиот.
Добро, бе, што им е на Бугариве? Ама запнале да нè обединат. А убаво си се поделивме на Македонци и нордистанци. Ете што си помислив откако ги видов реакциите по отворањето на клубот. Но реалноста брзо ме демантира. Нема обединување со нордистанци. Никако со нивната интелектуална бижутерија. Зошто? Па, им го чув идиотското релативизирање. Не бил проблем клубот „Ванчо Михајлов“, затоа што вмровците веќе ставиле негова восочна фигура во музеј. Нивната плиткост е гротескна. Тие… убави, дотерани, бањати, нашетани, а бе граѓани на светот, наеднаш заборавија на „Мадам Тисо“. Еве, јас ќе отворам клуб „Мусолини“ спроти некој геј-клуб и кога овие ќе залелекаат дека фашистите многу „милувале“ геј-популација, ќе им срочам в лице да не мрчат, оти веќе има негова восочна фигура во музеј, па нека одат да се расправаат со управа, градски власти. Патем, има ликови што тврдат дека оние што кренале глас против бугарскиот клуб шират руска пропаганда. Демек, путинисти, под влијание на Кремљ. Безумно, но во духот на западната расистичка антируска хистерија.

А сега, Ванчо Михајлов. Најпрво сакам да им се заблагодарам на прогресивните комуњари. Ем се посипаа со измет, ем го направија она што вмровците не го ни сонуваа. Ги срушија сите табуа за Ванчо. Е па, штом може клуб, може и серија. А јас одамна сакам да ја напишам. Ќе се вика „Организацијата“. Приказната почнува од крајот – 1934 година, атентатот на крал Александар и згаснувањето на ВМРО. Тоа е исклучително важен момент, оти како што рекол и самиот Михајлов, „се забрза календарот на Втората светска војна“. Преку последната година од животот на Организацијата ќе се открива нејзината славна историја. Значи, еден од главните ликови ќе биде токму Михајлов, затоа што негативците секогаш будат инспирација.
А сега малку за ликот и делото на Ванчо. Фашист, антимакедонист, бугараш… многу епитети му накачија. Јас не сум убеден дека тоа го правел од идеолошки причини. Ванчо Михајлов бил сето тоа, ама по потреба. Во зависност од личната корист. Да му затребало, и Марсовец ќе се кажел. Вистина е дека го негирал постењето на македонскиот народ, но ако имало моќ што инсистира на создавање македонска држава, а Михајлов видел корист во тоа, верувајте ми, ќе бил прв македонист.
Истражувајќи, дојдов до едноставен заклучок. Доаѓајќи на врвот во ВМРО, тој ја трансформира од револуционерна организација во мафија. По сите правила на Коза ностра. Ванчо Михајлов не е ништо друго туку типичен мафијаш по сицилијански терк. Затоа секогаш заштита му била Италија. До ваков заклучок дојдов сам. А потоа ги прочитав писмата на Кирил Прличев. Тој го пишува истото тоа. Михајлов е мафијаш, организацијата во негови раце стана мафија. И ЦИА исто така заклучила само тие го нарекуваат гангстер, кој го користи ВМРО само за лични цели. Без да знаеме едни за други, јас, Кирил Прличев и ЦИА сме дошле до ист заклучок.

Ванчо Михајлов нема идеологија. Тој е гангстер и како таков е близок со бугарскиот двор, Мусолини, нацистите, Британската Империја, масонските ложи, Коза ностра. За лична корист, секако. Тоа го прави нивни соработник. И како човек без идеали, најмногу личи на денешнава нордистанска октроирана власт. Тие не се никакви наследници на антифашизмот. Напротив, многу нивни предци биле вазали на фашисти. Откако ги истребија вистинските комунисти и станаа црвена буржоазија, преку своите удбашки џелати ја карактеризираа секоја идеја за независна Македонија како ванчомихајловистичка, што е апсурд само по себе, ама ним апсурдот им прилега. По независноста продолжија со ист наратив, но сега ВМРО-ДПМНЕ станаа ванчомихајловисти. Чудни се патиштата господови, чудесна е божјата промисла. Еве ги сега, како марионети на САД, ЕУ и НАТО ја запеаја својата ванчомихајловистичка песна, посипувајќи се самите себеси со изметот на ироничната судбина.

Најсмешни се оние што ги прашуваат САД, ЕУ и НАТО дали во 21 век ќе дозволат величење на лик што бил во пријателски односи со Мусолини, Гестапо, Химлер и СС. Демек требало да се згрозат од еден нацифашистички соработник. Што ве гледам смешни. Лисабонската декларација на ЕУ со која се забранува постоење на држава со име Македонија е расистичка. Преспанскиот договор напишан во САД, а туркан од НАТО, за чие потпишување Македонците беа изложени на неколкудецениски терор, е нацистички, затоа што е софистициран идентитетски холокауст. Барањата и уцените на Бугарија спрема Македонија се чистокрвен фашизам, а ЕУ го поддржува тоа. И некој тука бара од нив реакција. Па, САД, ЕУ и НАТО отворено влегоа во фаза на фашизација и нацификација поради расистичката омраза што ја имаат спрема Русија. Ако го сведочите духот на времето во кое живееме, тогаш клубот „Ванчо Михајлов“ му доаѓа нешто како заедничка културна амбасада на САД, ЕУ и НАТО во Македонија.