Денес наместо вообичаениот поздрав „здраво, комшија, како си“, стана практика луѓето да се прашуваат „има шанси да влеземе во ЕУ или не“. Комшијата фатен ненадејно, не знае како да одговори. Ако рече „да“, супер. Може да очекува некои ситни привилегии, а ако е веќе добро позициониран во пирамидата, дури и некое советничко место во Владата. Во секој случај, ќе се вброи меѓу свештениците на вуду-култот, кој натаму, како претставниците на „Цептер“, ќе може да препродава илузии за провизии и да го шири членството на култот. Ако пак рече „не“, гадно погрешил. Тој станува еретик, кој ја кочи „револуцијата што тече“. Во суштина и двата одговора се еднакво неважни. Ниту првиот ќе нѐ доближи до ЕУ, ниту вториот ќе нѐ оддалечи. ЕУ се оддалечува од нас.
Целата нарација се темели на три мита. Првиот е дека ЕУ мора и сака да нѐ прими. Вториот е дека ЕУ ќе нѐ среди. Третиот е дека ЕУ останала замрзната во времето. Да, тие звучат убаво, но за жал се чисти митови и легенди. Отсекогаш сум ги ценела знаењето и информирањето од прави извори, а не од пропагандистичките кујни. Исто така и моќта за анализа на сложените процеси, кои се менуваат додека пишувам. Не можете да вадите заклучоци на база на полувистини, на база на депласирани аналогии, туку најчесто на лаги од кои профитираат цели структури.
Ајде да го де мистифицираме првиот мит, дека ЕУ сака да нѐ прими, а ние се инаетиме и не даваме „една мала отстапка“. Дали има некој толку наивен што верува дека отстапката е мала? Токму таа отстапка, уставните измени, нѐ води кон погубната преговарачка рамка, која од нас бара да се укинеме како македонски народ, да се оставиме без историја, истата таа да ни ја пишуваат оние што нѐ негираат, та дури и своите безбедносни архиви да им ги предадеме на други за да ни пресудуваат. Во старо време тоа беше дефиниција за окупација. Но прашањето е кој ни стокми таква рамка што не може да се прифати? Одговорот е: тие што божем сакаат да нѐ примат во својата врела прегратка. Дали со тоа ни кажуваат нешто? За наивните, не. За другите, сѐ е јасно. Проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан нема да има со децении. По стратегијата за де факто непроширување на Макрон, по самитот во Гренада, каде што точката за проширување од втора, отиде на последното место (датумот 2030 година исто така излета од орбитата), по анализата на куп интерни документи на Унијата, работите стануваат сѐ појасни.
Треба веќе еднаш да извлечеме поука: не е до исполнувањето на пропишаните критериуми, туку до интересот на ЕУ. За нас тој сега не постои. И секогаш ќе се најде некој што ќе одработи за непроширување. Сега е тоа Бугарија, утре може да биде и Грција. Наместо „брзиот колосек“ на кој ќе беше поставен нашиот воз, ветено директно од канцеларката Меркел среде Скопје, само да го промениме името, нашиот воз остана заглавен во некое железничко депо. Сега и уште за долго. Данокот за наивноста го плаќаме сите. Да потпишуваш самоубиствени договори е предавство, а договори без никакви гаранции и рокови е чист аматеризам на полуписмената „елита“.
Вториот мит, дека ЕУ ќе нѐ средела, не е смешен, туку опасен. По целосниот дебакл со извештајот од ЕК за нашиот напредок, власта ни порача (парафразирано) дека токму затоа што сме толку многу корумпирани (односно тие се), потребни ни се преговорите со ЕУ, за таа да нѐ средела. Каде го виделе тоа? Тие ќе се отепуваат од крадење, ќе носат закони за неказнивост на нивните дела, и тоа со европско знаменце, ќе им диктираат пресуди на судиите по телефон, ќе живееме во градови што личат на Готам Сити, ќе се возиме по дупки, здравството ноќна мора, образованието исто така, ама ЕУ ќе дојде како најзаинтересирана за нашите упропастени животи и сѐ ќе среди. Фатаморганата со „бесплатно здравство“ и „бесплатно образование“ во ЕУ сѐ уште е картата со која се обидуваат да се возат. Знаат ли дека ако не си француски осигуреник и иако живееш таму со години, немаш право ниту во Франција да се лекуваш бесплатно? До кога ќе трпиме политика заснована само на една лага и таа ќе биде алиби за ова катастрофално владеење? Треба да се хибернираме во децениите пред нас? Тие ќе градат хотели, молови, згради со украдените пари, а сите други ќе тонат во овој гнилеж? Не мислат да работат, туку добро да заработуваат. Што да се прави. Луѓето имаат сон, за разлика од вас, „евроскептици“ низаедни. Ќе сме влезеле во 2030 година во ЕУ. Толку им е остварлив сонот, колку да пишуваш писма со желби до Дедо Мраз.
Затоа тврдам дека овој мит е опасен и секој граѓанин што поскоро треба да биде свесен за тоа што и зошто му се случува.
Третиот мит е дека ЕУ останала иста и не се менува. По ковидот, по мигрантската криза, по енергетската криза поради војната во Украина, по рецесијата во која се влезени клучни земји во Унијата, јасно е кажано во повеќе наврати дека сега им се поважни безбедносните и економските проблеми, одошто да се натоварат со проширување со земји за кои практично геостратегискиот интерес не е голем. Тој за нашиот регион е затворен со влегувањето во НАТО. Целта да не се падне под „други влијанија“ е остварена, иако за не дај боже процесот мислат да го држат отворен. Отворањето на пристапните преговори на Украина и на Молдавија и кандидатскиот статус на Грузија доволно зборуваат за тоа кого и зошто би го примиле во Унијата. На пример Украина, која според Урсула фон дер Лајен, исполнила дури 90 отсто од условите!!! Земја што не ја контролира територијата, каде што царува корупција, каде што изборите се одложуваат или забрануваат, каде што се забранети 11 опозициски партии, ете таа исполнила услови. Јасно ми е дека е ова морковот за Украина по намалената помош, а шансите да ги натовари сите свои проблеми во Унијата се рамни на нула. Во ЕУ токму на темите за проширување и справување со миграцијата, паѓаат влади Последно, во една силна Холандија, каде што партијата што доби мнозинство деновиве, јасно ги промовира ставовите против ширење на ЕУ и против миграцијата, внатрешна и однадвор. Исто и во Италија, со доаѓањето на Салвини. Во Шпанија, партијата што доби најмногу гласови ги има токму тие цели. Следната година ќе има избори во Германија и во Австрија.
Партијата што има шанси да ја сруши Владата на Олаф Шолц и која најмногу расте, АФД, е строго обединета околу истите позиции. Истиот тренд е и во Австрија. Впрочем, зошто се случи и брегзит? Јасно е дека сѐ повеќе земји од ЕУ се приклучуваат кон фронтот што е строго против проширувањето и миграцијата, особено внатрешната.
Додека не ги разбереме тие работи, ќе се врти истиот празен муабет, бидејќи суштина нема. Па, така, ветената земја ќе испраќа понекој претставник да нѐ убедува дека, еве, само што не сме стапнале во рајот, само уште малку да успееме во нашите обиди да се самоубиеме. Конечно, рајот ви следува по смртта. Не пред тоа. Пораката се сведува на барање да станеме држава 404 (страница на интернет што не постои), па потоа еден убав ден во далечната иднина, свештениците на култот, добро ситуирани, ќе нѐ поведат по вистинскиот пат. Пат, по кој такви зомбирани, искрадени, сиромашни, понижени, поништени, ќе зачекориме во рајската градина на Борел. Бидејќи сѐ друго било џунгла. Каква среќа!