Што предизвикува стресот кај децата?

Речиси целиот мој работен век го посветив на изучување на стресот и неговите последици и затоа често пишувам за оваа тема. Впрочем, психосоматската медицина и се состои во изучување на последиците на сите видови стрес врз физичкото и менталното здравје.
По дефиниција, стрес претставува физички, хемиски или емоционален фактор, кој предизвикува телесна или ментална напнатост и може да биде фактор за предизвикување болест. Всушност, влијанието на стресот предизвикува активирање на психо-невро-имуно-ендокриниот синџир во човековиот организам и затоа може да даде разни симптоми, кои ако траат подолго, прераснуваат во вистинска физичка (органска) болест. Најчести болести поврзани со стресот се срцев или мозочен удар, чир во стомакот, висок крвен притисок, болести на тироидната жлезда итн.
Децата не се поштедени од разните видови на стрес, а бидејќи се во развој, последиците кај нив може да бидат поголеми отколку кај возрасните. Само да спомнам дека најчестиот стрес што го преживуваат малите јунаци е одделување од мајката/старателот при тргнување во градинка, при хоспитализација или при отсуство на мајката поради разни причини. Таквата стресна ситуација е толку трогателна што на сите што сме работеле со деца ни останала во незаборав! А, сепак, многу малку помислуваме на тој „секојдневен стрес“.
Во една најнова студија направена во Државниот универзитет во Охајо, истражувачите открија дека стресот во раниот животен период менува повеќе мозочни гени отколку што го прават тоа повредите на главата во детството, што е докажано во студија кај експериментални животни. Тоа истражување користело модел на стаорец за да го имитира човечкиот стрес во раниот животен период, како и повреди на главата, откривајќи значајни генетски промени во хипокампалниот регион.
Добиените наоди го нагласуваат долгорочното влијание на стресот во раното детство, што може да биде ризик за социјални нарушувања во зрелата возраст, нагласувајќи ја потребата за ефективни интервенции. Изненадувачки наоди од оваа студија се дека стресот го променил нивото на активирање на многу повеќе гени во мозокот отколку што биле променети гени при разни трауми на главата.

Веќе е познато дека повредите на главата се чести кај малите деца, особено при паѓање, и може да се поврзат со нарушувања на расположението и со социјални тешкотии што се појавуваат подоцна во животот. Несаканите искуства од детството се исто така многу чести и може да го зголемат ризикот особено за ментални болести и злоупотреба на супстанции во зрелоста. Прашањето што се поставило е дали доживувањето трауматска повреда на мозокот во контекст на рани животни стресни околности може да го модулира одговорот на повредата на мозокот. И токму користењето таков животински модел овозможува навистина да се навлезе во механизмите преку кои овие две работи можат да влијаат на развојот на мозокот.
Овој пионерски сет на експерименти кај стаорци сугерира дека потенцијалот на стресот во раниот живот може да доведе до здравствени последици во текот на целиот живот. Откриено е дека многу повеќе гени се различно изменети како резултат на разните манипулации со стресот во почетокот на животот отколку што тоа го предизвикува манипулација со трауматска повреда на мозокот. Според тоа, стресот е навистина моќен ризичен фактор и не треба да го потценуваме влијанието на стресот доживеан во раниот животен период врз мозокот во развој.
Истражувачите привремено одвојувале новородени стаорци од нивните мајки во период од 14 дена за да предизвикаат стрес имитирајќи ги ефектите од негативните искуства од детството, кои вклучуваат различни потенцијално трауматски настани. На 15-от ден, време кога стаорците во развој се еквивалентни на мало дете, на стаорците под стрес и без стрес или им била зададена повреда на главата слична на потрес на мозокот под анестезија или биле оставани без повреда на главата. Три состојби – само стрес, само повреда на главата и стрес во комбинација со повреда на главата – биле споредени со состојбата на здрави неповредени стаорци без стрес.
Притоа била испитувана промената на генската експресија во хипокампалниот регион на мозокот на животните многу подоцна, во јувенилниот период, користејќи секвенционирање на РНК.

Само стресот и стресот во комбинација со трауматска повреда на мозокот (ТБИ) дале неколку забележливи резултати. Двата услова ги активирале патиштата на ексцитаторни и инхибиторни неврони поврзани со пластичноста, што всушност претставува способност на мозокот да се приспособи на сите видови промени – најмногу за да се промовира флексибилност, но понекогаш, кога промените се маладаптивни, резултираат со негативни исходи. Тоа може да сугерира дека мозокот манифестира нов период на ранливост или активно се менува во овој временски период кога би можел да програмира подоцнежни животни дефицити. Двете состојби исто така имале ефект врз сигнализацијата поврзана со окситоцин, хормон поврзан со однесувањето на мајката и социјалните врски. Стресот сам и во комбинација со ТБИ ја активира оваа патека на окситоцин, но само повредата на мозокот ја инхибира. И стресот и ТБИ се поврзани со абнормално социјално однесување, но различните ефекти се поврзани со сигнализирање на окситоцинот.
Тоа покажува дека ефектот на стресот може да модулира како ТБИ го менува мозокот бидејќи комбинираниот третман бил различен од оној при ТБИ. Окситоцинот е вклучен во одговорот на стрес и закрепнување од него, па тоа може да значи дека би можел да биде интересен модулатор што ќе се следи во иднина.
Во тестовите за однесување кај стаорци што старееле до зрелост, само животните што доживеале стрес во раниот живот биле склони кон почесто влегување во широко отворен простор – локација што обично ги прави глодачите да се чувствуваат ранливо на предатори.

Генерално, таквото однесување сугерира дека животните преземаат повеќе ризици подоцна во животот, што е во согласност и со човечките податоци, кои покажуваат дека стресот доживеан во раниот животен период може да го зголеми ризикот за одредени растројства, како на пример АДХД, кои се карактеризираат со ризично однесување или нарушувања со злоупотреба на супстанции.
Податоците што укажуваат на штетните ефекти од стресот во раниот животен период даваат дополнителни докази за потребата негативните искуства од детството да се решаваат навреме.
Социјалната поддршка и збогатен живот можат да ги амортизираат ефектите од стресот во раниот период – што е покажано кај животинските модели, но истото тоа важи и кај луѓето. Затоа, избегнување на стресот во раниот детски период е од битно значење. Стресорите треба да се препознаваат, како и промените во однесувањето/симптомите кај детето, и да се преземаат мерки за ублажување или надминување на стресот.