Томос со мирис на нов Преспански договор

Лицем светци, срцем волци Прличев за фанариотите од Фанар

Црквата е еден од темелните симболи-архетипови на човековата душа, драг читателу. Таа директно го сугерира нашето јаство, средишната точка на нашата психа во која под златен математички пресек се сечат линиите на небесното и земното, на Атман и Брахман кај Индусите. Таа ги зрачи Убавото и Доброто како квалитети на божественото. Но тоа е така сè додека свештената облека на тој симбол не ја извалка световната власт на политиката, земајќи ја под свое црквата како инструмент за секакви безбожни манипулации со верниците и разни големи државни игри, валкани пропаганди и асимилирање со неа на цели племиња и народи. Долга е историјата, не само во католицизмот, на црквата одделена од Бог и божественото и фрлена во прегратките на државата и политиката, во материјалното благоутробие, а не во духовен аскетизам и искрена посветеност во божјите работи. Затоа, имено, и многу просветлени и втемелени во Бог умови и се бунеле против таа проституција на Невестата Христова. Ги има многу.
Ние сега, драг читателу, во овој контекст ќе се потсетиме на Толстој, генијот од Јасна Полјана, христијанин со богомилска и будистичка нарав, анархист во убавата утопистичка смисла на тој поим, кој му бил инспирација и на Ганди. Тој излегол на мегдан, како Давид со моќниот џин, според моделот на политиката, хиерархизираната и световно заболена, подржавена црква. Покрај расен писател, и расен полемичар, тој пишувал за тоа нејзино распаѓање, за што и бил анатемисан од Руската православна црква, која еве веќе и по нашето повеќе од едно столетие не ја повлекува анатемата од генијот, кој, патем, бил и длабок верник, иако како што гледаме и многу неконвенционален, односно недогматски. За него е доволна само една од новозаветните заповеди за да си целосно во Христос и христијанството. А тоа е заповедта: „Сакај го ближниот свој како што се сакаш себе“. И тука паѓа во вода Фројдовата теорија за Нарцис и нарцизмот.
Но за што го анатемисува синодот на Руската црква всушност Толстој. Веројатно пред сè за неговата полемичка статија „Легендата за ѓаволот“, во која Велзевул (Сатаната) ги праќа своите ѓаволи низ светот да ја откријат шифрата како да се растури христијанството. Во таа улога најдобро се покажало малото ѓаволче, кое му реферирало на претпоставениот дека ја открило неа, извикувајќи како еурека: „Ја измислив црквата“. Ете, тоа е гревот на богомилот Толстој. Требало да се запознаат тој и Рацин.

И гледам пак ме прекоруваш за долгата дигресија, драг читателу. А сум ти рекол повеќепати дека тоа ми е слабост. Речи ја и стилска макар. Оти и Бифон вели дека човекот е стил. Добро, сега in medias res природно и подиректно влегуваме во нашата колумна дефинирана со насловот, кој покрај другото е и par exellence дијагностички по однос на болеста на цревата. Болеста од која не е имуна и нашата денешна црква. Дали затоа што на неа не е имуна ни црквата, на сè уште како центар на источното православие, на вселенската патријаршија во Фанар – Цариград (Истанбул). Веднаш, без заобиколување, за да нема забуна, ќе кажеме дека конкретно кон нас од историски и дарвинистички аспект историјата на таа црква е типично гркоманска, а тоа значи и асимилаторска. На нејзино чело секогаш стоел владетелот со екстремно нескромна титула: вселенски патријарх. Денес тоа е Вартоломеј. А сите верници упатени во Светото писмо знаат дека таквата титула му прилега само на Господ Саваот, кој во ликот на Исус Христос (Синот) се слика под централното кубе на секоја православна црква. Тој ги држи под власт силите на вселената да не попуштат и да не се урне, изедена од молците на ентропијата, во бездна таа. Но, било како било, сега тој Вартоломеј, вселенски Грк, одлучува за судбината на Македонската православна црква надвор од нормите на Бог и божественото, а според некои канонски правила што ги потчинува политикантски на својата волја и црковномонархистички авторитет. Зошто? Затоа што е повеќе од сарказам и мазохизам да молиш некое признание за твојата црква, чија генеза е далеку пред Фанар и основана на темелите на божјата промисла и светлина, а со мисија нејзиниот богоугоден и боголик народ (квалификациите се на апостол Павле) да ја воведе западната паганска во нова христолика цивилизација, меѓу нив, се разбира, и Грците, кои долго и тврдокорно се опирале на тоа.
Сега малку збита историја, драг читателу, која веќе ја сугериравме во претходната реченица. Првата христијанска црква во Европа е основана во Филипи, во куќата на Лидија Македонката, од апостол Павле. Тој се запатил во Ерусалим, по смртта на Христос, за да ја проповеда неговата наука за љубовта и спасението. И негде на тој пат и застанал со Сила и Тимотеј што го следеле, ама, глеј чудо, му се јавил гласот на Светиот Дух и му рекол да продолжи оти не е тука неговото место. И тој послушал и продолжил и, изморен, негде во Мала Азија сакал да влезе во малото гратче Витанија и таму да го проповеда евангелието на Новиот завет. Но и тука не било неговото место. Сега му се јавува од небото лично гласот на Христос, кој му вели да продолжи. Сè за тоа известува во Дела апостолски Лука, кој сепак е многу веројатно и тој да го придружувал покрај Сила и Тимотеј на визионерскиот пат. Дури потоа на Павле му е отворена рампата во Троада, каде што го пречекува Македонецот и му вели „Дојди во Македонија и помогни ни“.

Сеедно што во некои библии, а сега во новите изданија на сите западни, се прави перверзен фалсификат и наместо Македонецот се става „човек од Македонија“. Се разбира, само за да не е Македонец, и тоа објаснува сè за идентитетскиот геноцид што ни се случува денес, првин од Грците (Преспанскиот договор), па потоа од Бугарите, договорот со нив, а сè диригирано со еден неверојатен садополитички притисок од Брисел и Вашингтон. Во тој притисок сега е вклучен на еден подол начин и Фанар. Тој целосно ја игнорира генезата на Македонската црква воспоставена од апостол Павле, кој всушност нејзе ѝ го врачува томосот (за што не само Фанар туку и нашиот Синод на МПЦ е слеп), директно испратен од Бог. Бог што ги избра токму Македонците да ја шират и први ја објават во Европа пораката на неговото Слово Радосната вест. Таа црква има сличен континуитет. Врз основите на црквата Павле Јустинијан, Македонец од скопско Таор и византиски император, покрај другото и кодификатор на прославеното Римско право (зошто не Јустинијаново?) ја крева црквата Јустинијана Прима. Неа византискиот историчар и хроничар Прокопиј Кесариски ја нарекува Глорисима. Најславна. Тој континуитет потоа продолжува и со основање на Охридската патријаршија, а потоа архиепископија, сè до нејзиното укинување, откога почнува македонскиот црковен проклетилак.
Туку да не ја отераме топката во аут, драг читателу, иако сме во самиот центар на теренот на темата поставена во насловот на колумната. In medias res, што бараа нашата политичка врхушка и нашиот со неа пофарисеен Синод 2020 во Фанар? Оти ако нашата црква со апостол Павле (затоа е и апостолска) ја благослови самиот Господ Бог како вселенски владетел, што мајка толку бараме кај фарисејскиот вселенски патријарх во Фанар Вартоломеј. Оти и Исус вели дека, на крајот на краиштата, на Татко му не му требаат згради (цркви од тули и од малтер) затоа што не можат да го соберат кога престолот му е на небото, а стапалата на земјата, па затоа единствениот храм што може да го собере него е човечкото срце. Тоа теолозите мудро го кријат од верниците. Останува уште малку простор да ги демаскираме лукавоста и подлоста на Фанар во македонскиот црковен случај, а тука, драг читателу, како што знаеш има нешто, хамлетовски речено, „гнило и во државата Данска“ (читај МПЦ). Да. Демек Фанар со одлука нè внесе во канонско единство со другите православни цркви, она кое, да повториме, го воспостави од Македонија црквата на апостол Павле. Во ред. Ама таа одлука, тоа горчливо признание, погорчливо и од кукутата на Сократ, дојде без признание на името на МПЦ. Беше перверзно грчки отфрлено она М, кое за нас како на знамето на илинденските комити значи живот или смрт. Нашата црква беше лукаво именувана како некаква Охридска црква на Стефан. Некако така. И ништо од Македонска и на Македонците. Страшно подло и антибожјо! Да. Ама наскоро потоа, на тоа не сметал грчкиот и гркомански Фанар наречен вселенски, па томос по мачните години со него добивме, се надевам искрен и братски, од СПЦ, кој, за несреќа на Вартоломеј, го потврдија и Русите со конечно признавање на црквата која ја основа нивната црква во Киевска Русија на Владимир, чија жена, Македонка, принцезата Олга од Охрид му ги роди првите руски христијански мартири-светци Глеб и Борис заштитници и на руското небо.

И Фанар е во страшна збрка. Неодамна неговиот црковен великодостојник Кирил го посети портпаролот на МПЦ Тимотеј и некако заканувачки се изрази „да се молиме, Бог да ги доведе во ред сите нешта и вашата црква да ја стекне својата автокефалност“. Демек автокефалноста на црквата на Лидија Македонката и на апостол Павле не важи. Да, дотука сè ти е јасно, драг читателу, но страшното е тоа што од еден црковен великодостојник на Фанар дојде писмо во кое се вели дека престојникот (првиот човек) на МПЦ се согласил во новото именување на гркоманскиот томос од МПЦ да исчезне М што значи името Македонија, а со тоа и сите деривати што произлегуваат од него. Плус, Фанар уште и не ги признава стотиците и илјадни наши цркви во дијаспората, освен таа што тој ја осакатува, потпирајќи се и на нашиот политикантски Синод, и ја признава само во границите на (Северна) Македонија. Од МПЦ, пак, која (шокантно!) дури и го објави такво тоа писмо во својот службен весник, немаше дециден и остар демант до Фанар, за, ако Стефан и некои негови не мислат така, да го отера сосе вселенскиот него таму кај што му е местото.
De profundis, noctirno, memento mori. Ние, драг читателу не ги научивме лекцијата и заветот на Григор Прличев да се чуваме од лукавите грчки фарисеи „лицем светци, срцем волци“. Ние не сме достојни на него и на неговиот мартирски подвиг. Тоа што се случува со Фанар и со неговиот политикантски а не божји, непотребен и понижувачки томос, за нас има мирис на нов Преспански договор со кој целосно ќе се демолира македонското идентитетско битие. Нека каже Синодот ако грешам. Подготвен сум за полемички дијалог со него на таа тема, па и со нашите црковни, полуцрковни и политички и политикантски аналитичари.
Крај, драг читателу. Не знам дали знаеш: веќе десетина дена на една чука меѓу Мачево и Смојмирово во Малешевијата се веат петте знамиња на БРИКС (руско, кинеско, бразилско, индиско и јужноафриканско, придружени и со македонското шеснаесетзрачно сонце). Некој ги поставил. Знак дека на Македонците им е прекуглава и од Фанар и од бриселска Европа што нè ништи идентитетски докрај. Без остаток. Голем поздрав до следната наша средба.