Тестовите за биолошка возраст не се веродостојни за следење на здравствената состојба

  • Тестовите со кои се проценува биолошката возраст даваат вредни податоци во студии со голем број луѓе, но не се наменети за следење на индивидуалното здравје

Замислете да добиете резултат од тест што ви кажува дека вашето тело е биолошки пет години постаро од вашата хронолошка возраст. Редовно вежбате, спиете доволно, се храните здраво и задоволни сте од вашиот личен живот. Каде грешите и дали воопшто треба да му верувате на овој тест?
Десетици компании сега рекламираат производи што ветуваат дека ќе ја откријат вашата „вистинска“ биолошка возраст или колку добро функционира вашето тело. Цените на овие тестови се движат од околу 30 до над илјада долари. Овие производи се базираат на епигенетски часовници за стареење, научни алатки што ја проценуваат возраста врз основа на хемиски промени во ДНК. Иако овие часовници го менуваат начинот на кој науката и јавноста го гледаат стареењето, тие сè уште не се подготвени за индивидуална примена, пишува „Лајв саенс“.
Научниците за биобихевиорално здравје проучуваат како раниот развој и факторите на животната средина го обликуваат биолошкото стареење и влијаат на здравјето децении подоцна. Тие редовно користат епигенетски часовници во работата и ги сметаат за исклучително корисни при анализа на големи групи луѓе. Сепак, на индивидуално ниво, овие тестови можат да дадат погрешни резултати и не ги исполнуваат стандардите потребни за медицинска дијагностика.

Што се епигенетски часовници?

Со мерење реверзибилни хемиски промени во ДНК, познати како епигенетски маркери, можеме да добиеме информации за тоа како старее телото. Од рутински примерок од крв, истражувачите можат да измерат милиони од овие маркери. Користејќи статистички алгоритми, овие податоци се претвораат во единствена вредност што ја претставува епигенетската возраст на поединецот. Епигенетските часовници работат затоа што хемиските ознаки на ДНК се менуваат со текот на времето под влијание на начинот на живот, стресот и околината. Притоа, тие им помагаат на научниците да идентификуваат навики и изложености што можат да го забрзаат или забават биолошкото стареење.

Зошто не се веродостојни за поединците?

Постојат неколку клучни причини зошто епигенетските часовници не можат да обезбедат веродостојни информации за здравјето на поединецот. Постојат десетици различни епигенетски часовници. Едни ја предвидуваат возраста, други стапката на стареење, а трети очекуваниот животен век. Овие алатки честопати се во несогласност едни со други, дури и кога се применуваат на истата личност. Во исто време епигенетските промени се динамични. Тоа значи дека процените за возраста можат значително да варираат во зависност од неодамнешни промени во исхраната, моментална болест, нивото на стрес, па дури и од времето од денот кога се зема крв.
Процесот на создавање на овие часовници е технички тежок и не постои единствен стандард меѓу лабораториите. На пример, анализата на епигенетската возраст од плунка и крв може да даде сосема различни резултати за иста личност. Сето ова ги наведува научниците да не се согласуваат целосно за тоа што вклучува стареењето, бидејќи тоа е исклучително сложен процес. Намалувањето на оваа сложеност на еден број може да доведе до погрешни заклучоци.

Која е вистинската вредност на овие тестови?

Фактот дека епигенетските часовници не се соодветни за донесување лични здравствени одлуки не значи дека се бескорисни. Благодарение на нив, научниците потврдиле дека навиките како што се намалување на дневното внесување калории, редовно вежбање, правилна исхрана, квалитетен сон и избегнување на пушењето го забавуваат стареењето во просек на ниво на популацијата.
Овие часовници помагаат и во тестирањето нови лекови насочени кон забавување на стареењето. Истражувањата покажуваат дека одредени третмани и лекови можат да ја намалат епигенетската возраст на клетките или ткивата на кожата, но овие ефекти досега се потврдени само при набљудување цели групи пациенти, а не поединци. М.В.