Ормуз повеќе не е само географски теснец, тоа е главниот преговарачки лост
Пред војната, Ормускиот Теснец беше глобална енергетска артерија. Денес тој е нешто многу повеќе. Главниот политички залог преку кој Вашингтон и Техеран се обидуваат да ја дефинираат победата. Речиси една петтина од светските нафтени текови вообичаено поминуваат низ оваа теснина, а прекините во пловидбата веќе предизвикуваат сериозни последици на енергетските пазари. „Ројтерс“ на 11 август известува дека цените на нафтата повторно се под притисок, додека дипломатските напори околу отворањето на Ормуз продолжуваат. Во исто време, „Ројтерс“ известува дека сегашните предлози за повторно отворање на теснецот вклучуваат и прашања како контрола на влезот на бродовите, инспекциски режими и потенцијални транзитни такси. Со други зборови, не се преговара само за тоа дали бродовите ќе пловат. Се преговара кој ќе има право да каже дека победил.
Американската економија станува второ бојно поле
Тука треба да се додаде факторот што можеби најмногу го интересира Трамп. Имено, се разбира дека тоа е американската домашна политика (и нов мандат). Војната досега ја чинеше американската држава околу 37,5 милијарди долари, според сведочењето на секретарот за одбрана Пит Хегсет пред Конгресот.
Белата куќа во меѓувреме побара дополнителни десетици милијарди долари за покривање на воените трошоци и за обновување на потрошената муниција. Самото барање од околу 87,6 милијарди долари, од кои 67 милијарди за Пентагон, отвора политички непријатно прашање: колку долго американскиот даночен обврзник треба да ја финансира војната?
За Трамп тоа е особено чувствително затоа што неговата политичка марка никогаш не се темелеше на класичниот неоконзервативен концепт на долги американски интервенции. Напротив. Тој се врати во Белата куќа со ветување дека Америка нема повторно да биде вовлекувана во „глупави војни“. Сега има проблем. Претседателот што ветуваше дека ќе ги завршува војните се најде пред опасноста да биде претседател што започнал нова долга војна.
Проблемот со муницијата, уште еден фактор со силно влијание
Овој фактор не треба да се потценува. Реномираниот „Ројтерс“ известува дека американската армија во петмесечната војна потрошила практично целокупни глобални резерви од одредени ракети со долг дострел, вклучително АТАКМС (ATACMS) и „ПрСМ“ (PrSM), додека значително се намалени и резервите на „патриот“ (Patriot) и ТХААД (THAAD) пресретнувачите. Речиси половина од глобалните резерви на „томохавк“ (Tomahawk), според еден извор цитиран од медиумот „Ројтерс“, исто така биле употребени.
Пентагон веќе го притиска американскиот воено-индустриски комплекс драматично да го забрза производството. „Асошиејтед прес“, повикувајќи се на американски одбранбени документи и извори, известува дека резервите на „патриот“ биле намалени за околу 65 отсто, а ТХААД за околу 38 отсто од почетокот на војната.
– Ова не значи дека САД се „без оружје“. Тоа би било погрешен заклучок. Но значи нешто многу посериозно од тоа. Секој нов голем конфликт со Иран има опортунитетен трошок за американската способност да реагира на други фронтови. Вашингтон не може бесконечно да ги троши истите резерви ако паралелно мора да размислува за Русија, Кина, Тајван, Украина и за заштитата на американските сојузници. Затоа прашањето не е само – може ли Америка да продолжи да го бомбардира Иран? Може. Прашањето е – дали е стратешки паметно да продолжи? И одговорот во Вашингтон очигледно станува сè понегативен – вели наш соговорник, генерал на АРМ во пензија, кој исклучително посветено ги следи конкретните настани поврзани за војната во многу од светските релевантни медиуми.
И американските гласачи имаат свој „Ормуз“
На крајот, секоја голема надворешнополитичка одлука на Трамп мора да се прочита и низ призмата на американската политика. Најновата анкета на „Ројтерс-Ипсос“ е мошне непријатна за Белата куќа.
– Само 35 отсто од Американците ја поддржуваат војната, додека половина од испитаниците очекуваат американската воена интервенција дополнително да ја дестабилизира блискоисточната ситуација. Дури 58 отсто очекуваат цените на бензинот да се влошат. Тоа е особено опасна комбинација. Американскиот гласач може да прифати кратка војна ако верува дека таа произведува јасна и брза победа. Но кога војната станува долга, скапа и директно ја погодува цената на бензинот, аргументот „национална безбедност“ почнува да се натпреварува со многу поедноставно прашање – што добивам јас од ова? И токму тука Трамп има проблем. Конгресните избори во ноември се приближуваат. Републиканското мнозинство е политички вредно, а секое продолжување на конфликтот го отвора прашањето дали Трамп ризикува да го потроши домашниот политички капитал на војна што не може лесно да ја објасни – вели нашиот соговорник, поранешен генерал, сега воен аналитичар и постојан соработник и брифер на „Нова Македонија“.
Трамп мора да победи двапати?!
Нашиот соговорник изнесува едно многу интересно размислување и заклучок од него.
– Трамп денес има потреба од две победи. Првата е стратешка. Втората е политичка. Стратешката победа би била Иран да престане да го блокира или да го ограничува Ормускиот Теснец, да се намали иранската воена способност и да се одржи нуклеарната закана под контрола. А политичката победа е Трамп да може да каже: „Ја започнавме војната за да ја елиминираме заканата. Ја уништивме заканата. Го отворивме Ормускиот Теснец и затоа ги враќаме американските сили дома“. Тоа е сосема различна приказна од онаа што е реална и која се идентификува со констатацијата… започнавме војна, потрошивме десетици милијарди долари, загубивме луѓе, потрошивме огромни количества муниција, а сега се повлекуваме без договор. Првата верзија е победа. Втората е неуспех. Трамп по секоја цена ќе сака да ја избегне втората – заклучува нашиот соговорник.
Економскиот притисок не е знак дека Трамп се откажува од Иран
Најновото свртување кон санкции е важно токму поради ова. Медиумот „Аксиос“ известува дека „високите американски функционери веруваат дека економскиот притисок би можел долгорочно да направи поголема штета врз иранскиот режим отколку дополнителното бомбардирање“.
Вашингтон смета дека иранската економија е во сериозна криза, додека Трамп сака да ја користи економската слабост за да го принуди Техеран на отстапки. И „Волстрит џурнал“ известува дека „американската администрација повторно се префрла кон економски притисок откако воената сила и дипломатијата не успеаја брзо да ги реализираат сите американски цели“.
– Според низа аналитичари, оваа констатација на реномираниот „Волстрит џурнал“ е клучна. Што значи таа? Имено, Трамп не избира меѓу „војна“ и „мир“. Тој избира меѓу различни средства за притисок врз Иран. Воена сила. Блокада. Санкции. Преговори. И закана со повторна воена сила. Сите тие средства остануваат на масата. Но редоследот се менува. А тоа е најдобар индикатор дека Белата куќа се движи кон таканаречена излезна стратегија – вели наш соговорник, поранешен амбасадор на американскиот континент.
Во тој ист контекст дипломатот сака да подвлече дека токму тука лежи вистинската причина за Трамповата „флексибилност“.
– На почетокот на војната, нуклеарниот проблем можеше да биде претставен како егзистенцијална цел. Но ако американските процени се дека трите клучни ирански нуклеарни постројки се сериозно оштетени и дека Иран нема лесно да може да го обнови својот капацитет во текот на преостанатиот мандат на Трамп, тогаш американскиот претседател повеќе нема ист политички интерес да инсистира токму сега на формален нуклеарен договор. Тоа е токму логиката што ја опишува „Волстрит џурнал“. Трамп може да си дозволи да каже – нуклеарната закана е неутрализирана, а ако Иран го отвори Ормуз – мисијата е завршена. И тоа би било доволно за неговата политичка нарација – образложува нашиот соговорник, дипломат од кариера.
Но дали тоа навистина би било победа?
На ова прашање, нашиот соговорник одговори токму во свој стил – дипломатски.
– Секој аналитичар, а и оваа медиумска анализа, мора да направи разлика меѓу политичка победа и стратешка победа. Политички, Трамп може да победи. Стратешки, приказната е многу покомпликувана. Затоа што ако Иран остане со значителен дел од своите конвенционални воени способности, ако нуклеарната инфраструктура може постепено да се обнови, ако Техеран добие право на значајно влијание врз пловидбата низ Ормускиот Теснец и ако американските сили на крајот сепак мораат да го напуштат регионот, тогаш прашањето е дали Вашингтон навистина го сменил регионалниот баланс на силите. Или само ја прекинал војната во момент кога трошоците почнале да стануваат поголеми од придобивките. Тоа се сосема различни работи и глобално политичката и внатрешнополитичката „вага“ имаат различни тасови за мерење на успехот – вели нашиот тој.
Иран наспроти САД
Која засегната страна има пореални аспирации за доведување на конфликтот до својот крај?
За Техеран идеалниот исход е сосема различен. Иран, на крајот на денот, сака да може да каже дека ја преживеал американската воена кампања, дека не бил принуден на капитулација, дека го задржал политичкиот режим, ја зачувал способноста за одвраќање, ги принудил САД да преговараат, добил олеснување на санкциите, добил пристап до замрзнати средства, добил гаранции против нов американски напад и, што е најважно, успеал повторно да го отвори Ормускиот Теснец од позиција на преговарачка сила. Токму затоа иранските услови се толку високи. Техеран не сака само да отвори теснец. Сака да биде платен за неговото отворање.
Преговорите се игра на нерви
Вашингтон сака да создаде впечаток дека Иран е на работ на економски колапс. Техеран сака да создаде впечаток дека без неговата соработка Ормуз не може да функционира нормално. Вашингтон сака Иран да изгледа како страна што моли за договор. Техеран сака Трамп да изгледа како претседател што очајнички има потреба од договор. Во реалноста, и двете страни имаат проблем. Иран има економски проблем. Америка има политички и военостратешки проблем. И затоа најверојатниот исход не е капитулација на едната страна, туку компромис што и двете страни ќе се обидат да го продадат како победа.
Не мора да има голем мировен договор!
Ако се спојат сите досегашни сигнали, може да се реконструира потенцијалната архитектура на договорот. Не мора да биде формален „голем мировен договор“. Многу поверојатно е да биде пакет од меѓусебни чекори.
– Прво: Иран обезбедува реално и проверливо отворање на Ормускиот Теснец за меѓународната трговија.
– Второ: САД ја прекинуваат или ја ублажуваат поморската блокада.
– Трето: се воспоставува некаков механизам за санкциски олеснувања или ослободување на дел од замрзнатите ирански средства.
– Четврто: американските воздушни операции престануваат.
– Петто: иранските напади врз комерцијалниот поморски сообраќај престануваат.
– Шесто: нуклеарното прашање се одложува наместо веднаш да биде услов за формален крај на војната.
Токму ваква можност, односно завршување на војната без посебен нуклеарен договор доколку се отвори Ормускиот Теснец, веќе се појави во американските извештаи.
Тоа би му овозможило на Трамп да каже дека не „се откажал“ од нуклеарната цел, туку дека војната ја постигнала потребната безбедносна цел, па затоа не е потребно веднаш да се оди во нова фаза на воена ескалација. С.Т.
Уште едно интересно сценарио во игра за крајот на војната меѓу САД и Иран
Најверојатниот крај не е „победник или губитник“, туку контролирана двосмисленост
- Постои едно сценарио што значи – типичен политички компромис. Во таквото сценарио, излезот од војната не мора да изгледа како мир. Може да изгледа како двострано прогласена победа. Ова за „Нова Македонија“ го тврдат неколку соговорници, поранешни генерали на АРМ, низ брифингот и анализата во врска со актуелните политичко-безбедносни состојби и напорите за излез од војната на Блискиот Исток, и од страна на Вашингтон и од страна на Техеран
Исход со висок степен на веројатност, според некои аналитичари и некои досегашни сигнали, е „договор што намерно ќе биде доволно двосмислен за секоја страна да може да прогласи победа“!
– Трамп ќе каже дека ја уништил иранската нуклеарна закана, го натерал Техеран да го отвори Ормускиот Теснец и ја заштитил слободата на пловидбата.
Иран ќе каже дека ја спречил американската окупација, преживеал војна со најмоќната воена сила во светот, го принудил Вашингтон на преговори и ги зачувал своите суштински државни интереси. Тоа би било типичен политички компромис. И токму затоа излезот од војната не мора да изгледа како мир. Може да изгледа како двострано прогласена победа… – ни тврдат неколку соговорници, поранешни генерали на АРМ, низ брифингот и анализата во врска со актуелните политичко-безбедносни состојби и напорите за излез од војната на Блискиот Исток, на што се работи активно во највисоките табори на засегнатите страни, и во Вашингтон и во Техеран.
Трамп веќе бара како да излезе, прашањето е како да го протне тоа во јавноста
Сите главни сигнали денес упатуваат во иста насока. Трамп веќе зборува дека војната ќе заврши „многу скоро“. Реномираниот „Ројтерс“ го регистрира тоа негово уверување од 6 август. Неговата администрација повторно го засилува економскиот притисок. Во исто време, Пентагон ги обновува резервите на муниција.
Дипломатите продолжуваат да разговараат преку Оман, Катар и преку други посредници. Вашингтон се фокусира сè повеќе на Ормускиот Теснец. А американскиот претседател, според извештаите на „Аксиос“ и Волстрит џурнал“, очигледно размислува како да ја заврши војната дури и без да ја добие целосната нуклеарна спогодба што првично ја поставуваше како централна цел. Затоа тезата дека во Трамп веќе се формирала политичката волја за излез од војната има сериозна основа.
Администрација на Трамп треба попрецизно да ја формулира таа теза
Од сето досега елаборирано, може слободно да се извлече еден заклучок дека американскиот претседател Трамп не бара мир затоа што решил дека војната била грешка. Тој бара крај на војната затоа што ја проценува точката во која дополнителната воена сила престанува да носи политичка корист, а почнува да носи политичка штета.
– Трамп не сака да биде претседателот што ја продолжил војната до бескрај. Но уште помалку сака да биде претседателот што признал дека морал да се повлече. Затоа неговата цел е нешто трето, а тоа е да излезе од војната, да ја прекине воената потрошувачка, да ги стабилизира Ормуз и енергетските пазари, да го зачува впечатокот дека Иран е ослабен и токму потоа да ја објави целата операција како американска победа – велат нашите соговорници, кои ги препознаа сигналите за почеток на крајот на војната на Блискиот Исток.
Со други зборови, Трамп не бара начин како да побегне од војната. Тој бара начин како да ја заврши војната, а сепак да може да каже дека победил.
– Во таа амбиција лежи драмата во следните недели. Затоа што за Трамп веќе постои излезната врата. Проблемот е што Иран сè уште ја држи кваката од другата страна, но „кога-тогаш ќе се договорат и ќе се земе невестата“ – поентираат метафорички нашите соговорници. С.Т.

































