ОДБОЈКА – НАДЕЖИТЕ МОТИВИРАНИ ПРЕД ЗОНСКИТЕ КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2027
- Подготовките се одвиваат во најдобар ред и сите сме мотивирани да се покажеме во најдобро светло на квалификациите, вели средниот блокер Митко Спасов
Машката одбојкарска репрезентација на Македонија (до 20 години), паралелно со А-националниот тим, се подготвува во Крушево за премиерното учество во Зонските квалификации за Европското првенство (ЕП) во 2027 година. Селекторот Јован Шапе, засега, нема проблеми. Се работи напорно и посветено, а шансата да се одмерат силите со своите врсници од соседството е голем мотив за македонските надежи. Свесни се дека ги чекаат тешка задача и силна конкуренција, но тоа не ги спречува да бидат позитивно расположени.
– Одлична шанса за оваа генерација да игра за првпат во едни квалификации за ЕП. Повеќето играчи се знаеме меѓу себе од ланскиот настап на ЕМОФ и имаме одлична атмосфера во репрезентацијата. Добро се подготвуваме и се надеваме дека ќе ја оправдаме можноста што ни се дава – вели капитенот Драган Ставрев, информира ОФМ.
Некои од одбојкарите од генерацијата до 20 години се најдоа на поширокиот список на селекторот на сениорската репрезентација на Македонија, Јошко Миленкоски, и одработија еднонеделни подготовки во Крушево во мај годинава, кога А-тимот се подготвуваше за Европската лига 2026. Од нив, Митко Спасов доби шанса да настапи и за сениорскиот национален тим, а сега тоа искуство ќе го пренесува меѓу надежите.
– По одличното искуство со А-репрезентацијата, се враќам меѓу моите врсници, каде што се надевам дека ќе успеам да пренесам дел од работите што ги научив со сениорите. Мојата генерација има голем потенцијал и квалитет, а шансата да играме едни евроквалификации ќе ни овозможи да созрееме како екипа. Подготовките се одвиваат во најдобар ред и сите сме мотивирани да се покажеме во најдобро светло на квалификациите – вели Спасов, пренесе ОФМ.
Македонија во Зонските квалификации (25-29 август) во Софија ќе игра со Бугарија, Србија, Турција, како и со Русија и Белорусија, кои се вклучени во БВА-квалификациите по тргнувањето на нивната забрана за меѓународен настап. Г.И.

































