Терор врз Израел и слободна Палестина (2)

Владите на Нетанјаху, премиер на Израел, сега и во повеќе претходни наврати, не го прифаќаа „решението две држави“ и водеа политика на „една држава“

Минатата недела го започнав коментарот за последниот израелско-палестински конфликт „Терор врз Израел и слободна Палестина“. Последен во низата војни и конфликти од 1948 година до денес, веројатно не и последен воопшто. Напишав дека во свет на поствистината, во отсуство на вистината, објективноста се губи, виновникот е страната што не ти се допаѓа. Кога виновникот е страната што не ти се допаѓа, светот и ние дома се поделивме на #PrayForIsrael и на #FreePalestine, најчесто по веќе постојно групирање, иако дома кај нас има мешана ситуација. Мојот став за терор врз Израел и слободна Палестина не е обид за споделување на вината на двете страни, туку потрага по објективен став, кој може да донесе правда и мир. Првиот став, за терор за Израел. Израел има право да постои! Прифаќањето на правото на постоење на Израел е прв чекор што арапскиот свет и Палестина и главните палестински организации мора да го прифатат. Сѐ уште има арапски и муслимански земји, како и палестински организации што не го прифаќаат постењето на Израел. Нападот на Хамас е тероризам по сите критериуми на дефиницијата за тероризам. За тоа не може да има дилема. И Израел има право да се брани! Тоа е едната страна на вистината.
Втората страна на вистината е дека Палестина е окупирана од страна на Израел, и дека сегашната власт на Израел фанатично работи да нема слободна Палестина. Без да се враќам на почетокот на непријателствата и прашањето „мме кој прва почна“, општоприфатено мислење за решение за израелско-арапскиот и израелско-палестинскиот конфликт е „решението две држави“, на две независни и суверени држави Израел и Палестина во рамките на границите од 1967 година, со Источен Ерусалим како главен град на Палестина. Кога ќе напишам општоприфатено мислење, го базирам тоа врз ставот дека тој процес е започнат со декларирањето на слободна Палестина во 1988 година и Договорот од Осло од 1993 и 1995 година кога се воспоставува палестинската национална управа на Западниот Брег и Газа, дека 138 од 193 држави во светот ја признаваат Палестина, (за споредба 165 држави го признаваат Израел), од кои неколку од Европа како Шведска, Србија, Албанија и Босна, а најголем дел од Западот кој не ја има признаено Палестина го прифаќа решението на две држави, во договор на Палестина и Израел.
Тука е проблемот. Владите на Нетанјаху, премиер на Израел, сега и во повеќе претходни наврати, не го прифаќаа „решението две држави“ и водеа политика на „една држава“. Оваа политика е поддржана од партиите на радикалните еврејски доселеници на Западниот брег, со кои Нетанјаху заеднички владее. Дел од политиките за една држава е прогласувањето на Ерусалим како главен град на Израел, што е директно против „решението две држави“ каде што Источен Ерусалим е главен град на Палестина или, пак, нелегалните градби на нови населби за доселеници Евреи на Западниот брег. Дел од тоа е скриената поддршка на Хамас во 2007 година, кога палестинската управа со победата на избори на Хамас во Газа се поделува на два дела Газа и Западен Брег. По логиката раздели и владеј, Нетанјаху говори дека владеењето на Хамас во Газа е најдобар начин за спречување на „решението две држави“. Дополнително исламистичкиот Хамас не би добил поддршка од Западот, наспроти секуларната управа на Западниот брег. И двата претходни конфликта во Газа во 2009 и 2014 година, како и сегашниот, Нетанјаху ги става во функција на домашната политика и сопствениот опстанок на политичката сцена, наспроти можните обвиненија за корупција и криминал.
Но Нетанјаху има еден проблем со „една држава“. Во Палестина има над 5,5 милиони жители, наспроти речиси 10 милиони жители на Израел. Со 21 процент Арапи во Израел или над два милиони, вкупниот број на Арапи и Палестинци би бил над 7,5 милиони и би бил изедначен со осум милиони Евреи. Тоа би значело тектонска демографска и политичка промена. Затоа Нетанјаху не брза кон анексија на Палестина, туку оди чекор по чекор, со освојување населби во Западен брег.
Во 2018 година, Израел е прогласен за национална држава на Евреите, а арапскиот е деградиран на посебен статус. За волја на вистината има одредена интеграција на израелските Арапи, кои се вклучени во политиката, судството, полицијата, војската, а патните ознаки, регистрациите се тројазични (хибру, арапски, англиски). Но се чини за Палестинците, Нетанјаху има замисла на апартхејд и етничко чистење. На пример, поранешен безбедносен функционер на Израел предлага сите два милиони жители на Газа да се преселат во сателитски населби во Египет.
Жртвите на двете страни водат кон погорниот заклучок. Од 2008 година до сега, без последниот конфликт има над 6.400 жртви Палестинци и 300 жртви Израелци. Неодамна во Оксфорд се дебатираше дали бројот на жртви говори која е добра или лоша страна. Аргумент за тоа е дека во Втората светска војна Германија има многу поголем број (цивилни) жртви од Велика Британија, но тоа не ја прави Германија добрата страна во војната. Главниот контрааргумент на оваа упростена споредба, дека ако тоа е валидно за Хамас – Израел, не може да биде валидно за Палестина – Израел, бидејќи Хамас не е Палестина. И ако има дилема свртете го погледот од Газа на Западниот Брег каде што Израел има иста политика, иако со тамошната управа има потпишано мировен договор.
Оттука, за патот на мир, Нетанјаху мора да замине, а Израел да се врати на „решението две држави“.
Авторот е аналитичар* 
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mk @sklek