Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нерегулираноста на онлајн медиумите, а уште повеќе нерегулираноста во областа на социјалните мрежи, според востановените универзални принципи и стандарди на јавното информирање, како и толерирањето на надлежните во јавниот медиумски простор да бидат објавувани статии надвор од позитивноправната регулатива од тој домен, освен што остава простор за неказнивост за одредени незаконски поведенија, остава простор и за нелојална конкуренција спрема традиционалните медиуми, кои се обврзани да ги почитуваат таквите стандарди!
На тој начин, а имено таа спомената нерегулираност, како и толеранција при прекршување на законската регулатива на одредени „медиуми“, апсолутно отвора широк простор за политички манипулации со информациите. И воопшто отвора простор за создавање погрешна и манипулирана перцепција на општествената реалност од страна на граѓаните, а дезинформацијата, пропагандата и лагата се изедначуваат со фактите и вистината

Медиумска писменост: традиционалните медиуми наспроти социјалните мрежи

Влијанието и моќта на јавното мислење во едно општество, без сомнеж, се големи. Дури и колосални. За промените и одржливиот напредок во едно општество во голема мерка се одговорни и медиумите. Но квалитетните промени на подобро, за одржлив напредок и развој, во принцип се должат на квалитетот т.е. вистинитоста на информациите што ги консумираат граѓаните. А според најновото истражување за начинот на информирање што го практикуваат граѓаните на Македонија, се чини дека јавното мислење за сите сфери на општественото живеење, па и за политичките теми, е доминантно поткрепено од „пренесени информации“, десеткувани, прераскажани, толкувани или сосем испревртени или лажирани и фингирани, и тоа во голем дел на социјалните мрежи! Така, според истражувањата, на граѓаните им се сервираат „преџвакани“ информации, полни со тенденции, модификувани и во функција не на вистината, туку во полза на одредени тесни интереси што не се совпаѓаат со општоопштествените.

Информирање на граѓаните од центри за дезинформирање!?

Најпрвин, резултатите од анкетата „Еврометар 2023“ покажуваат дека граѓаните на Македонија за политички теми најчесто се информираат преку интернет – 56 проценти, од кои 90,3 отсто до информациите доаѓаат преку социјалните мрежи, а 28,2 отсто директно од онлајн портал-медиумите. Само 13,8 отсто од граѓаните велат дека се информираат од онлајн платформите на постојните радиостаници или ТВ-канали. На прашањето: „Како се информирате за политички теми“, најмногу или 56,5 проценти од испитаниците одговориле преку интернет, потоа следуваат 43,5 отсто преку телевизија, 12,5 проценти од пријатели/фамилија и 1,8 отсто преку радио. Околу 13,4 проценти од испитаниците одговориле дека не се информираат. Загрижувачки, забележително е дека дури ниту во истражувањето не е земено предвид информирањето преку печатени медиуми.
Натаму, Виолета Глигоровска од „Евротинк“ – центарот за европски стратегии, посочува дека граѓаните можеле да изберат повеќе одговори на ова прашања, па, така, како прв избор социјалните мрежи биле за 81,6 отсто од испитаниците, за 16 проценти онлајн медиумите, а 2,3 отсто некоја онлајн платформа на постојните радиостаници или ТВ-канали. Онлајн медиумите се втор избор за 53,1 отсто од испитаниците, потоа следуваат социјалните мрежи за 41,6 процент од испитаниците. Онлајн платформите на постојните радиостаници или ТВ-канали се трет избор за 94,8 отсто од испитаниците.

Поразителната состојба на медиумската култура, медиумската писменост и квалитетот на јавното мислење во Македонија

– Ова истражување на некој начин ја покажува поразителната состојба на медиумската култура, медиумската писменост и квалитетот на јавното мислење во Македонија. Тоа што најчест извор на информации за политички теми е интернетот т.е. онлајн порталите и социјалните мрежи, сфера што не е законски уредена и практично е надвор од стандардите за веродостојно информирање, наведува на состојба за јавното мислење, се темели на пренесени, површни, погрешни, па и манипулирани информации. За почеток, многу од онлајн медиумите сѐ уште немаат импресум, односно транспарентна објава за одговорните лица што стојат зад објавените информации. Тоа што овие онлајн медиуми се практично на електронска поддршка им остава можност (што многу портали без задршка ја користат) за интервенции и менување на веќе објавена вест, што на пример не е изводливо во печатен медиум, каде што искажаниот збор има тежина на траен запис и има поголема одговорност.
Можноста за менување на текстовите во онлајн медиумите, како и предизвикот за поголема читаност и кликови, многу често ги става „надвор од игра“ стандардите и одговорноста на јавното информирање – веродостојност, како и потврда на веродостојноста од повеќе извори. Многу често во онлајн медиумите се лиферуваат пренесени еднострани информации, без изјава на втората страна од некој случај, без дополнителна проверка од повеќе извори, кои со понатамошно пренесување стануваат всушност дезинформации. Освен тоа, ноторен факт е дека зад голем број портали стојат политички партии, што лесно се забележува од содржините, т.е. насловите што ги пласираат, а ја користат можноста за неидентификувани „одговорни лица“ на медиумот. Што се однесува до медиумската писменост и култура, таа во голема мера се сведува само на читање наслови и евентуално некоја кратка содржина, особено кај младата читачка публика. Сѐ помалку се оние што читаат подолги текстови и анализи и сакаат да допрат до суштината и причините на состојбите и случувањата. Медиумската култура и во ова т.н. електронско време сепак се создава со читање весници, и тоа во печатена форма, зашто трајноста на испечатениот збор сепак повеќе обврзува на веродостојност и одговорност – вели политичкиот и медиумски аналитичар Синиша Пекевски.

Тотално игнорирање на основните принципи на новинарството!

Нерегулираноста на онлајн медиумите, а уште повеќе нерегулираноста во областа на социјалните мрежи, според востановените универзални принципи и стандарди на јавното информирање, како и толерирањето на надлежните во јавниот медиумски простор да бидат објавувани статии надвор од позитивноправната регулатива од тој домен, освен што остава простор за неказнивост за одредени незаконски поведенија, остава простор и за нелојална конкуренција спрема традиционалните медиуми, кои се обврзани да ги почитуваат таквите стандарди!
На тој начин, а имено таа спомената нерегулираност, како и толеранција при прекршување на законската регулатива на одредени „медиуми“, апсолутно отвора широк простор за политички манипулации со информациите. И воопшто отвора простор за создавање погрешна и манипулирана перцепција на општествената реалност од страна на граѓаните, а дезинформацијата, пропагандата и лагата се изедначуваат со фактите и вистината.
Порталите и социјалните мрежи практично не се обврзани на одговорност кон вистината и лојалност кон јавноста за вистинито информирање, па колку и да била дебела линијата меѓу информацијата и дезинформацијата, практично веќе и не постои! Дисциплината за т.н. проверка на вистинитоста, вклучувајќи и проверка на втората страна инволвирана во некој предмет на информирање, речиси не се практикува во порталите, кои се на ранг на медиуми. Ниту независноста од субјектите за кои се информира, односно независно набљудување на моќта (и моќниците), како предуслов за јавна критика и контрола на таа моќ не влегува во критериумите за функционирање на овие очигледно влијателни медиумски чинители, па сѐ почесто за нив се користи фразата „партиски ботови“.
Резултатите од анкетата за информираноста на граѓаните на Македонија покажуваат дека јавното мислење, доминантно креирано од онлајн медиуми и социјални мрежи, практично има погрешна и манипулирана перцепција за општествената и политичката реалност!
Погрешната и манипулирана перцепција создава јавност што е незаинтересирана за своето влијание и моќ да ги употреби за општествено-политичките процеси да ги насочи пред сѐ во својот граѓански и национален интерес.
Зарем заклучокот е дека на македонската јавност ѝ е полесно да живее во реалност од манипулирани информации, отколку да се профилира во критичка јавност, која дејствува врз основа на веродостојни информации!?
Исто така, лесно се доаѓа до заклучокот дека на политичките, па и на државните фактори повеќе им одговара оваа состојба на „нестандардно информирање“, па не покажуваат интерес за поддршка на медиуми што се обврзани да работат според стандардите и критериумите на јавното информирање.
Така се создава јавност што е само пасивен набљудувач на својот живот, креиран врз погрешна перцепција, без желба да преземе одговорност за себе?!
Сепак, наспроти сето ова, голем број соговорници, интелектуалци од академската фела и специјализирани институти се упорни и лансираат, промовираат и работат на проекти за медиумска писменост, на професионално новинарство, работат на објективно и балансирано информирање на јавноста и креирање јавно мислење во функција единствено на јавноста и јавниот интерес. Сите тие се оптимисти дека „извитоперениот вредносен систем во областа на јавното информирање и новинарството ќе се доведе во ред и дека сето тоа е последица на глобални и домашни циклични движења во општеството, каде што во одредени периоди, како што е овој, невистината ја поклопува вистината, а пропагандата ја совладува фактичката состојба“.
Тие поентираат дека „мисија на оние што го креираат јавното мислење е, и покрај сѐ, во името на универзалните хумани и демократски принципи, правдата и вистината да се вратат на пиедесталот, каде што и припаѓаат“.