Сите предавства на Македонија

Не знам за вас, но јас се чувствувам предадено од Владата и системот што го уништи духот на мојот народ. Оваа власт ги предаде нашите надежи. Ги предадоа нашите соништа, нашите аспирации. Ги предадоа името, културата, јазикот, историјата. Власта нѐ понижи, предавајќи го нашето достоинство и, што е најболно, го предаде токму она што ни беше ветено во 1991 година: македонска држава

Македонија е во морален грч. Поновата македонската историја е водена од периодични моменти на морални конвулзии. Овие моменти споделуваат одредени карактеристики. Луѓето се чувствуваат згрозено од состојбата во општеството. Довербата во институциите опаѓа. Моралната огорченост е широкораспространета. Презирот кон воспоставената моќ на власта е интензивен. Оваа власт е во процес на уништување на секоја норма на пристојно однесување и уништување на секоја институција што ја допира. Не можејќи да се однесува одговорно, не можејќи да не заштити од надворешните влијанија и уцени, не можејќи да ѝ ја каже вистината на земјата за сопственото предавство на државата и нацијата, таа го поткопува основниот кредибилитет на владеењето и предизвикува сомнеж дека секој збор и чин што ја опкружува е лага и измама. Конечно, оваа власт сериозно се заканува дека ќе го поткопа легитимитетот на нашата демократија и ќе поттикне обезличување на државата, што ќе нè остави јагленисана и уништена нација. Оваа власт е последниот инструмент на кризата на идентитетот и моралот, но условите што ги креираше таа и го направија толку опасен овој момент се создаваа со децении, тие услови нема да исчезнат и кога ќе биде поразена.
Не знам за вас, но јас се чувствувам предадено од Владата и системот што го уништи духот на мојот народ. Оваа власт ги предаде нашите надежи. Ги предадоа нашите соништа, нашите аспирации. Ги предадоа името, културата, јазикот, историјата. Власта нѐ понижи, предавајќи го нашето достоинство и, што е најболно, го предаде токму она што ни беше ветено во 1991 година: македонска држава. Со оваа власт станавме срам, потсмев и земја што брзо губи надеж и се распарчува. Колку што ме држи сеќавањето, предавството е трајно прашање во македонската политика. Предавството како поддршка на туѓи интереси никогаш не им било туѓо на Македонците. Предавството е во срцето на македонската политика. Особено на бившите комунисти „државотворци“.

Велат дека времето е крадец на сеќавањата. Со годините треба да ги заборавиме сите оние предавства што нѐ доведоа до најголемото што го живееме денес. За жал, јас не можам. Како да го заборавам предавството на демократијата на реформираните комунисти веднаш по прогласувањето на независноста на македонската држава? Како да го заборавам предавството на македонските генерали (за кое гледам не се пишува) што требаше да го бомбардираат Скопје на почетокот на 1990-тите? Или безочното разграбување на капиталот на старо-новата држава, крадејќи го од оние што го создавале? Или, пак, да заборавам на реката стечајци оставени без средства за живот во име на раѓањето на ново-старата црвена апашана? Зар има поголемо предавство од она да владеете без опозиција, саботирајќи ги темелите на новата држава што се раѓаше? А потоа предавствата се редат како на филмска лента. Ја предадоа Македонија во 2001 година, кога се засолнија на Халкидики и свесно избегнуваа да ја бранат од „борците за човекови права“ и кога прифатија модел на постконфликтно решавање криза што ниедна друга држава во светот не го сака. Кога прифатија „квота-демократија“, откажувајќи се од државата во име на некој мултиетнички концепт што беше мртвороден уште на својот почеток. Ја предадоа Македонија во 2004 година, кога територијално ја прекроија креирајќи вештачко малцинство од мнозинскиот народ во државата. Едно предавство води во друго поголемо. Во 2017-та го предадоа името Македонија. Имeто со кое сме се родиле, растеле, живееле. Со името ги предадоа нејзината историја и култура и на пат се да се откажат од македонскиот јазик. Го погребаа АСНОМ во име на дефектниот договор за добрососедство со Бугарија. Ја погребаа борбата за национално ослободување на македонскиот народ. Ги испоганија коските на борците за Македонија.

Ги помнам сите нивни предавства, како и оние на сатанизирање на сите што не беа нивни и кои не размислуваа како нив. Врескаа, черечеа и осудуваа кога покојниот претседател Трајковски во говорот пред Европскиот парламент нѐ нарече европска Македонија, или кога генералниот секретар на Советот на Европа го употреби изразот северномакедонци, за денес да молчат кога државата ни се вика „Северна Македонија“, а нацијата ни ја ословуваат „северномакедонска“. Затоа, немај верба во политиката на „државотворните“ бивши комунисти. Нивната политика е синоним за предавство, измама, без чесност, морал и етика. Тие се злото на транзицијата, дивото месо во македонската историја, канцерот во телото на демократијата, кое болно ги умира државата и нацијата. Вечни слуги без лично достоинство лесно нѐ распродаваат. Нивниот „демократски“ политички идентитет е фалсификуван, лажен. Како и тие самите. Предавствата им се наследство на предците, ДНК на нивното постоење и практикување политика. Ништо свето, ништо трајно. Освен предавствата.

Автор:Проф. Звонимир Јанкулоски