Фото: Пиксабеј

Мета денеска објави нов пакет мерки за заштита на тинејџерите на платформите Инатаграм,Фејсбук и Месинџер, со кои автоматски ќе се ограничува прикажувањето на содржини што не се соодветни за корисници помлади од 18 години.

Новите поставки, кои минатата година првично беа воведени во САД, Велика Британија, Австралија и Канада, сега ќе бидат достапни на глобално ниво.

Станува збор за таканаречени „13+“ безбедносни поставки, наменети за филтрирање на содржините што тинејџерите ги гледаат во објавите, кратките видеа (Reels) и препораките на платформите.

На Фејсбук дополнително ќе биде ограничена интеракцијата со профили, страници и групи што објавуваат содржини оценети како несоодветни за помлада публика. Истовремено, на Месинџер ќе се намали можноста ваквите содржини да стигнуваат до корисниците преку разговори и споделени линкови.

Компанијата најави дека подоцна годинава ќе воведе и нова опција наречена „Limited Content“, која ќе им овозможи на родителите уште построго да го контролираат пристапот до одредени содржини на профилите на своите деца.

Покрај тоа, Мета тестира нова функција на Инстаграм која треба да обезбеди поголема разновидност во содржините што им се препорачуваат на тинејџерите. Целта е алгоритмот да не ги изложува корисниците континуирано на голем број објави од иста тема.

Од компанијата наведуваат дека теми како исхрана, физичка активност или справување со анксиозност можат да бидат корисни, но не треба да доминираат во корисничкото искуство.

Во рамки на новите мерки, унапредени се и системите за препознавање профили кои редовно објавуваат несоодветни содржини за малолетници, а дополнително е ограничено и прикажувањето на видеа што промовираат опасни предизвици, меѓу кои и трендот познат како „сурфање на автомобили“.