Фото: Емил Јовановиќ

– Добредојдовте овде во овој прекрасен град, би рекол на најубавото место на планетата. Ви посакувам успешна работа, но не заборавете да се забавувате. Овие лични контакти што сега ќе ги остварите ќе ви останат за цел живот – со овие зборови деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први” Скопје – професор д-р Сашо Георгиевски ги поздрави учесниците на „Охридскиот конгрес на правото 2022“.

Срдечно добредојде, пријатна и успешна работа на сите околу 150 учесници млади правници-студенти од Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора, им посака и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Инаку, Конгресот од денеска продолжува со работниот дел, а темата на овој самит на младите правници-студенти, кој за првпат се одржува во Македонија е „Положбата на судиите на Балканот и нивна институционална и лична независност“.

Организатор е Факултетското студентско собрание и студентите на Правен факултет “Јустинијан Први”. Во нивно име на отворањето се обрати Дамјан Величковски, член на тимот што за кусо време сепак успеа да го организира овој конгрес.

Според програмата, во работниот дел се предвидени излагањата на професорите од Правниот факултет при УКИМ во Скопје, Димитар Гелев и Тимчо Муцунски, како и искусни познавачи на правото, меѓу кои и Ѓорѓи Сламков, поранешен претседател на антикорупциската комисија, кој ќе говори за судството и борбата против корупцијата, Јован Андоновски, заменик народен правобранител, Никола Довлев – јавен обвинител во Основно јавно обвинителство Охрид, Билјана Белевска Пројковска – судија во Основен суд Охрид, Елена Гошева, поранешна претседателка на уставен суд.

„Нова Македонија“ е медиумски покровител на Конгресот.