Што е човекот – од добар како леб до човек ѕвер

Според некои научни пресметки, човечкиот род се развива 200 илјади години. Бројки што не се шега. Оттогаш до денес создавањето на човекот е сериозна тајна, најголема божја тајна на овој свет. Многу мисловни луѓе – научници, филозофи, мудреци, уметници од најстари времиња се обидувале да ја утврдат дефиницијата што е човек и заклучиле дека таквиот потфат никако не може да се сведе само на еден единствен одговор.
Речиси во сите митологии, западни и источни, човекот е создаден од земја. Не случајно во една од звучните реченици при црковните обреди за покој на душата на умрениот се вели „од земја си создаден во земја ќе се претвориш“. Според едни верувања, коските на човекот се направени од земја, крвта од вода, белите дробови од воздух, главата од огин.
Според други, огнот се поврзува со нервниот систем, респираторниот со воздухот, крвниот со водата, дигестивниот со земјата. Човекот допира три космички нивоа: земното со нозете, атмосферското со градите, а небесното со главата. Тој е дел од трите царства: минералното, растителното и животинското. Од сите животни што постојат на светот, меѓу големите разлики најкарактеристична е таа што само човекот ја има способноста да ја крене главата и да погледне во небото.
Интересно е што многу митологии, верувања и научни истражувања откриваат совпаѓање меѓу елементите од кои е создаден човекот и елементите што го сочинуваат универзумот. Совпаѓања има меѓу анатомијата на човечкото тело космосот, природните појави и закони. Тркалезната глава го претставува небото, косата се ѕвездите и соѕвездијата, очите и ушите се Сонцето и Месечината. Белите дробови со ветерот, крвта е дождот, вените се реките и долините, скелетот е планината, срцето е Големата Мечка, деветте отвори на телото се деветте небесни порти. Четирите екстремитети се четирите годишни времиња, дванаесетте големи зглобови се дванаесетте месеци, а 360-те мали зглобови – 360-те дена од годината.
Во христијанското верување живиот човек е хармонична комбинација на дух и тело. Духот е она што му дава живот на телото. Без дух, телото е мртво. Пророштвата велат дека ќе дојде време кога нема да постојат духовни луѓе. Секој ќе се задоволи со светот во кој живее, без да се интересира за друг живот или за животот на другиот. Тие луѓе ќе живеат во незнаење и кога ова незнаење ќе се прошири по земјата светот ќе стане целосно лишен од копнеж по духовни знаење и духовен живот. Така ќе дојде денот кога човекот ќе симболизира само тело, а ќе ја изгуби својата духовна бесмртност.
Според двата филозофски мита за настанокот на светот и човекот, од соединувањето на ноќта и темнината се изродиле староста, судбината, смртта, убиствата, соништата, кавгата, немирот, радоста, сожалувањето. Од спрегата меѓу ноќта и денот се создале мајката земја, небото и морето. Од спојот меѓу воздухот и земјата се изродиле ужасот, итрината, бесот, несогласувањата, лагата, клеветата, неумереноста, одмаздата, стравот, заборавот, гордоста.
Според грчката митологија, во историјата на човекот има пет века во кои живееле пет раси. Првата, која вели дека секој човек што доаѓал во живиот свет излегол од заб на змија, е наречена златна раса. Луѓето во неа живееле безгрижно и не морале ништо да работат. Се хранеле најприродно со желади, со диви овошни плодови и со мед што капел од дрвјата. Пиеле млеко од овци и кози, постојано играле и пееле, никогаш не старееле, а смртта им била лесна како сонот.
Златната раса била заменета од сребрената. Луѓето од оваа раса биле создадени според божји лик и први почнале да јадат леб. Владееле жените, децата целосно им биле посветени на своите мајки и не смееле да им откажат послушност дури и да живееле до сто години. Биле кавгаџии и неуки, не им принесувале жртви на боговите, но не војувале меѓу себе. Можеби поради последната причина боговите ги уништиле.
Потоа дошла бронзената раса, луѓе што паднале на земјата од дрвјата како плодови, вооружени со бронзено оружје. Веќе се хранеле со месо и леб и уживале во војувањето, биле дрски и безмилосни, но ги уништила црната смрт, како сами да си ја барале.

И четвртата раса била бронзена, но тоа биле поблагородни и повеликодушни луѓе. Татковците им биле богови, а мајките смртни жени.
Петтата раса е современата железна раса составена од неугледни наследници на четвртата. Припадниците на оваа раса главно се дегенерирани, свирепи, неправедни, злонамерни, разуздани, непослушни и предавници.
Секако дека човекот е мисловно суштество, тој може да размислува, да заклучува, да живее во поголема заедница, да чита, да црта и да работи нешта за кои само тој е способен да ги прави. Само човекот е во состојба да убива и да простува, да страда и да пати, да биде возвишен и да падне на дното, да се жртвува за љубов и за идеали, да биде и добар и лош, да биде среќен или длабоко несреќен. Човекот како поединец може да биде убав, грд, чуден, мирен, смирен, тивок, кроток, бесен, свиреп, обичен, просечен, возвишен, приземен, чесен, лажлив, може да биде добар како леб или лош како ѕвер. Кога не би поседувал по нешто од сите наведени карактеристики не би бил ни човек. Би имал друго име и друга лика, боговите би му дале друга задача и функција на земјата.