- Во изминатите неколку години посетив три необични, но преубави држави: Апсурдистан, Бидадистан и Гротескија. Во неколку продолженија ќе пишувам за моите доживувања во овие земји, подвлекувајќи дека сите сличности со реални настани и ликови се случајни
Кога францускиот авангардист Ремон Кено (Raymond Queneau) во 1947 година ги објави своите култни „Стилски вежби“ (Exercices de style), неговата намера беше едноставна, а сепак револуционерна: да докаже дека суштината на една приказна не лежи во самиот настан, туку во начинот на кој тој настан е раскажан. Кено зеде еден банален инцидент од париски автобус и го пресоздаде на 99 различни начини, уривајќи ги границите на јазичниот конвенционализам.
На покана на моите пријатели, требаше да заминам за Апсурдистан. Подготвувајќи се за престојот таму, во раце ми падна книгата „Апсурдистански стилски вежби“, напишана од водечкиот сатиричар на оваа необична држава. Ја прочитав во еден здив. Го замолив авторот, а тој се согласи, одредени делови од неговото творештво да пренесам тука.
Книгата „Апсурдистански стилски вежби“, инаку збирка куси раскази, ги содржи сите клучни трауми на совремието во Апсурдистан. Во денешниов текст ќе пренесам неколку од нив, кои се однесуваат на „Апсурдистанската заедница на слободни мислители“ (АЗСМ). Книгата е обид да се покаже дека бирократизацијата на општеството и уривањето на автономијата на умот не доаѓаат со тресок, туку со ситни административни уредби. Јазикот на стилските вежби се обидува да го соголи токму тоа: начинот на кој системот го банализира животот и ги претвора науката и уметноста во бинарна вредност на физичко присуство. Како што би рекле егзистенцијалистите: „Signo, ergo sum“. Преку овој административен механизам, електронското отчукување ја доживува сопствената филозофска деформација во мислата „Се потпишувам, значи постојам“. Така, АЗСМ се трансформира во институција во која творецот веќе не постои преку сопствената мисла (творештвото), туку преку сопствениот административен потпис.
Основен текст
Апсурдистан е мала држава горда на сопственото свето и светло минато, со јасна желба за напредок и развој. Апсурдистанската заедница на слободни мислители во изминатите неколку години претрпе големи промени: од храм на слободата и демократијата се трансформира во бастион на беззаконието и неправдата. Оваа трансформација се должи на желбата на водечкиот човек на АЗСМ да практикува владеење по сопствена волја, а не по словото на законот, како и на молкот на другите членови на Заедницата. Така, на пример, Заедницата се постави над Уставот на Апсурдистан, соопштувајќи им на вработените дека одлуките што ги носат телата на Заедницата се конечни и дека вработените немаат право на жалба. Понатаму, телата на Заедницата донесоа одлука дека некои творби на нејзините членови се отворени за коавторство. Кулминација на ваквото недемократско владеење со Заедницата е одлуката со која нејзините членови се подложени на груб бирократски притисок, па на творците им се наметнуваат правила за задолжително механичко отчукување.
Поетски (Елегичен, лирски стил)
О, горда земјо на светлите сенки, со свето минато на градите! Твојот поглед, некогаш свртен кон синилото на напредокот, сега гори во тивок плач. Каде исчезна тој храм, тоа светилиште на слободната мисла, каде што умот леташе без окови? Денес, над неговите урнатини се издига мрачен бастион на неправдата, тврдина во која дивее студеното беззаконие. Еден човек, заслепен од лажниот сјај на моќта, ја замени правдата со сопственото самоволие, додека тишината на преостанатите мислители тежи како олово во ноќта. Заедницата, откината од мајчинските прегратки на Уставот, шепоти со пресуден глас дека нема повеќе надеж, нема повеќе право на жалба за заробените души. Дури и чедата на умот, чистите творби на осамениот творец, насилно се отвораат за туѓи, наметнати коавторства, како скинати лисја фрлени на ветрот. А кулминацијата на оваа тажна драма, овој бирократски затвор на духот, е моментот кога на уметниците им се врзуваат крилјата. Креаторите, суштествата на светлината, сега се осудени на груб притисок – со наведнати глави, во тивок ритам, механички да го отчукуваат сопственото присуство во вечноста на заборавот.
Филозофски стил (Егзистенцијалистичка расправа за битието и потписот)
Апсурдистан не е само географски поим; тој е метафизичка состојба на духот што се обидува да го проектира сопствениот есенцијален напредок врз ништожноста на своето битие. Наспроти оваа заднина, Апсурдистанската заедница на слободни мислители (АЗСМ) го доживува својот конечен онтолошки пад. Некогашната институција, замислена како апсолутен простор на слободата и трансценденцијата на умот, денес се редуцира на иманентен бастион на беззаконието. Оваа деградација е директен дериват на сопственичкиот нагон на еден поединец, чија субјективна волја насилно се наметнува како Општ закон, поништувајќи го објективното Слово. Молкот на преостанатите членови на Заедницата не е само пасивност – тој е соучесништво во креирањето на колективното Ништо. Во овој конструиран микрокосмос, Заедницата се прогласува за суверен над Уставот. Со декретот дека одлуките на нејзините тела се апсолутни и дефинитивни, а правото на жалба е елиминирано, се укинува самата можност за избор – темелот на човековата слобода. Човекот во АЗСМ е фрлен во бирократски детерминизам, каде што дури и чинот на творештвото (кој по дефиниција е чин на чиста индивидуална слобода) се соголува и присилно се отвора за коавторство. Творецот е отуѓен од сопствениот производ. Но, филозофскиот апсурд ја достигнува својата кулминација во феноменот на механичкото „отчукување“. Старата Декартова максима „Cogito, ergo sum“ тука доживува перверзна онтолошка деформација: „Signo, ergo sum“ (Се потпишувам, значи постојам). Егзистенцијата на творецот веќе не се верификува преку неговата мисла или неговото дело, туку преку неговото банално, физичко присуство регистрирано од фабрички механизам. Мислителот е сведен на бинарна вредност, на објект во рацете на администрацијата. Неговото битие е условено од машината: ако не се отчукаш, ти не постоиш.
Оговарачки стил (Две комшивки на кафе)
– Леле, Маре, не ме прашувај, уште од сабајле ми се крена притисокот! Сварив едно убаво кафенце, седнав, и кога видов што се прави во оваа наша држава! А бе, ти текнува колку се фалеа со тоа нивното „свето и светло минато“, па напредок, па развој… Приказни за мали деца!
– Што збориш, ма душо? Што биднало пак?
– Аман, Маре, онаа нивна Заедница на слободни мислители, АЗСМ-мазесеем, како и да е… Целосно се расипаа! Порано демек храм на демократијата, демек сите паметни, а сега – чисто дивеење и неправда. А бе, бастион на беззаконието станаа!
– Е па, кога нема кој да им удри со тупаница на маса…
– Точно така! Онаа нивна главна фаца, претседателот или што и да е, си решил да си владее како што му сака душата. Закон? Каков закон, за него закон нема! А оние другите во Заедницата – сите си траат, мувци не лазат, збор не изустија. И замисли, се поставиле над Уставот на државата! Им рекле на вработените: „Што ќе одлучиме ние, тоа е последно! Нема жалби!“ Можеш ли да замислиш такво безобразие?
– Леле, леле… Па каде со тој памет, ма комшиче?
– Чекај, уште не си го чула најдоброто. Телата нивни, тие комисиите, донеле одлука дека секој можел да ти се пише коавтор на твоето дело! Пишуваш, твориш, и оп – некој друг ти се потпишува на трудот. Ама врвот, Маре, врвот на цела оваа нивна глупост е следново: на сите оние мислители им ставиле апарат за картички. Морале механички да се „отчукуваат“ кога доаѓаат и кога си одат како во фабрика од минатиот век! Срамота! Ги малтретираат луѓето со груб бирократски притисок. Сакаат со сила да им го контролираат секој чекор!
– А бре, мајка му стара, па и тие мислителите… Ако се толку слободни, зошто едноставно не се отчукаат од таму засекогаш?!
Епски јуначки стил (Како народна песна во десетерец)
Ајде, пукни тресни, земјо Апсурдистан,
што си славна, земјо, со свето минато,
со светло минато и со желба јасна,
да ми напредуваш, млада да развиваш!
Ал’ се навалиле тие црни денови,
во тоа ми исто место благословено,
што се викаше ми куќа на мислители,
храм на слободата, на демократија!
Па се престорило во клето кале,
во клето кале на беззаконие,
на беззаконие и на неправда.
Голем зулум прави тој првиот човек,
што ми заседнува на чело на АЗСМ.
Не ми суди тој по право и по закон,
тук’ ми суди, бре, по сопствена волја!
А другите јунаци, славни мислители,
ми удриле, бре, на голема тишина,
сите си молчат, со глава не мрдаат.
Па се крена кутрата Заедница,
се постави, бре, над силниот Устав,
па им вели, еј, на клетите вработени:
„Што ќе решиме ние во телата,
тоа е прво, тоа е последно!
Немате право на жалба кај кадијата!“
Уште поголем адет ми донесоа,
непростена клетва на јуначко дело:
што ќе сотвори кој било творец,
веднаш му се пишат туѓи коавтори!
А најсилен зулум, црна кулминација,
направи војводата со бирократија:
ми им наметна синџир и окови,
едно чудо големо, уредба за прекор,
да ми одат творци, секој божји ден,
на тие машини со рака да чукаат,
да си го отчукаат своето присуство!
Проплакаа, бре, клети уметници,
врзани со синџир на администрација!
Научнофантастичен стил (Кибер-дистопија од далечната иднина)
Ѕвезден сектор: Апсурдистан. Квадрант со античко, светло минато и висок индекс на планиран технолошки развој. Во срцето на овој сектор се наоѓаше социјалниот експеримент познат како „Заедница на слободни мислители“ (АЗСМ) – некогашен квантен храм на независната невронска симулација. Меѓутоа, во последниот временски циклус, дојде до системска хаварија: јадрото на демократијата доживеа колапс и се трансформира во дигитален бастион на неправдата и беззаконието.
Оваа системска деформација беше предизвикана од корупција во Главниот процесор – водечкиот хуманоид на АЗСМ. Тој го репрограмираше системот за да практикува деспотско менаџирање со помош на сопствениот субјективен алгоритам, целосно заобиколувајќи го Уставниот изворен код на државата. Преостанатите кориснички профили во Заедницата паднаа во режим на хибернација и тотален молк. Во следниот чекор, администраторите го подигнаа својот сервер над Централниот Устав на Апсурдистан. На сите поврзани единици (вработените) им беше испратен протокол со предупредување: „Одлуките на внатрешните одбори се конечни. Пристапот до функцијата за жалба е трајно блокиран“.
Понатаму, софтверските тела на Заедницата внесоа нов деструктивен код во мрежата: сите автентични мисловни продукти на инженерите-творци автоматски беа означени како софтвер со отворен код за присилно коавторство, со цел бришење на индивидуалната интелектуална ДНК.
Системската кулминација на оваа тиранија се случи кога на творците им беше инсталиран груб бирократски интерфејс за притисок. Нивните органски мозоци беа принудени да се покорат на задолжителен механички имплант за отчукување. Секој креативен циклус сега мораше да биде квантифициран и потврден преку терминал за физичко присуство. Доколку биометрискиот импулс не се отчука навреме во Централната база, невронската мрежа на творецот се исклучуваше од системот, оставајќи го само како празна бинарна лушпа.
(продолжува)
































