Андреј Пленковиќ /Фото: ЕПА

Изјавата на премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, за бриселските преседани во однос на Македонија во евроинтегративниот процес

  • Изјавите на Андреј Пленковиќ, критиките на Зоран Милановиќ и пошироките европски сомнежи за политизацијата и двојните стандарди во
    процесот на проширувањето на ЕУ отвораат прашање што Скопје веќе подолго време јасно го поставува. Имено, дали европската интеграција сè уште се води според заеднички правила и критериуми или сè повеќе зависи од политичката волја на поединечни држави?

Деновиве во јавноста беше изречена уште една реченица, уште едно становиште, изговорено речиси попатно, кое одекна многу посилно и се наметна над долгите дипломатски соопштенија. Таков акцент имаше во изјавата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој, објаснувајќи го односот на Загреб кон пристапувањето на Црна Гора во Европската Унија, ја посочи нашата држава како пример за поинакво, многу понеповолно искуство во европскиот интегративен процес.
Но суштината на неговата порака не беше само во споредбата меѓу двете соседни држави Хрватска и Црна Гора, од кои вторава е земја кандидат за ЕУ… Многу поважно беше што еден актуелен премиер на земја членка на ЕУ јавно признава дека Македонија, и покрај раното институционално приближување кон европските структури, со децении останува заглавена пред вистинскиот почеток на пристапните преговори.
Премиерот Пленковиќ јасно издвои „изгубени години“, говореше за разликите во пристапот кон соседите и за одлуката Хрватска „да не го повторува моделот на блокирање“… Хрватскиот премиер со тоа повторно гласно отвори многу непријатно прашање за Брисел, имено како е можно држава што со години ги исполнува обврските од европската агенда да остане во чекалницата поради спорови што не се сведуваат на класичните критериуми за членство?!
За нас во Македонија секако дека ова не е ново прашање, но она што е ново е фактот што сè почесто ваквото прашање се поставува и надвор од Скопје, од политичари што не можат лесно да бидат отфрлени како противници на европската интеграција или, на пример, како гласноговорници на македонските национални позиции…

Од технички процес до европско заложништво

Македонскиот европски пат одамна ја надмина рамката на вообичаениот процес на пристапување. Од кандидатскиот статус во 2005 година, преку долгогодишното чекање за почеток на преговорите, до промената на државното име и новите условувања поврзани со уставните измени, земјата се соочи со низа политички пречки што го поткопаа чувството дека европската перспектива е предвидлива и заснована врз еднакви правила.
Преспанскиот договор, донесен под притисок, можеби ја отстрани долгогодишната блокада од Грција, но не донесе автоматско отворање на преговарачкиот процес. Наместо очекуваниот премин кон техничко оценување на реформите, следуваше нова фаза на условувања, овој пат поврзани со односите со Бугарија и со уставните измени договорени во европската рамка. Така, Македонија стана пример за опасноста од претворање на проширувањето во процес во кој билатералните спорови можат да добијат поголема тежина од самата методологија на пристапување. Се разбира дека дел од македонските внатрешни системски предизвици и реформи не е ослободен од обврски за преструктурирања, односно дека реформите треба да бидат релативизирани. Напротив, владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата и функционалноста на институциите остануваат суштински критериуми. Но токму затоа е неопходно да се направи јасна разлика меѓу реформските барања што важат за сите кандидати и политичките услови што произлегуваат од специфични билатерални конфликти. Европската Унија нека бара реформи, но тешко дека може да ја одбрани својата веродостојност ако кандидатите добиваат впечаток дека исполнувањето на правилата не е доволно за процесот да продолжи.

Пленковиќ и Милановиќ: Две позиции и една непријатна порака за Европа

Особено е значајно тоа што сигналите не доаѓаат само од една политичка адреса во Хрватска. Претседателот Зоран Милановиќ во повеќе наврати го критикуваше односот на европските институции кон Македонија, предупредувајќи на опасноста од условувања што навлегуваат во прашањата на националниот идентитет, јазикот и историското самоопределување. Милановиќ и Пленковиќ не се политички сојузници во домашната хрватска политика, ниту нивните ставови за сите европски прашања се идентични. Токму затоа, кога од двете различни политички позиции доаѓаат пораки што ја проблематизираат положбата на Македонија, нивната тежина не треба да се потценува. Кај Милановиќ доминираат одбраната на правото на национално самоопределување и критиката на политичките притисоци. Кај Пленковиќ, актуелната споредба со Црна Гора ја отвора темата на институционалната доследност и последиците од билатералните блокади. Тоа се различни пристапи, но нивен заеднички именител е прашањето дали европската политика кон Македонија ги исполнува стандардите што самата Унија ги поставува пред кандидатите. Нивните јавни позиции се значајни како политички аргумент дека начинот на кој се води проширувањето создава сериозни дилеми за кредибилитетот на европскиот проект.

Црна Гора како огледало на македонското искуство

А случајот со Црна Гора ја прави изјавата на Пленковиќ особено актуелна. Црна Гора на 12 октомври 2026 година привремено затвори уште три преговарачки поглавја, со што нивниот вкупен број достигна 21 од отворените 33. Истовремено, Загреб ги поставува своите осум барања, меѓу кои се прашањата за логорот Морињ, воените злосторства, исчезнатите лица, имотните спорови и разграничувањето. Овие прашања не се безначајни. Правото на жртвите на правда, утврдувањето на одговорноста за воените злосторства и решавањето на меѓудржавните спорови се легитимни теми за билатерален дијалог. Прашањето е, меѓутоа, како тие се поврзуваат со процесот на пристапување и дали нивното решавање се претвора во дополнителна политичка пречка за кандидатот. Кога една членка може да го забави напредокот на кандидатот поради нерешени билатерални прашања, тогаш станува видлива структурната слабост на системот на едногласност. Она што за едни е легитимно барање за историска правда, за други може да изгледа како непропорционална употреба на правото на вето. Но тука се наметнува и суштинската разлика. Црна Гора преговара, отвора и привремено затвора поглавја, додека Македонија сè уште не го отворила првиот кластер. Европската комисија и натаму ги наведува уставните измени и реформските задачи како услови за напредок на Скопје. Затоа споредбата со Црна Гора не треба да се сведе на натпревар меѓу две држави. Таа треба да биде повод за испитување на поширокото прашање за тоа дали Унијата располага со доволно јасни механизми што ќе спречат политичките несогласувања да ја потиснат логиката на пристапниот процес.

Варшавската група и можноста за поинаква европска политика

Во поширокиот европски контекст, во јавноста се појавија и повеќе вакви реакции преку кои беше прозвана двојната политика на Брисел, вклучувајќи го и евроинтегративниот пат на Македонија. Имено, потсетуваме дека и лидери и земји членки на ЕУ се залагаат за поефикасно проширување, поголема геополитичка одговорност на Унијата и намалување на просторот за билатерални блокади. Во тој контекст особено се издвојува Варшавската група, односно форматот на соработка меѓу Полска, Чешка, Словачка и Унгарија. Се разбира дека треба да се издвои фактот дека нејзините членки немаат идентични ставови за сите прашања, па не би било основано да се претстават како „единствен политички блок што безусловно ја поддржува Македонија“, но во секој случај принципиелниот и легалистички приод на овие држави е недвосмислена поддршка за македонскиот јазик, историја, традиција и посебност, како и за инсистирањето за европско придржување на утврдените критериуми за интеграција во ЕУ, а не нивно политичко или билатерално „растегнување“ и условување.
– Вистинската можност за Скопје лежи во градењето сојузништва со поединечни држави и политички претставници што се подготвени да ја поддржат предвидливоста на проширувањето и еднаквата примена на европските правила. Европа денес се соочува со безбедносни, економски и геополитички предизвици што ја прават интеграцијата на Западен Балкан многу повеќе од административно прашање. Во услови на војна на европскиот континент, конкуренција меѓу глобалните сили и потреба од зајакнување на европската стратешка автономија, долгорочното држење на земјите од регионот пред вратата на Унијата може да се покаже како стратешка грешка. Европската комисија и Европскиот парламент веќе ја нагласуваат геополитичката важност на проширувањето. Но политичката поддршка мора да се преточи во конкретни механизми за појасни критериуми, предвидливи рокови, транспарентност во оценувањето и заштита на процесот од непропорционално влијание на билатералните спорови. За Македонија, тоа е можност да ја пренасочи дебатата од постојаното објаснување на сопствените отстапки кон прашањето за одговорноста на европските институции. Не со отфрлање на реформите, туку со барање тие да се оценуваат врз основа на јасни, мерливи и еднакво применливи стандарди – вели наш долгогодишен соработник, дипломат од кариера.

Европа мора да одговори на сопствената противречност

Нашиот соговорник инсистира во разговорот повторно на изјавата на Пленковиќ, бидејќи, како што вели, во овој момент е исклучително важна затоа што „ја потсетува Унијата на сопствената одговорност“!
– Ако европската интеграција е процес заснован врз заслуги, тогаш правилата мора да бидат доволно јасни за политичката волја на поединечните влади да не стане поважна од исполнувањето на критериумите. Ако, пак, билатералните спорови останат составен дел од механизмот за условување на членството, тогаш Брисел мора отворено да признае дека процесот не е исклучиво технички и мериторен, туку и политички. Токму во тој јаз меѓу декларираните принципи и реалната практика се создава просторот за критиките што сè почесто доаѓаат од самите европски политички кругови. За Македонија, најголемата можност е тие критики да прераснат во пошироко европско преиспитување на начинот на кој се води проширувањето. Европската иднина на Македонија не треба да зависи од тоа кој европски лидер ќе ја спомене во следното интервју. Таа треба да се темели врз јасен пристапен процес, кредибилни реформи и почитување на принципите на кои почива Унијата. Но кога европски лидери јавно ја посочуваат македонската блокада како пример за поинаков пристап од оној што го застапуваат во односите со други кандидати, тоа е сигнал што официјално Скопје не смее да го игнорира. Вистинската дипломатска шанса не е во очекувањето дека Европа ќе ја признае сопствената грешка, туку во создавањето услови сè потешко да може да ја игнорира. Македонија треба да остане посветена на европскиот пат, но и да бара тој пат да биде управуван од правила, а не од бескрајно менување на политичките услови. Зашто европската перспектива ја губи својата смисла во моментот кога кандидатот мора постојано да докажува дека припаѓа во Европа, додека самата Европа не успева да докаже дека нејзините правила важат еднакво за сите- поентира нашиот соговорник, дипломат со исклучително искуство во меѓународните односи и дипломатија.

П.Р.


Реструктурирањето на ЕУ – прозорец за Македонија, но не и гаранција

Европската Унија влегува во период во кој повторно се отвораат прашањата за нејзиното институционално функционирање, способноста за донесување одлуки и идниот модел на проширување. Дебатите за реформа на процесот на одлучување, постепена интеграција и можни модели на членство создаваат простор за ново размислување за Западен Балкан. Сепак, реструктурирањето на Унијата не треба да се третира како извесен настан што автоматски ќе ги отстрани македонските пречки.
– Засега, ниту постои гаранција дека евентуалните институционални промени во ЕУ ќе го укинат правото на вето во пристапните преговори. Доколку Скопје сака да ја искористи новата политичка динамика, мора да настапи со конкретни предлози, внимателно изградени партнерства и дипломатска иницијатива. Првата задача е да се бара јасно разграничување меѓу обврските што произлегуваат од европското право и реформските критериуми, од една страна, и прашањата на историското толкување, идентитетот и билатералните односи, од друга. Втората е да се изгради поширока коалиција во рамките на ЕУ што ќе се залага за предвидливост и неполитизираност на процесот. Третата е домашната реформска агенда да се спроведува со уште поголема сериозност, за аргументите на Скопје да имаат и политичка и фактичка тежина. Тоа подразбира и активна комуникација со националните парламенти, европратениците, владите на членките и европската јавност. Македонија не може да се потпира само на повремени изјави на добронамерни европски политичари. Таа мора да создаде дипломатска инфраструктура што ќе ги претвора таквите изјави во постојан политички притисок за доследност – потсети нашиот соговорник низ брифингот на темата дали Македонија може повеќе да очекува од претстојната реструктурирана ЕУ.

П.Р.